РЕТКА МОЖНОСТ ВО ПРИРОДА – СРЕДБА СО ЛИСИЦА ВО АТАРОТ НА СЕЛОТО ПРИЛЕПЕЦ, ПРИЛЕПСКО
Црвена лисица (Vulpes vulpes)
Овој вид лисица не може да се рече дека е природна реткост, зашто е една од најраспространетите на земјата. Сепак решивме да изнесеме нешт за неа во оваа рубрика. Повод е ретката можност која ни беше дадена во текот на вчерашната прошетка во планината над селото Прилепец. Прилепско, каде наидовме на дувло во кое беа сместени млади од лисица. Вниманието најпрво ни го привлече нивната мајка, која почна да бега во спротивен правец од дувлото, со намера да не одвлече од местото на кое ги крие своите млади. Таа, како мајка, е подготвена да се жртвува за да ги заштити своите нлади. За среќа, едно од младите беше особено љубопитно, па излезе до јамата, која беше во близина и, речиси, бестрашно не набљудуваше. Тоа ни даде можност да го „фатиме“ во објективот во неколку пози. Се разбира, за нас беше пријатно доживување. Фотографите се направени од околу 50 м растојание од јамата од која не набљудуваше.
За црвената лисица се вели дека е најраспространета не само од сите видови лисици, туку и од сите копнени месојадци. Нејзиното крзно, по боја, може да биде црвено, но и со насока кон кафено. Нејзиното крзно не е еднолично, туку на грбот има црвена или кафеава боја, а на стомакот бела. Нејзината боја зависи од боите на околината во која живее. Лисицата е осамено животно и живее на територијата која сама ја избира. Самостојно се храни и ги одгледува своите млади, а само во зима се здружува со други лисици. Познати се 40 подвидови лисици.
Младото од лисица, кое ни „позираше“ за да го фотографиреаме, веројатно не беше само во дувлото, но неговите братчиња и сестричиња немале храброст да се појават. Тоа ја чекаше неговата мајка да донесе нешто за храна, зашто додека лисиците се мали нивниот живот зависи само од мајка им. На определена возраст, таа ќе ги научи да ловат и тие ќе се осамостојат. Лисицата се храни до разни глодари, особено глувци, а лови и зајаци, риби, разни инсекти и други видови мали животни. Се храни и со остаоци од мртви животни, а јаде и јајца од птици, кои ги наоѓа во гнездата – од кокошки, еребици, фазани и други птици. Многу ретко, лисицата може да улови и младо од срна, а уште поретко младо од дива свиња. Поретко лови и влекачи, змии, гуштери и сл. Познато е дека лисицата често напаѓа кокошарници по селата и краде кокошки. Се храни и со растителни плодови, односно зрели овошни плодови.
Црвената лисица во текот на денот, обично се крие во своето дувло, а излегува во приквечерина и оди во лов за да обезбеди храна за себе и за својот подмладок. Во нашиот случај, забележувајќи дека се движиме во правец на нејзиното дувло, во кое ги крие младите, таа излегла и со бегање се оддалечуваше од местото за да не оддалечи од местото и да не открием каде се наоѓа скривалиштето.