ГРОМОТ НА СЛАВАТА И БОЖЕСТВЕНОСТА – Македонските аспекти во трагедиите на античкиот писател Еврипид –
На почетокот на дваесетиот век, во околината на Охрид е пронајден еден стар лексикон, чиј автор е еден од најпознатите теолози и еден од најблескавите хуманисти од IX век на нашата ера, Фотиј. Во лексиконот, меѓу другото, се среќаваат и фрагменти од делата на античкиот писател на трагедии, Еврипид, еден од тројцата најголеми трагичари на античката класика, по хронологија последен од големата тројка заедно со Есхил и Софокле, но во исто време и најуспешен трагичар. Овој факт не наведува на размисла дека Еврипид, како и многу негови претходници и современици на големата уметност на Балканот и во светот, како и други сподвижници на развојот на светската култура и уметност – филозофи, историчари, скулптори, сликари и сл., биле следени, изучувани со векови наназад во нашиот простор, од нивното појавување, па се до денес. Веројатно е дека Еврипид бил изучуван, а неговите драми изведувани и во времето на најсветлите мигови на развојот на културата и писменоста на македонските простори, односно во времето на светите браќа Методиј и Кирил, како и во времето по нив, кое со огромна енергија го понесле нивните ученици св. Климент, св. Наум, Сава, Ангелариј, кога е создадена и големата Охридска школа, која функционирала како вистински универзитет, еден од најстарите на Балканот и во светот.
Ако се знае дека последните години од својот живот и творештво Еврипид ги поминал на македонско тло, каде ги создал и своите последни трагедии, а кои се одликуваат со висок уметнички дострел и врв на драмското творештво во антиката, погореизнесеното станува уште појасно, а особено поттикнувачко за соодветен третман и истражување на ваквите појави на македонско тло. Уште повеќе, може да се каже дека Еврипид и во постарите векови, веројатно, бил сметан и за еден од „домашните“ автори. Зашто, како што е познато од неговата биографија, откако му „досадила“ атинската демократија, Еврипид наоѓа засолниште и мир, но и творечка инспирација, доаѓајќи во дворот на македонскиот крал Архелај,1 кој го поканил во својата престолнина, Пела и му овозможил простор за живеење и творештво, како и на многу други класици од тоа време – поети, писатели, скулптори, ликовни уметници, филозофи, лекари и други учени личности од неговото време. Меѓу другите, во Пела престојувале и живееле: трагичкиот поет Агатон, лекарот Хипократ, дитирамбскиот поет Меланипид, епскиот поет Хајрил од островот Сам, музичарот Тимотеј од Милет, сликарот Зевскид од Хераклеја, кој го украсил дворот и други.
Македонскиот крал, Архелај, организирал и драмски натпревари во Дион2 каде се наоѓале голем број светилишта посветени на разни богови од важечкиот пантеон, а таму се наоѓал и гробот на митолошкиот музичар и поет, Орфеј,3 за кого се тврдело дека е роден, токму, во областа во која бил и неговиот гроб, односно Пиерија, која е најјужната област на античка Македонија, на северната страна од светата планина, Олимп – седиштето на боговите. Заштитник на натпреварите бил Орфеј, митолошкиот поклоник на уметноста, музичарот кој со својата музика ги вознесувал и луѓето и животните, како и дрвјата и карпите, та влегол дури и во пеколот по својата мртва Евридика. На овие натпревари учествувале најпознати поети, трагичари и други драмски писатели. На нив, Еврипид учествувал со своите дела, „Бакхи“, „Ифигенија во Авлида“ и загубената трагедија „Архелај“.
