ОСТАТОЦИ ОД АНТИЧКИ ХРАМ НА ЛОКАЛИТЕТОТ „ГАЛИЧАНСКА РУДИНА“ КАЈ СЕЛОТО ГАЛИЧАНИ, ПРИЛЕПСКО

Во атарот на селото Галичани, Прилепско во Археолошката карта на Македонија се регистрирани само два локалитети. Едниот од нив е ридот од југоисточната страна на селото, позната како Галичанска Рудина,1 а другиот е локалитетот на кој се наоѓа селската црква. Од ова село потекнуваат и некои интересни музејски експонати, кои денес се чуваат во Завод и Музеј во Прилеп. Меѓу нив особено место зазема една вотивна плоча со претстава на божеството познато како Тракиски коњаник, кое во античкиот период имало посебно место во религијата на Балканскиот полуостров, а голем број споменици се пронајдени и на територијата на Македонија. Освен овој експонат, се споменуваат и делови од столбови од мермер, архитравни греди и бази. Според запишаното, тие се наоѓале кај селската црква, а биле пронајдени во селото.2

Црквата во Галичани
Црквата во Галичани

За локалитетоит Галичанска Рудина, кој е во близина на селото, констатирано е дека крие остатоци од антички храм, а ваквата констатција, веројатно, е резултат на претходно споменатите архитектонски елементи, пронајдени во близина. Тешко е да се претпостави дали храмот бил посветен на божеството од вотивната плоча, со претстава на Тракиски коњаник, но ваквиот наод не наведува на тоа. Во секој случај, локалитетот Галичанска Рудина претставува рид со доминантна позиција во пошироката околија во тој дел од Пелагонија и сосема е логично поставувањето на светилиште на ова место. Остатоците од оваа градба најмногу се забележуваат на највисокиот дел од ридот, каде се среќаваме со пространа рамнина, а од останатите страни скалесто се расположени поголем број површини, кои располагаат со разновидни археолошки остатоци, како фрагменти керамички садови, питоси, тегули, метални предмети, камени блокови и други видови археолошки материјал. При набљудувањето на теренот на овој локалитет, може да се добие впечаток дека тој, освен храмот, поседувал и други градби, односно, дека можеби се работи и за остатоци од извесна античка населба.

Црквата во Галичани од јужата страна
Црквата во Галичани од јужата страна

Според археолозите, дел од пронајдените архитектонски елементи се пронајдени токму на овој локалитет. Значи, тоа се делови од античкиот храм, кого археолозите временски го лоцираат во римскиот период.3 Дел од архитектонската пластика среќаваме и кај селската црква каде, при реконструкцијата од пред неколку децении, има и еден промер на претставување на остатоците од старите градби на самото место. Имено, еден мермерен столб од античката градба бил поставен заедно со оштетен капител од јонски тип, непосредно до градбата. Неколку фрагменти од други мермерни блокови се вградени во градбата на црквата. Остатоци од материјалната култура на овој простор можат да се сретнат иу низ селото, како два питоси во еден од дворовите, во куќа близу до Галичанска Рудина.  

Дел од локалитетот Галичанска Рудина - западна страна
Дел од локалитетот Галичанска Рудина – западна страна

          Фактот што од Галичани потекнува споменатата плоча од мермер со претстава на Тракиски коњаник не наведува на ова место да изнесеме неколку сознанија за ова исклучително божество, моогу раширен култ во античкиот период. „Тракискиот коњаник“ е многу раширен култ и на просторот на Прилеп и пошироката околина, што упатува на извесно култно третирање на оваа претстава на коњаник. Не е познато на кој бог му припаѓа ваквата претстава, но едно е сигурно. За Тракијците од Илијадата на Хомер се знае дека биле многу добри коњаници и имале убави и расни коњи како ретко кое друго племе на Балканот и пошироко. Така познат е делот од Илијадата во кој јунаците Одисеј и Диомед му ги одземаат најубавите коњи на водачот на Тракијците под Троја, Рес и убиваат 12 тракиски војници. А за коњите на Тракијците, еден од Ахајците, Долон, вели:

Ако милувате веќе да зајдете в тројанска војна,

в крај се Трајкиците онде, што последни дошле од сите,

Сред нив и царот Рес, законитиот син Ејонејев.

Тој има прекрасни коњи, најголеми, колку сум видел,

бели ко снег, кога трчаат пак, на ветар прилегаат.4

Плоча од мермер со претстава на Тракиски коњаник
Плоча од мермер со претстава на Тракиски коњаник

Дали култната слика на „тракискиот коњаник“ е следствена на убавите коњи кои ги негувале Тракијците, тешко е да се каже. Зашто очигледни се и другите претстави на неа, како коњаник кој веројатно претставува извесен бог заштитник или хероизиран јавач, како и кучето и вепарот кои потсетуваат на лов. Можеби токму високото достигнување во одгледувањето коњи, како и врвната умешност во нивното користење во лов и други активности во кои коњот заземал значајно место, се во директна врска со култот на „тракискиот коњаник“, кој го среќаваме, меѓу другото, и во селото Галичани. Се разбира, ваквата претстава може да значи и извесно персонифицирање и претстава на некој од древните богови поврзани со митологијата на овој дел од Балканот. Толкувања дека се работи за посебен бог постојат од страна на научниците. Така, на една претстава на „тракискиот коњаник“ пронајдена на една мермерна плоча во околината на Врање, има и натпис на кој се споменува извесно име ТАТОНИПАЛ5, кое би можело да е името на „тракискиот коњаник“, односно на богот претставен со него. До денес не постои релевантно поврзување на оваа култна слика со некој од познатите древни богови на просторот на Балканот. Научниците, дури сметаат дека оваа слика на свој начин била користена како дар за боговите6, кои треба да се смилуваат за постигнување одредени цели на луѓето, но тоа, сепак е на ниво на претпоставка. Едно е сигурно: „тракискиот коњаник“ е многу честа појава на просторот на Македонија и неговата култност на овој простор во древните времиња не треба да се спори. Фактот дека Тракијците и Македонците биле во непосреден допир и дека имаат голем број блискости во културата, исто така треба да се има предвид. Посебно што и двете племиња се со стари корени на овој дел од Балканот.

1 Археолошка карта на Република Македонија

2 Исто.

3 Исто.

4 Хомер, Илијада, 186, X песна, стих 433–437.

5 Ѓурѓе Бошковиќ, Прилог проучавању „трачког коњаника“, СТАРИНАР VII–VIII, 1957, 160.

6 Исто, 161, 162. Бошковиќ претпоставува дека ликот на коњаникот го симболизира самиот молител кој им се обраќа на боговите за милост.