КЛАДЕНЕЦ ИЗГРАДЕН СО СТАРИ КУЛТНИ КАМЕНИ БЛОКОВИ ВО ИСПУСТЕНОТО СЕЛО ВРПСКО, ПРИЛЕПСКО – ВО ОБЛАСТА МАРИОВО
Трагите од древното живеење во атарот на селото Врпско и постоењето населби и други остатоци материјална култура, освен во атарот на селото, се среќаваат и во самото село. Особено внимание привлекува кладенецот, кој се наоѓа на долниот дел од селото, на околу 200 m јужно од црквата, покрај патот кој води до неа. Два блока од сивобел камен, кои се вградени во предниот дел од кладенецот, посебно го привлекуваат вниманието со својата обработка, како и со симболиката, која е претставена на левиот блок. Тие претставуваат столбови на отворот од кладенецот. Еден впечатлив соларен знак во вид на спирала е изработен во горниот дел на лицето на блокот од левата страна на отворот на кладенецот, а слабо изразен релјеф на човечка фигура на истиот блок од внатрешната страна. Соларниот знак упатува на извесна намена, како надгробен споменик од античкиот период или како елемент од извесен антички храм во близина. Тој ги симболизира небото и земјата и вечниот живот, односно непрекинливоста на живото и постоењето. Другиот симбол, кој е изработен со врежување, претставува човечка фигура, на која е претставени глава, врат и екстремитети, како и еден симбол поставен на главата, тешко е да се идентификува какво било неговото значење. Веројатно е дека има извесно култно-религиско значење, но симболот, кој е поставен вертикално на главата и има форма „Ƭ“ тешко е да се протолкува. Може да се претпостави дека целиот лик е претстава на извесно божество или на извесен покојник од антиката, но за нешто повеќе потребна е поопстојна и соодветна стручна анализа.
Ваквите симболи, како и релативно добрата изработка на целите блокови, укажуваат на нивната секундарна употреба на кладенецот. Тоа значи дека овие камени блокови во некое постаро време биле дел од извесна стар градба, веројатно во поблиската околина. Според преданието пренесено од жители на селото, тие потекнувале од некој локалитет над селото, кој го викале „Чаирот“. Еден од сегашните двајца жители на селото. Кои најчесто се присутни и, речиси, постојани жители, Петре ни пренесува дека неговата баба раскажувала дека овие камења се „цркварски“ и потекнувале од стара црква, која се наоѓала на блискиот локалитет „Чаирот“, источно од селото, каде имало и гробови. Стара црква имало и на уште еден локалитет, блиску до селото, на југоисточната страна. Освен овој добро обработен блок од камен, во кладенецот се вградени и други помали и поголеми камени блокови, кои според обработката, исто така, потекнуваат од постари градби. Ова, особено, се однесува на челната покривна плоча, која на предната страна има неколку попречни врежувања.
На само неколку метри северно од кладенецот се наоѓа стара чешма, изградена од релативно добро обработени камени блокови, особено по нејзините агли.
Ако се анализира градежниот материјал употребен за споменатите чешми, како и за куќите во селото, може да се констатира дека каменот во голема мера е донесен од еден локалитет, кој крие големи бедемски ѕидови, остатоци од други градби и други видови археолошки материјал, кои упатуваат на поголема населба од античкиот период, како и постарите периоди. Тој е локалитетот познат како „Грамос“,1 кој се наоѓа јужно од селото, на околу еден km воздушна линија. На тоа укажува неговата обработка и истородноста. Имено, дел од поголемиот број градби во своите ѕидови имаат значителни количества бел камен сличен на оној од ѕидовите на „Грамос“.
Од старите споменици, кои можат да се видат во селото, треба да се спомене и еден објект од камен во црквата „Св. Архангел Михаил“, кој претставува дел од извесна камена направа за гмечење овошје за сок или слична намена. Атарот на селото Врпско располага со голем број локалитети со остатоци од стара култура,2 од различни периоди, но тоа денес е, речиси, испустено, со распаднати куќи покриени со разновидни растенија. Денес во него се одржале само две-три куќи и црквата, благодарение на неколку постари жители, кои херојски се борат да одржат, каков било живот во своето родно село, одгледувајќи пчели или доаѓајќи да ја поправат и доградат црквата со тремот и оградниот ѕид и правејќи народен собир во чест на патронот св. Архангел Михаил, по пат кој, речиси, е непрооден, без струја и, какви било, други услови. Токму поради ваквата положба, старите споменици, кои се кријат во самото село и во неговата околина се вистинска возбуда за посетителите, кои умеат да ги препознаат, но и вредност, која е изложена на исчезнување во природната стихија.
1 Археолошка карта на Република Македонија, 292.
2 Во Археолошка карта на Република Македонија се регистрирани само два локалитети. Наведениот Грамос, кој таму е заведен како „Кале“ и селската црква, за која е наведено дека е изградена на две постари градби – еднокорабни цркви од 14 и 17 век.