АНТРОПОМОРФНА СТЕЛА И ТУМУЛ ОД ЖЕЛЕЗНОТО ВРЕМЕ ВО „ИСПРАЕН КАМЕН“ КАЈ СЕЛОТО КРУШЕВИЦА, ПРИЛЕПСКО
Во атарот на селото Крушевица, кое се наоѓа на 28 км източно од Прилеп, се крие завидна култура од праисториското време, која се среќава на голем број локалитети.1 Еден тумул со откопан гроб од камени плочи се наоѓа и на локалитетот „Испраен Камен“, кој се наоѓа на околу 3 км југозападно од селото на едно ритче од левата страна на патот за селото Орле. Тумулот е раскопан токму на средината, при што една од големите камени плочи е извадена надвор од земјата. Освен тумулот, по површината на ритчето кое слегува кон исток има и грамади од камења кои укажуваат на постаро потекло. На ова ритче вниманието, посебно, го привлекува една антропоморфна стела, која стои исправена на околу 10 метри од тумулот, непосредно до патот, кој на тоа место прави помал свиок.2 Стелата е направена од камен со силикатни фрагменти, со кружно изработена глава на човек и со обележани очи, уста и нос, како и со стеснет дел кој го означува вратот. Во долниот дел на стелата се наоѓа натпис. На него се споменува името Адимос Оветион кому му е посветена стелата со искажување на почит со хероизирање.3 Оваа стела е уште еден експонат, кој ја потврдува традицијата на обележување на гробовите со антропоморфни стели во праисторискиот период, која во палнинските делови на Мариово и по работ на Пелагонија продолжила и во следните периоди.4 Натписот на стелата е датиран во периодот од II до III век на н.е.5
˝Aδυμоϛ Ου[ετ] –
τίου ήρωϛ
χαϊρε6
Димензии на антропоморфната стела
висина: 1,3 м
ширина: 0,50 м
дебелина: 0,25 м
– глава
висина: 0,37 м
– врат
висина: 0,20 м
ширина: 0,30 м
Датирање: Од 900 – 700 г. пр. н.е. со секундарна употреба во римскиот период, односно 3 век од н.е.7
1 Т. Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово.
2 Т. Димитриоски, Камени Богови, 44.
3 Маријана Рицл, INSCRIPTIONES GRAECAE, 88.
4 Наде Проева, Студии за античките Македонци, ANTIQUA MACEDONICA, посебни изданија, книга 5 – Скопје 1997, 99.
5 Маријана Рицл, INSCRIPTIONES GRAECAE, 88.
6 Исто.
7 Т. Димитриоски, Камени Богови, 44.