ЖИВЕЕМЕ ВО ПАРАЛЕЛНИ СВЕТОВИ!!!
Сите живееме во сопствен свет. Имаме сопствени идеи, сопствени желби, сопствени намери, сопствени очекувања од другите. Светот на едниот не се совпаѓа со светот на другиот. Ние сме безброј светови, кои постојат паралелно, еден крај друг. Обидите за здружување на световите и правење еден свет од повеќе светови се невозможни. Возможен е само договор за задничко дејствување во определени сфери, но и во такво договарање, повторно, постоиме свет крај свет. Можно е само своевидно допирање во пределени точки на различните светови, односно, совпаѓање во определени моменти. Тоа е сосема сегментарно усогласување кое, исто така, не може да биде комплетно. Затоа, во секое договарање постои компромис, прифаќање на елементи со кои не се согласуваме во интерес на определена цел, која може да ни биде заедничка.
Токму поради различните светови во кои се наоѓаме, исклучително е тешко да се разбереме и меѓусебно да се усогласиме. Затоа е потребен здраворазумски пристап и компромис. Компромис, сепак, се прави доколку нашиот свет не е загрозен, барем не дотолку за да биде во опсаност од негово распаѓање. Сведоци сме на многу распаднати светови, а тоа е токму поради неразумното постапување, препуштање на еуфоријата и инертноста или препуштање на туѓото влијание, без водење сметка за сопствените идејни и духовни основи. Сите сме насочени кон определени цели, кои и во иста област, сепак се различни. Тие бараат и соодветна духовна, интелектуална, па и материјална основа и надградба. Влегувајќи во тој свет, колку повеќе навлегуваме, толку повеќе се оддалечуваме едни од други, односно стануваме поразлични. Личниот свет во кој се движиме се карактеризира со сопствени содржини, сопствени начини на дејствување, сопствени идеи, сопствена интелектуална надградба, сопствен речник, па и сопствена комплетна духовна состојба, која е различна од духовната состојба на световите на другите. Затоа е потребна компромисност, желба за надминување на моментите на недоразбирање, односно, разумно постапување. Никако очекување на совпаѓање на свет со свет, односно, севкупно усогласување по која било тема, момент, вредност, цел. Зашто живееме во паралелни светови, кои во исто време функционираат како комплетни. Световите ги поврзува севкупноста на моментот, односно Логосот, оној кој е над севкупното, над сите светови и кој го одржува компромисот по определена законитост, односно ја оддржува рамнотежата меѓу безбројните светови во бесконечноста.