Со доаѓањето во Пела, во Македонија, Еврипид се соочил со една поинаква реалност, која ги поттикнала неговите творечки пориви. Токму тука, тој со големо вдахновение навлегол во митолошките и религиските основи на цивилизацијата на Балканот, проникнувајќи во корените на најстарите култни обреди и процесии. Практикувањето на религијата и религиските активности во овој дел од Балканот на сосема својствен и автентичен начин, со голем жар, посветеност, како и со длабоки и реални чувства на верба, предизвикале кај авторот посебно внимание, го поттикнале во него божественото и надземното и го внесле во посебна духовна и творечка состојба. Дали, можеби, овој простор во кој ги поминал последните години од својот живот, е местото на раѓањето на митологијата, како и на религиската идеологија на стариот свет? Меѓу населението него постоело верување дека тука се родиле деветте музи, наречени Пиериски поради областа Пиерија, божествени суштества, кои ги создале основните човечки вредности и мудростите, обдарени од големиот бог Аполон со мудроста на радоста на живеењето, на музиката, на знаењето и на комплетното животно искуство. Тука, одблизу го почувствувал Орфејскиот дух, духот на ненадминливот музичар и поет, Орфеј, творец на божествена музика и божествени стихови, бескомпромисен поклоник на боговите Дионис и Аполон, многу почитуван и обожуван. Него го наследил и неговиот син Мусај (или Музеј),4 кој бил свештеник на Музите и за кого се сметало дека е син на божицата на месечината, Селена. Со вакви митолошки творци и божествени суштества, под закрила на патронот Аполон – богот на светлината, на знаењето и мудроста, како и на пророштвата, како и под закрила на уште еден божествен патрон, богот Дионис – бог на виното, на раѓањето и смртта, на радоста на живеењето, се запознал Еврипид во Македонија. Во таков амбиент, тој морал да доживее своевиден творечки вознес и проникнат со свежи идеи и чувства, кои толку многу влијаеле на него што, дури, ги променил и своите основни сфаќања за боговите и митологијата и тоа вистински го испеал во своите последни трагедии, посебно во „Бакхи“ за која добил прва наградана драмските натпревари. Во „Бакхи“ тој како да се враќа на божествените основи на животот, давајќи му место на Дионис достојно на еден бог, со вистинска сила, како бог кој неминовно треба да се почитува и слави и кому треба да му се поднесуваат жртви за да се живее среќно, за да не се доживуваат трауми и трагични моменти во животот, зашто тој е сопственост на боговите, дар кој тие им го подаруваат на луѓето и животните, како и на целата жива природа. Се чини дека во Македонија Еврипид се запознал со изворниот култ на Дионис, бидејќи тука овој култ бил најжив и се практикувал на автентичен начин, а култните обреди и процесии се одвивале со голем жар, со искрено чувство и силно верување. Токму поради тоа, Еврипод во својата трагедија „Бакхи“ како да се согласува со казнувањето на Пентеј, еден од главните јунаци во драмата, крал на Теба, внук на митолошкиот крал Кадмо,5 од неговата ќерка Агава. Пентеј не сака да ги прифати празнувањата посветени на Дионис на неговата територија и, потценувајќи го богот, со прогонување на Бакхите (некаде Мајнади), свештенички и придружнички на Дионис, доживува ужасна трагедија, која му ја предизвикал Дионис, кој еднаш се појавува како смртно човечко суштество, другпат како бог. Трагедијата што му се случила на Пентеј е вистински пораз за неверниците, зашто тој завршил на грозен начин, растргнат од Бакхите, неговото тело делумно било изедено, а неговата глава, како учесничка во славењето, ја зема неговата мајка, која во дионизиско пијанство и занес, не го препознава својот син и главата му ја носи на тебанскиот двор каде се освестува и ја согледува вистината соочена со бескраен ужас.
Во „Бакхи“ Еврипид како да расчистува со својата верба во боговите, кои во претходните трагедии ги изедначува со луѓето, често припишувајќи им сосема човечки особини и димензии, надминувајќи ги важечките сфаќања за тоа време, поради што бил осудуван од атињаните. Од друга страна, токму „враќањето“ кон боговите на Еврипид му овозможило да доживее вистинско вдахновение и да напише врвни дела, како што се „Бакхи“, „Ифигенија во Авлида“ и други.
Во стиховите на трагедијата „Бакхи“, Еврипид на неколку места пее за суштини и содржини со асоцијација на македонските простори, пред сè, на Пиерија. Директна асоцијација има во првиот стасимон (стоечка песна) на првиот Еписодиј, во втората строфа од песната на хорот. Тука Еврипид пее за земјата во која богот Дионис се слави достојно, без ограничување и забрани. Таму има и „милост“ и „љубов“, зашто допуштаат богот Дионис да се слави. Земјата е „прекрасна Пиерија“ над која се издига „свет рид Олимп“.
