ОСТАТОЦИ ОД ПРАИСТОРИСКА НАСЕЛБА НА АТРАКТИВНИОТ ВРВ „МЕЧКА“ НАД СЕЛОТО СЕЛЦЕ, ПРИЛЕПСКО
Ридот Мечка над селото Селце, Прилепско, зрачи естетика со специфичен набој на мистика во просторот кој го опкружува. Расположен јужно од селото претставува краен дел од еден крак од планината источно од Прилеп. Вниманието посебно го привлекува со својата естетика предизвикана со специфичната конфигурација од чудно оформени карпи. Духовниот набој расте при посетата на ова место со насочено внимание кон трагите што се присутни по теренот и самите мистични форми на карпите кои се сосема “уметнички” обликувани од природата. Мистичните траги следат уште од пониските делови под ридот на кои се среќаваат траги од длабење за извесни намени во некое минато време. Некои од длабнатините тешко можат да бидат идентификувани како природни бидејќи тоа не го дозволуваат некои нивни делови со нагласени рабови и правилни линии. Остатоците од керамички садови кои помалку или повеќе се присутни по целото ритче се потврда дека некои карпи не се сосема природно ишарани со длабнатини. На делот од ридот кој се наоѓа од југозападната страна на една рамнина на која е поставен и еден голем столб од електричниот далновод во близина на карпите кои се наоѓаат на самиот нејзин раб се наоѓаат поголем број подебели керамички парчиња од некој поголем сад. Освен тоа некои артикулирани форми по карпите покажуваат старо присуство на луѓе кои, веројатно тука имале објект со одредена намена. Од задната (јужната) страна на ридот одејќи по средината, исто така се среќаваат керамички парчиња со не многу посебни карактеристики, a на одредени површини од карпите очигледни се некакви помали и поголеми садови убаво обликувани во карпата. Тоа посебно важи за делот кој се наоѓа некаде под самиот врв Мечка каде што на една поголема тераса опкружена со карпи веројатно има и позначајни траги од минатото.
Кога се приоѓа кон локалитетот Мечка од југозападната страна вниманието особено го привлекуваат некои навистина мистериозни форми на карпи. Меѓу нив посебно се одделува една осамена форма на повисока карпа која личи на вистински праисториски бог со својата антропоморфна форма на која јасно е изразена глава и тело. На делот под главата на еден истакнат дел во форма на мев се наоѓа мал задлабен сад кој случајно или не, како да е наменет за оставање некакви прилози на “богот”. Локалитетот на кој е расположена оваа мистериозна карпа која претставува вистинска природна скулптура што го обележува околниот простор се вика Чалма.
Позначајни траги од древно присуство кои упатуваат на постоење и на некоја помала населба од праисторијата се среќаваат на најгорииот дел на Мечка меѓу карпите кои заградиле посебен простор од југоисточната страна. Тој, по се изгледа, бил посебно заграден со ѕид од југоисток од каде што има отворен простор кон следниот врв одделен со мал превој. Трагите од ѕидот се среќаваат на делот под карпите каде освен видливите темели се растурени голем број камења по стрмниот дел на ридот. Просторот меѓу самите карпи зрачи со посебна естетика. Таа доаѓа од специфичните форми на карпите и зеленилото на една поголема земна површина меѓу нив. Во теснините меѓу карпите и во некои простори кои се заградени со гранитни монолити кои очигледно биле дел од некогашните објекти на праисториската населба се наоѓат значителни количества на праисториска керамика која, според квалитетот и белезите потекнува од новото камено време. Големиот број длабнатини кои очигледно се дело на човек укажуваат на обилното користење на карпите за делови од самите објекти кои егзистирале во праисторијата. Според керамиката која не е измешана од различни времиња овој локалитет како да бил населен само во периодот на каменот, а во подоцнежниот период не продолжил да егзистира како населба. Набљудувајќи гопросторот заграден со карпи може слободно да се претпостави дека влезот во населбата која веројатно била утврдена уште во тоа време со сувоѕидица бил од источната страна каде што меѓу карпите има извесни простори формирани во вистински премини кои би можеле да бидат надградени со извесни конструкции од горната страна. Токму на карпите од таа страна има некои површини кои се преполни со кружни длабнатини со мала длабочина, на кои, веројатно стоеле столбови од дрво.
