ТРИ ПЕСНИ: МЕ БОЛИ СЛОБОДАТА, СЛОБОДНА МИСЛА И ЗАМОЛЧЕНО ВРЕМЕ

(Од необјавената збирка „КУЧЕШКО ВРЕМЕ“ – втор дел: „Кучешко време“)

МЕ БОЛИ СЛОБОДАТА

Ме боли слободата

Ме дразне празнината

Копнеам по тишината

Пред лаежот на кучињата.

СЛОБОДНА МИСЛА

Зрак тенок и чист од недопрен свет

ме пронижа стрелно во рано детство.

Го уби во мене мракот

засекогаш.

Не можам да останам тајна

и да сакам,

немам каде да се скријам

од погледи злобни да одморам.

Овој свет се престори во луња

чувствата ни се исцрпени до дно,

осквернавени.

Мислите недоветни, со црнило полни,

вирусни – инфицирани.

Ме убедуваат блиски лицемери

да се стопам во овој свет,

во безличието на масата

која тече по долини како матна вода

се влече по планини како сива магла

исплашена од ветар и од дожд,

а особено од сонце.

Исплашена од студено и од жешко,

од земјотреси и вулкани,

поплави, урагани и цунами,

од сообраќајни и авионски несреќи

бермудски триаголници,

од катаклизми, апокалипси и армагедони,

а најмногу од слободна мисла,

кревка птица во небесна синевина.

ЗАМОЛЧЕНО ВРЕМЕ

Чмае вистината,

грми тишината,

казнува стравот

во замолчено време.

Во мајчина утроба,

скришно,

се развива плодот

на херојот, кој ќе го ослободи зборот.