И в прекрасна, еј, Пиерија,
на Музи кајшто седишта се,
и на сето брдо Олимп.
Таму води ме, Бромије, Бромије,6
Боже, водичу на Бакхи!
И милост таму е, и љубов,
Кајшто допшуштаат Бакх7 да се слави.
Повторно во песната на хорот, во вториот Еписодиј, во т.н. песна Епода, се споменуваат места во Македонија. Тука хорот му се обраќа на Дионис, споменувајќи ги местата кои се сметаат за негова татковина (кадешто го одгледале нимфите). Меѓу другото, се споменува и Орфеј, кој со својата свирка ги „повел“ дрвјата и дивите ѕверови. И овде се споменува македонската област Пиерија, која е „среќна“ зашто Евиј (Дионис) ѝ прави чест доаѓајќи во „служба света“ откако ќе го премине Аксиј (Вардар), со своите танчерки мајнади, кои ги води со себе и потоа, минувајчи ја реката Лидијас, исто така река во Македонија за која се вели дека е „родена“ во „крајот красен с’коњи“.
Ил си шумовит дол некој
Олимписки, Орфеј кај дамна
с’песна нежна и со свирка
дрвјата ги кренал, собрал
диви ѕверовитој повел.
Среќна си ти о Пиеријо;
Евиј8 тебе чест ти прави,
доаѓа во служба света,
штом ги премине брз Аксиј, –
танчерки, мајнади води,
Тенка снага да си вијат –
Лидијас ја мине, среќа,
блага што на смртни дари
и ги плиска с’вода бистра, –
слушам-крајот красен с’коњи,
неа што ја роди.
Како што се гледа, Еврипид грижливо ги одбира зборовите за секој стих, за секое посебно искажување, употребувајќи вознесувачки стихови за реките Аксиј и Лидијас, за земјата Пиерија и, воопшто, за крајот за кој пее, Македонија.
Во трагедијата „Бакхи“ Еврипид, на исклучителен начин, преку стиховите, ги опишува и свеченостите во чест на Дионис, раскалашната оргијастичка игра на мајнадите, односно Бакхите, кои ова име го носат во чест на богот кој го слават и следат, односно, Бакх, кое е друго име за Дионис. Во оргијастичкото славење учествува и Агава,9 ќерка на митолошкиот крал на Теба, Кадмо, а мајка на кралот на Теба, Пентеј, кој ги прогонува мајнадите не верувајќи во постоењето и моќта на богот Дионис, чија мајка Семела, исто така ќерка на кралот Кадмо, изгорела по зачнувањето на богот, при една појава на врховниот бог Ѕевс во својата вистинска божествена форма. Преку пеењето на гласникот, Еврипид, со вистински занес, ги опејува игрите посветени на богот. Гласникот му пренесува на Пентеј се што видел во планинските предели каде што се одржувале мистериите:
И прво коси пуштија по рамена
и кожи средија; се пуштил јазол ли
ил’ врвца, кожа пегава врзуваа
со змиите, што образи им лижеа.
А други – в раце волче, диво јаренце,
ги дојата со бело млеко; заради пород скор
ним цицки им набрекнале – доенчиња
оставени. Со бршлен се овенчале,
со тиса цветна и со лисје дабово.
Стихови во кои се пее за простори во Македонија или за места и митолошки суштества, кои водат потекло од неа, се среќаваат и во другите трагедии на Еврипид. Меѓу нив, посебно во неговата трагедија „Ифигенија од Авлида“ која, исто така, ја испеал на драмските натпревари кои ги организирал македонскиот крал Архелај во градот Дион, под светата планина Олимп. Темата и во оваа драма е позајмена од најстарата митологија. Таа се надоврзува или произлегува од митологијата, која ја среќаваме и до делата на најстариот автор од балканот, Хомер, односно во неговите „Илијада“ и „Одисеја“. Ифигенија е ќерка на Агамемнон, водачот на Ахајците под Троја, најголемиот и најмеродавниот меѓу јунаците во војната за градот Троја, кој раководел со опсадата и заземањето на овој славен град. По наредба на божицата Артемида, Агамемнон бил приморан да го жртвува сопственото чедо, својата ќерка Ифигенија, доколку сака успешно да доплови до градот Троја и да ги победи Тројанците.
