„ЛАШТИГЕРОТ“ – ЛОКАЛИТЕТ СО ОСТАТОЦИ ОД УТВРДЕНА НАСЕЛБА ОД БРОНЗЕНОТО ВРЕМЕ НА ИМПОЗАНТНА ТУМБА КАЈ СЕЛОТО МАНАСТИР, ПРИЛЕПСКО (ДОПОЛНУВАЊЕ)
На десниот брег на Црна Река (Еригон), од десната страна на патот Прилеп–Витолиште, се наоѓа една голема тумба со исклучително правилна форма на конус со пресечен врв. На горниот дел од тумбата има рамнина со површина од околу 0,3 ха, која зафаќа доминантно место над околниот простор и е вистинско место за набљудување на пошироката околина. Жителите на селото Манастир ова место го нарекуваат „Лаштигер“, а според некои дообјаснувања ова име настанало со искривување на постарото „Влашки Град“. Овде локалитетот го споменуваме не поради неговата импозантност, туку повеќе поради остатоците од праисториска населба, кои се среќаваат на површината на тумбата. Имено, на нејзините падини се среќаваат фрагменти од керамички садови, питоси, покривна керамика и сл., кои според формата и украсувањето упатуваат на култура од бронзениот период.[1] Во секој случај, сигурно е дека се работи за остатоци од населба од праисторијата која била расположена на оваа голема тумба и на нејзините падини. На дел од западните падини на тумбата керамиката е многу позастапена, а некои форми на теренот индицираат и постоење на траги од извесни градби. Со оглед на фактот дека керамиката од подоцнежните времиња не е застапена или ја има сосема ретко, може да значи дека на тумбата егзистирала населба само во предисторискиот период. На западниот раб на рамнината од тумбата се пронајдени значителни количества печен куќен лепеж, кои упатуваат на градби со таков материјал кои се карактеристични за бронзеното време.
Импозантната тумба „Лаштигер“ („Влашки Град“), поседувала и утврдување на нејзиниот рамен дел на врвот на што укажуваат острите рабови на приближно кружната рамнина и растурениот камен на нејзините падини, посебно на североисточната, како и извесни остатоци од ѕидови на рабовите на платото. Значи праисториската населба на оваа тумба располагала и со ограден ѕид за заштита на населението од нападите на непријателите. Дека оваа тумба има исклучителна позиција со стратегиско значење покажуваат и рововите од Првата светска војна кои и денес се наоѓаат на неа. Според тврдењето на жители од селото Манастир, едниот од рововите претставувал топовско, а другиот митралеско гнездо.
На рамниот дел на тумбата, на нејзините падини и терасесто оформените делови, па и во нејзиното подножје се среќаваат бројни фрагменти од керамички садови, како рачки со јазичеста или трапезоидна форма, рачки со јазичеста форма или со кружен пресек, устинки со плетеници и други видови украсување, устинки од питоси со разновидна големина и сл. На некои места се сртеќаваат и помали купчиња од фрагменти од керамички садови, со украсеување или без украсување. Карактеристиката и украсувањето на керамиката упатуваат на бронзениот период, а земјата од која била направена е од мдомашно потекло, што значи дека на тој простор имало и производство на керамички садови.
Доминантноста на тумбата на оваа населба и давала посебно значење, за следење на поширокиот простор, за контрола на патот кој водел кон југ и сл. Во пошироката и побслиската околина има повеќе локалитети со слична култура, што упатуваат на констатација дека населбата не била осамена и даваат можност за согледување на структурата на населување бронзениот период во поширокиот простор. Погоре по реката, на десниот брег на Црна Река се наоѓала слична населба на локалитетот „Градиште“ кај селото Манастир, западно од „Лаштигер“ на истата страна на реката е локалитетот „Ќулавите“, а на спротивната страна, се локалитетите „Црна Тумба“, „Трештена Стена“ во атарот на селото Манастир и „Богданова Нива“ во атарот на селото Чаниште. Во поширокиот простор се среќаваат локалитети со слични културни остатоци во атарот на селото Крушевица, Дуње, Кален, Вепрчани, Пештани и на други места.
1 Извештај од рекогносцирање на археолошки локалитети во Мариово, Завод и Музеј–Прилеп 2001.
ФРАГМЕНТИ ОД КЕРАМИЧКИ САДОВИ ОД ЛОКАЛИТЕТОТ „ЛАШТИГЕРОТ“
Устинка од помал питос и два други фрагменти од керамички садови Група од фрагменти од керамички садови Устинка од помал питос Две рачки и неколку други фрагменти од керамички садови Две рачки од керамички садови со различни форми Тесен влез на северниот раб на платото Две рачки со различни форми од керамички садови Устинка од питос со помала форма Устинка од питос со средна големина Неколку фрагменти од керамички садови Неколку фрагменти од керамички садови 2 Три устинки од керамички садови
ОД КАРПЕСТОТО ПЛАТО НА „ЛАШТИГЕР“
Поголема камена тераса од југоисточната страна Терасести форми на карпестото плато Остаток од ѕид на југозападната страна на платото Скалесто оформен влез од северната страна Скалесто оформен влез од југоисточната страна Јама за столб на работ на платото Скалести форми на работ на платото од северната страна Тесен влез на северниот раб на платото