Трагите од праисториското време посебно преку присутноста на керамика се забележуваат и на следното ритче од источната страна на Мечка. Тоа располага со поголема рамнина на горната страна на која можат да се најдат помали парчиња керамички садови кои, исто така, се присутни меѓу карпите од неговата југоисточна страна каде што веројатно се стркалале со текот на времето, но не е исклучено ниту користењето на некои пештерски простории за засолништа и живеалишта на праисториските луѓе. Се разбира, целиот простор заслужува многу поголемо внимание од археолозите за да се утврдат поточни сознанија за очигледното присуство на остатоци од праисториска населба.
Најатрактивниот дел од локалитетот секако е делот на самиот врв Мечка, на кој, меѓу другото има и една карпа која гледана од двете страни на ридот личи на наведната мечка и веројатно таа е главниот “виновник” за името на овој локалитет. Таа се наоѓа на највисокиот дел на карпите и претставува засебен гранитен монолит поставен на горната рамна површина на една огромна кариа која го заградува просторот на праисториската населба од север и на тој начин значително го заштитува од студениот ветар. Дека карпата била предмет на некакви интервенции и активности со површината на големата карпа околу неа покажуваат некои мали кружни длабнатини на кои веројатно се поставувале некакви столбови или слични објекти околу самата карпа – “мечка”. Дали таа била дел од некаков култ или некаква сосема практична намена тешко е да се каже. Самата карпа–мечка е карпа со височина од околу 3–4 m. која во долниот дел има празнина во вид на прозорец кој гледа во правецот север–југ што е главна причина за изгледот на мечка кој ја краси оваа карпа и му дава посебен амбиент на околниот простор. Можеби токму чудните форми од карпите кои го обликуваат горниот дел на ритчето со разиграни форми на камени монолити го привлекле вниманието на древните жители на населбата која ако ни биде дозволено, можно е да гоносела името на “мечката” и во тоа време. Уште една карпа со помали димензии го “влече” погледот оддалеку. Тоа е карпата поставена, исто така на горната површина на голем гранитен монолит западно од мечката на само триесетина метри растојание. Таа е карпа со височина од 4–5 m. поставена на карпестата површина на сосема мала основа, малку навалена кон југ, со изглед дека лесно може да падне секој момент. Според некои раскажувања на жителите на селото Селце за време на Втората светска војна некои германски војници се обидувале да ја срушат оваа карпа со истрели од долината но, се разбира, не успеале. Интересно е дека на површината на карпата–постамент се наоѓаат голем број поголеми садови кои изгледаат природно, но градат интересни форми како места за прилози на некогашните богови чие седиште било на највисокиот дел на ридот Мечка меѓу мистичните форми на карпите. Размислувајќи вака природно е да се наметне прашањето дали на највисокиот дел на овие карпи не егзистирало некое древно светилиште кое било место за религиозни ритуали за обраќање кон боговите да се однесуваат со благост кон луѓето од населбата од каменото време. Се разбира, ова мора да се сфати само како послободна претпоставка поттикната од силната фасцинација што ја предизвикуваат највисоките карпи на локалитетот Мечка со своите форми. Прашањето дали овој простор не бил култно собиралиште на евентуалните жители на населбите од пониските места во каменото време, исто така е природно кога се размислува на ваков начин. Всушност, можеби Мечка заедно со древната населба била едно од седиштата на древните богови во кои доаѓале со дарови и жителите на околните населби. Во секој случај праисториската населба на Мечка е уште една населба од каменото време на поширокиот простор на Прилеп каде што се констатирани поголем број населби од тој период. Меѓу другото визуелно комуницираат просторите на Маркови Кули, Баба, Топташ (кој е сосема близу до Мечка), ќаве кај Мажучиште и други места каде што се констатирани остатоци од каменото време заедно со истражуваните локалитети меѓу селата Присад и Ореовец, Пештерица и Радин Дол, исто така со остатоци од населби од неолитот.
АРХЕОЛОШКИ ПРЕДМЕТИ – КЕРАМИКА
АМБИЕНТ ОД ПРОСТОРОТ НА КОЈ БИЛА РАСПОЛОЖЕНА НАСЕЛБАТА