Во вториот стасимон од вториот Еписодиј, во пеењето на хорот, во завршната песна наречена Епода, повторно се споменуваат Музите од Пиерија, преку формата „плочи пиеридски“:
Леда от’ те роди
с’птица крилатица –
Ѕевс бил така сторен;
или плочи пиеридски
сказни разнесле такви
кај луѓето баш во лошо време?
Пиеридски се однесува на Музите од Пиерија, бидејќи таму биле славени на посебен начин, од поетите биле нарекувани Пиериди. Во горните стихови, меѓу другото, се поставува сомневање за веродостојноста на тврдењето дека Елена, грабнатата убавица, жена на спартанскиот крал Менелај, братот на Агамемнон, е родена од Леда и Ѕевс, кој за да ја обљуби се претворил во птица, односно, во лебед. Зашто, токму, грабнувањето на Елена од принцот на Троја, Парис (Александар) е причина за десетгодишната војна и безбројните трагедии предизвикани од неа околу ѕидините на градот. Индиректно, и жртвувањето на Ифигенија е последица на овој голем настан.
Пиеридите, односно, Музите од македонската област Пиерија се споменуваат и во третиот стасимон од вториот Еписодиј, во пеењето на хорот, во стихот под број 1040:
Пиериди краснокоси што на свадба дошле,
на веселба на бози
со сандали цупкајќи
свадба на Пелеј да слават.
Стиховите се дел од опевањето на свадбата на родителите на главниот јунак од Тројанската војна, Ахил, односно на свадбата на Пелеј Мирмидонецот од Тесалија, синот на Ајак10 и Тетида,11 морската титанка на кои им е препорачано од боговите да го родат најголемиот јунак под Троја, кој бил на страната на Ахајците, Ахил. Пиеридите се, токму, тие кои на веселбата ѝ даваат сјај и ја вознесуваат до божествени размери.
Малку подолу во антистрофата на Хорот, Музите се споменуваат без асоцирање на земјата на нивното потекло, при пеењето за пророштвото на Аполон за Ахил, синот на Тетида, ќерката на Нереј, еден од титаните:
И моми Тесалки Нерејева о ќерко,
сјајно „викнаа“ сјајно сонце –
врач Аполон, Хејрон
од Музи учен
прорече – маж ти ќе родиш
што ќе појде с’ Мирмидонци12 с’ долги копја.
Славниот митолошки пеач и музичар Орфеј се споменува во четвртиот Еписодиј во монологот на Ифигенија, која ги посакува неговите способности на музичар за да може да ја измени својата трагична судбина, односно да го спречи нејзиното жртвување на божицата Артемида:13
Да имав, татко, глас Орфејев, камен јас
да знам да смекнам за да тргне по мене,
да можев кого сакам с’ збор да маѓепсам,
ќе одев јас на тоа …
Во осумнаесетте сочувани дела на Еврипид, старите митолошки темисе преработени на неми својствен начин. Кај него, ниту боговите, ниту хероите не се совршени суштества. Додека боговите се подложни на разни слабости својствени за смртниците, правејќи притоа гревови спрема своите миленици, хероите често не се совршени личности и се подложни на слабостите, при што тие можат да се најдат духовно скршени и неретко да се видат како плачат над својата судбина, која им ја одредиле боговите. Карактеристичен е примерот во трагедијата „Хиполит“ во која Еврипид за она што му го подготвува како одмазда на Хиполит, синот на атинскиот крал Тезеј и на кралицата на Амазонките Антиопа, божицата Афродита, поради непочитувањето, кое го изразил кон неа. Таа, како божица на љубовта, ја исполнува со еротска љубов кон Хиполит неговата маштеа Фејдра и создава ситуација сето тоа да заврши со самоубиство на Фејдра и трагичен крај на Хиполит. Неговиот татко, кој вистината ја согледува сосема на крајот, исто така, останува во тага поради загубата на сопругата и синот.
