АНТИЧКАТА НАСЕЛБА ГЕНЕАТА КАЈ СЕЛОТО ВИТОЛИШТЕ, ПРИЛЕПСКО
Впечатливо етимолошко и семантичко совпаѓање меѓу античкото име и денешното име на селото Витолиште
Малиот број археолошки истражувања направени во околината на селото Витолиште не дава многу можност да се направи подобра анализа на населувањето во различните периоди од историјата. Всушност, единствените археолошки истражувања кои се направени во поново време се однесуваат на средниот век, со тоа што се откриени населба и некропола од доцната антика врз која се наоѓала и средновековната некропола.1 Притоа не е направена опстојна анализа на можното лоцирање на населбата која ги користела споменатите гробови од некрополата во „Задна Река – Грмајте“, каде што се правени истражувањата. Токму затоа помали се и можностите за откривање на некое од имињата на населбите кои во околината на Витолиште во различните периоди на историјата ги има во голем број. Сепак, од натписите најдени на камените споменици може да се добијат извесни нецелосни сознанија за некоја од тие населби. Такви споменици во околината на Витолиште се пронајдени неколку.
Еден од епиграфските споменици (камени споменици со натпис) и денес се наоѓа на локалитетот „Церацина Нива“.2 Од неколкуте споменици со натписи од селото Витолиште, тој е единствен со предримско писмо.
I..—ɅN Mνρω –
—- καί Ζαικα
— ϙϛ έ[α]νоϊϛ
[καί] τоίϛ τέκνоιϛ
[..] . ινη καί Είσιά –
[δι ζ]ώντεϛ ζώσιν
[δι]α τεχνείτоν
Π(оυβλίоν) Ίоυλίоν Κελά –
Δоν Στоβαίоν
Έτоυϛ . π. σ.3
На овој натпис, покрај имињата Заика, Публиј Јулиј Келадон додаден е и терминот Стобајон, што на некој начин, населбата која егзистирала тука, е поврзана со градот Стоби, кој се наоѓа на сливот на Црна Река во реката Вардар.
Втор споменик со натпис се наоѓа во црквата „Св. Илија“ ви рамките на селските гробишта. На него има натпис со латинско писмо во кое се споменува извесна воена единица од римската војска за време на Хадријан, а на неа имињата на две населби или племиња, меѓу кои се поставувала граница, но за жал, токму имињата на населбите се нечитливи, а може да се прочита само дел (Geneatas et …ixinos)4 зад кој, веројатно, се крие некое од нивните имиња.
Imp(eratori) ∙ Cae(sari) ∙ d[i] –
vi ∙ Traiani ∙ Pa[r] –
thici ∙ fil(io) ∙ divi ∙ N[er] –
vae ∙ nepoti ∙ Tra[i] –
ano Ha<dria>no ∙ A[ug(usto)]
pontifici ∙ ma –
ximo ∙ tr(ibunicia) ∙ pot[e] –
state ∙ IIII ∙ ko(n)s(uli) [III],
<D(ecimo)> ∙ Terentio G[en] –
Tiano ∙ leg(ato) A[ug(usti)]
Pr(o) ∙ pr(aetore) ∙ termin[i]
Positi ∙ Ma{a}xim[um (centurionem)]
Leg(ionis) ∙ I ∙ Minerv(iae) [in] –
Ter Geneatas e[t – – -] –
Ixinos.5
Посебно интересно е едно специфично етимолошко и семнатичко совпаѓање меѓу денешното име Витолиште и старото Генеата(с). Имено, старото име етимолошки упатува на потекло, ген, на жена (гена), пошироко, со значење кое упатува на раѓањето и на животот воопшто. Денештното име може да се објаснува со слична етимологија и значење бидејќи основата на името Витолиште е вито(а), односно, живот, од латинскиот збор “vita”, што значи “живот”. Во протословенскиот јазик има сосема поинаков корен “вит” што значи “владетел”.
Ваквото совпаѓање на старото име на населба, која егзистирала во атарот на днешното село Витолиште и денешното име на ова село заслужува поголемо внимание, односно, посерозен научен пристап од повеќе аспекти. Таквиот пристап може да не доведе до сериозни сознанија за културното живеење и културниот континуитет на овој простор.
Натписот е напишан со латинско писмо што е многу поредок случај за пронајдените натписи во Македонија, кои во најголем број и во римско време се пишувале со писмото кое го затекнале Римјаните со нивното доаѓање. Овој епиграфски споменик на кој има индиции за името на некоја од населбите во околината на Витолиште во римско,6 упатува на постоењето населба од римско време, во близина на денештното село. Траги од населба од римско време има и на локалитетот „Пеливор“,7 кој се наоѓа на околу еден километар северозападно од селото и на неполн километар југозападно од локалитетот „Царацина Нива“.
Постои уште еден натпис со латинско писмо од Витолиште, кој е пронајден на локалитетот „Грамаѓе“, на кој исто така, се говори за извесен ветеран Дометиј од Првата минерва на римската војска. Овој споменик денес се наоѓа вграден во селската чешма во центарот на селото.8
C(iao) ∙ Domitio Be –
llico ∙ veteran
Leg(ionis) ∙ I ∙ Minerviae,
Militavit ∙ annos
XXV ∙ Domitius ∙ Va –
les filius, Dome –
tia ∙ Claudia et ∙ Do –
metia ∙ Iulia filie
ex testam(ento) ∙ cura(verunt).9
Од римското време се датирани и една ара поставена како чесна трпеза во олтарот на црквата „Св. Атанасие“ во Витолиште, како и два фрагмента од мермерна стела кои се чуваат во истата црква, од кои на едниот има претстава на маж и жена во релјеф, како и писмо, а на другиот е претставен маж.10
Од римското време се констатирани голем број остатоци од населби и некрополи во атарот на селото Витолиште. Овде ќе ги наброиме оние кои се регистрирани во Археолошката карта на Република Македонија. Меѓу населбите се вброени, „Влајкова Чешма“, која се наоѓа на 1 км јужно од селото, „Горе Река – Пртева Ливада“ на 2 км источно, „Ѓерек“ на 2,5 км североисточно, „Полените“ на 2,5 км источно и „Шулевец“ на 250 м јужно од селото. Некрополи од римскиот период се среќаваат на локалитетите: „Гробишта – Св. Илија“, „Лачникот“ кој се наоѓа на 1,5 км северно од селото и „Св. Харалампија“ во дворот на селското училиште.11
1 Лилјана Кепеска , Задна Река – Грмајте – средновековна некропола, Завод за заштита на спомениците на културата, природните реткости и Музеј – Прилеп, Прилеп 1995.
2 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово, Растер-ком, Прилеп 2002, 35 и 36. INSCRIPTIONES GRAEKAE, PARS II – INSCRIPTIONES MACEDONIAE, EDIDERUNT: FANULA PAPAZOGLU, MARIJANA RICL, GUALTERUS DE GRUYTER – BEROLINI ˑ NOVI EBORACI – MIM, 80,81.
3 INSCRIPTIONES GRAEKAE,…, 80, 81.
4 INSCRIPTIONES GRAEKAE,…, 79.
5 Исто.
6 Исто.
7 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово,…, 39.
8 INSCRIPTIONES GRAEKAE,…, 80.
9 Исто.
10 Археолошка карта на Република Македонија.
11 Исто.