АНТРОПОМОРФНА СТЕЛА НА ЛОКАЛИТЕТОТ „КРСТО“ КАЈ СЕЛОТО ДОЛНЕНИ, ОПШТИНА ДОЛНЕНИ
На околу 200 м западно од селото Долнени, крај патот, кој води кон црквата со гробиштата, се среќава антропоморфна стела исправена веднаш крај патот. Поставена е во правец североисток – југозапад, а на југозападната страна, која е и подобро обработена, на делот кој ја претставува главата на антропоморфната стела, има издлабен крст. Тој не е правилно поставен, туку малку закосен кон лево. Според нас, односно, според визуелниот изглед на крстот, тој е издлабен на антропоморфната стела секундарно.
Целата стела е закосена кон североисток. Тешко е да се пронајдат други белези кои би помогнале околу идентификацијата на намената на оваа стела и, евентуално, нејзиното датирање. Сепак, познато е за науката дека ваквите надгробни споменици се тадиција која потекнува од праисторијата, а најдоцна архајскиот период. Нивната примена, веројатно, продолжила и во следните периоди. Според сличните наоди, најмногу споменици од ваков тип има на работ на Пелагонија, во планинските предели, а особено во областа Мариово. Овде се соочуваме со таков наод во внатрешноста на рамнината Пелагонија, што не упатува на слична традиција и во оваа област.
Според Александар Талески од Долнени, локалитетот со стелата е позната како „Крсто“. На ова место се одморала поворката со покојниците на патот кон гробиштата.
Според Благоја Илиоски од Долнени, на празникот Дуовден жителите на селото имале обичај да станат пред сонце и да одат на гробишта да запалат свеќи на гробовите на своите блиски покојници. На патот тие најпрво палеле свеќи на антропоморфната стела на локалитетот „Крсто“, крај која се поминува пред да се појде до гробиштата.
Димензии
висина: 1,46 м
ширина: 0,60 м
дебелина: 0,09 м
– врат
висина: 0,08 м
ширина: 0,41 м
– глава
висина: 0,40 м
ширина: 0,51 м
– крст
вертикален крак: 0,16 м
хоризонтален крак: 0,14 м
Датирање: 900 – 700 г. пр. н.е.
Белешка: Исправен камен имало и на неколку стотини метри северно од селото, но бил изваден пред дваесетина години и однесен во непознат правец. Димензиите се непознати, но според раскажувањето на жители на селото Долнени бил висок околу 1,50 м.