Митските содржини се обработувани во голем дел од драмите на Еврипид, но по својата уметничка форма, освен „Хиполит“, се издвојуваат и трагедиите, „Ифигенија во Авлида“ и „Бакхи“, кои се сметаат за врвни остварувања на античката трагедија. Имејќи го предвид и фактот дека тие настанале по доаѓањето на Еврипид на дворот на македонскиот крал Архелај во Пела, има можност за посебна анализа и истражување на македонските аспекти во животот и творештвото на овој славен антички автор. При ваквата анализа не може да се одмине актуелната традиција, народното создавање и митолошките содржини од тоа време. Таа анализа треба да подлежи на литературно-историски, политички, критичко-уметнички и општествено-социјални согледувања на времето во кое живее и твори овој трагичар. Со посебен осврт на важечката митологија и народното творештво на просторот кој предизвикал специфична продуховеност и духовност, која влијаела на личното преиспитување на авторот (Еврипид) во однос на важечката митологија и религиско верување, особено на промената на неговиот однос кон верата и боговите. Приоѓајќи им на важечките научни сфаќања и толкувања на античката митологија и религија на Балканот и Мала Азија, може да се каже дека во голема мерка се случува еднострано толкување, барем што се однесува до просторот накој е расположена античка Македонија. Да не ја исклучуваме Тракија, која е подиум на појава на митолошки суштества и митолошки настани, а која е непосреден сосед на Македонија, а нивните односи биле во постојано преплетување. И од досегашните анализи и толкувања, јасно е дека македоснкиот простор е дел од поширокиот „подиум“ на кој се создавала, односно се раѓала најстарата медитеранска митологија. Уште повеќе, познато е дека во македонскиот простор постоела активна традиција на практикување активности поврзани со верувањето во митолошките суштества и култови. Од друга страна, следејќи ја античката литература и, воопшто, пишувањето на античките писатели, јасно е дека во основата на создадените дела се вградени и самите митолошки содржини и преданија со сликовите прикази на култните обреди, чествувања и обичаи. Всушност, почитувањето на тогашните богови и култови и народното творештво кое било создавано под такво влијание, биле основа за создавање на врвни уметнички дела од страна на античките писатели, полни со интензивна драматика, префинета поетичност и возбудлива содржина, поради кои, и денес, не ја губат својата актуелност. Во случајот со Еврипид и неговите трагедии тоа е сосема јасно видливо, особено во оние создавани со нагласено доживување на боговите и настаните поврзани со нив, кои самиот тој претходно ги поставувал во многу пореална форма, без особена идеализација. Токму, почитувајќи ги боговите, како и традицијата поврзана со нив, тој успева да создаде дела, кои со својата зрачност ги надминуваат дотогашните уметнички дострели. Некои од авторите, кои прават анализа на неговите драми, овој момент од неговото творештво го поврзуваат со можноста во Македонија, посебно во областа Пиерија, која се наоѓа под самото седиште на боговите, односно под светата планина Олимп, тој изворно да се запознае и силно да доживее определени митолошки содржини и култови, кои активно и со голем жар се почитувале и изведувале во тој простор.
