ТРАГИ ОД ДЛАБОКАТА ПРАИСТОРИЈА – ПАЛЕОЛИТОТ КАЈ СЕЛОТО МАНАСТИР ВО МАРИОВО, ПРИЛЕПСКО

Пишувајќи за остатоците од палеолитската култура во Македонија, односно за најстариот период од развојот на човештвото во кој човекот го започнува своето културно воздигнување, археологот Паско Кузман меѓу просторите во Македонија во кои се можни наоди од тоа време, го истакнува и Мариово. Ваквата можност ја оправдува со фактот што меѓу селата Манастир и Бешиште се констатирани наслаги од епохата на најстариот плеистоцен на кој му припаѓа и палеолитот.1 Со оглед на фактот дека не се правени никакви истражувања од палеолитот во овој крај, за оваа длабока праисторија е тешко да се говори. Тешко е да се говори и за следниот период од развојот на културата на човекот, односно неолитот, кој како и другите археолошки периоди му припаѓа на холоценот (алувиум) од развојот на земјината топка, кој започнал 10 000 години п.н.е., а трае и денес, зашто и овој период во Мариово е сосема малку прочуен.

Од течението на Црна Река во атарот на селото Манастир
Од течението на Црна Река во атарот на селото Манастир

Селото Манастир со својата местоположба е едно од најатрактивните места во Мариово. Тоа се наоѓа на самиот десен брег на Црна Река, на околу 40 км од Прилеп и на околу 15 км од Витолиште. Со својот атар тоа се граничи со селата Бешиште и Полчиште од југоисточната и источната страна, со Мелница од североисточната, а од западната страна на левиот брег на Црна Река се атарите на селата Чаниште, Крушевица и Дуње. Геолошкот состав на просторот околу Манастир е сличен на оној кај Мелница, со слоеви од травертин и оникс, како и специфични видови руди. Специфичниот геолошки состав и некои специфични наоди на фосили на животни и растенија, упатуваат на можност од постоење траги од најстариот археолошки период палеолитот, односно старото камено време кога се појавил палеолитскиот ловец кој опстојувал исклучително со ловење животни. Близината на реката дава дополнителни можности за опстанок во времето на најстариот период на човековото постоење, кога започнуваат првите чекори на неговото културно воздигнување со посегнување по првите орудија и обиди за нивна изработка. За жал, не може да се рече дека постојат било какви стручни археолошки, антрополошки, палеонтолошки или слични истражувања за тој период на овој простор, а пронајдените фосили се резултат на рударските истражувања и експлоатирањето на рудите.2

Црна Река отсекогаш била извор на живот
Црна Река отсекогаш била извор на живот

Дека е можно постоење траги и од најстаро камено време во околината на селото Манастир извесен доказ може да значат големиот број локалитети со остатоци од праисториски населби во овој дел на Мариово. Имено, во атарот на селото Манастир од двете страни на Црна Река се среќаваат дури 6 локалитети со остатоци од праисториски населби, меѓу кои и такви со остатоци од каменото време (неолит), посебно доцното камено време (енеолит).3 Ваквата населеност во праисторијата е условена од погодната местоположба на овој дел од Мариово, покрај коритото на Црна Река крај која има и поголеми рамни површини (лаки), како и повеќе долини кои се расположени крај помалите потоци кои се сливаат во неа. Праисториските населби, главно, биле сместени на повисоки тумби со специфични форми и често исполнети со гранитни карпи кои, исто така, го привлекуваат вниманието со необични форми.

1 Паско Кузман, Податоци за палеолитските култури во Македонија, ЦИВИЛИЗАЦИИ НА ПОЧВАТА НА МАКЕДОНИЈА, книга 2, МАНУ, Скопје 1995, 19.

2 Во периодот кога била активна фирмата за експлоатација и преработка на рудите од Мариово, „Фабрика и рудници – Партизан“ од Прилеп, во просториите во селото манастир, во извесни витрини, наводно, се чувале определени фосилни наоди, но по распаѓањето на оваа фирма не е познато што се случило со нив, односно, каде завршиле тие.

3 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово, РАСТЕР-КОМ, Прилеп 2002.