Самиот Еврипид е „благословен и почестен“ со голема чест од боговите можеби, токму, поради „враќањето на вербата“ во нив во последните години од неговиот живот. Напуштајќи ја Атина тој во Македонија останал до крајот на својот живот. Умрел во 407/6 години п.н.е. и е погребан во Аретуса кај градот Амфипол, во областа Мигдонија која, исто така, е македонска област. Атињаните побарале да им се испрати пепелта од телото на писателот, но македонскиот крал не одговорил на ваквото барање. Го погребале во гроб во Аретуса, каде, според преданието, во гробот удрила молња во знак на уважување од страна на боговите. Претходно, повторно според предание, вакво значење и чест боговите му дале на митолошкиот крал и законодавец на Спарта, Ликург, за кого се зборува дека прв ги собрал и комплетирал делата на Хомер. На тој начин, боговите ја увеличиле славата на Еврипид и неговото постоење го овенчале со божественост. На неговиот гроб во Аретуса долго време доаѓале почитувачи на неговото дело, кои му изразувале почит. Зад него останале помеѓу 75 и 92 драми од кои се зачувани следните: Алкестида (438 г.), Медеја (431 г.), Хиполит (428 г.), Хекаба, Андромаха, Хераклејди, Хикетиди, Бесниот Херакле, Тројанки (415 г.), Електра (413 г.), Хелена (412 г.), Ифигенија во Таврида, Јон, Феничанки, Орест (408 г.), Ифигенија во Авлида, Бакхи. Последните две не се изведувани за време на неговиот живот. Освен овие драми, зачувана е и една сатирска игра, „Киклоп“. Ако се следи хронологијата на пишувањето на драмите, ќе се види дека се изгубени драмите пишувани на почетокот на неговата кариера, која започнала активно во 455 година, на околу триесетгодишна возраст иако се знае дека првите драми ги напипал на осумнаесет години. Инаку, се родил во 485 или 486 година, а за негови родители се сметаат трговецот Мнесархид и продавачката на зеленчук Клито од Саламина, но податоците за неговото потекло не може да се сметаат за точни зашто има сомневања дека, можеби, се измислени, пред сè, од комедиографот Аристофан, кој често во своите драмски текстови пишувал со иронија за творците кои престојувале на македоснкиот двор и во Македонија, воопшто.
1 Архелај – македоснки крал, кој владеел во втората половина на петтиот век пред н.е., односно од 413 до 399 година.
2 Дион – антички град во Македонија во областа Пиерија, кој се наожал воподножјето на планината Олимп, од северната страна. Дион е познато светилиште каде се одигрувале драмски и олимписки натпревари, кои ги организирал кралот Архелај.
3 Орфеј – митски пеач и музичар, свештеник на Дионис, син на Еагрос и музата Калиопа, потомок на титанот Атлас, роден во Пиерија под Олимп во единасеттото поколение пред Тројанската војна.
4 Мусај – митски пеач, син на Орфеј, свештеник на Музите (Мусите), роден десет поколенија пред Тројанската војна.
5 Кадмо – митски крал на Теба, според преданието, син на фојничкиот крал Агенор и Телефаса, брат на Европа, Фојник и Килик, основач на Теба, град во Бојотија, а Тебанците се сметаат за негови потомци. Меѓу другото, тој се поврзува со родоначалникот на Илирите, Илир, кој му го родила неговата жена Хармонија во Енхелејската земја (околу градот Охрид) на кои им помогнал во одбраната од соседите.
6 Бромиј – едно од имињата на Дионис, кое означува еден од атрибутите на богот „оној кој бучи“ бидејќи тимпаните се негов омилен инструмент.
7 Бакх – Исто така, едно од имињата на Дионис, оттука Бакхи.
8 Евиј – Уште едно име на Дионис (Бакх), атрибут кој значи „кој вика, клика“
9 Агава – мајка на кралот на Теба, Пентеј, една од ќерките на Кадмо. Покрај Семела, Ино и Автоноја.
10 Ајак – татко на Пелеј и дедо на јунакот Ахил.
11 Мирмидонци – племе во Тесалија чиј водач бил најголемиот јунак под Троја, на страната на Ахајците, Ахил.
13 Артемида – божица на ловот и невиноста, заштитничка на родилките и бракот во античката митологија која, меѓу другото, била посебно почитувана во Македонија каде се среќаваат бројни остатоци од нејзини храмови и предмети со нејзиниот лик и нејзините симболи.
ЛИТЕРАТУРА
- Еврипид – „Хиполит“, „Ифигенија во Авлида“, „ Бакхи“ – превод од старогрчки, Даница Чадиковска, ЗУМПРЕС, Скопје 1995.
- Еврипид – „Електра“, „Орест“, „Ифигенија во Таврида“ – превод од старогрчки, Даница Чадиковска, ЗУМПРЕС, Скопје 1998.
- Еврипид – „Медеја“ – превод,д-р Милош Ѓуриќ.
- Д-р Милош Ѓуриќ, Историја на старите Грци до смртта на Александар Македонски.
- Платон, Дијалози – превод од старогрчки Елена Колева, Култура, Скопје 1994.
Роберт Гревс, Грчки митови, Фамилет, Белград 1999.