ВИНАРНИК ВО КАРПА СО СИМБОЛИКА НА ЛОКАЛИТЕТОТ „БАЊСКИ ДОЛ“ ВО АТАРОТ НА СЕЛОТО МАЖУЧИШТЕ, ПРИЛЕПСКО
На околу 1 km северозападно од селото Мажучиште, крај еден од помалите долови, кои се сливаат од ридот Негрее, во близина на локалитетот „Бањски Дол“, се наоѓа интересен објект издлабен во камен, со забележливи траги од дополнителни конструктивни елементи и врежана симболика. Се работи за винарник во камен, односно, двојно корито, кое служело за гмечење грозје и цедење на гроздовиот сок. Винарникот е издлабен на карпа со неправилна издолжена форма, со насока северозапад – југоисток, при што поголемото корито се наоѓа на југоисточната страна, а помалото на северозападната. Во близина на ѕидот, кој ги дели двете корита, кои биле поврзани со отвор при дното, карпата се расцепила од ерозија и денес, винарникот е делумно оштетен, но неговите елементи се комплетно зачувани и објектот претставува атрактивен културен споменик. Во близина на карпата со винарникот, од нејзината јужна страна, има уште неколку помали карпи, како и поголеми камени блокови, кои упатуваат на објект составен од повеќе елементи, односно извесна надградба со која бил заштитен објектот за гмечење на грозјето, односно, извесен покрив и ѕидови, кои ги заштитувале лицата кои го гмечеле грозјето од атмосферски влијанија и невреме. Од јужната страна на објектот, помалите карпи и камени блокови се поставени во права линија и потсетуваат на извесно намерно поставување. Токму на средината на овој остаток до своевиден ѕид, се забележува слободен простор, кој упатува на извесен влез во објектот во кој се наоѓал винарникот. Карпата на која бил изработен објектот е со извишен дел од југоисточната страна, а одејќи кон северозапад, нејзината горна површина паѓа косо надолу и на најнискиот дел се наоѓа помалото корито во кое се цедела течноста од грозјето. Карпата е долга околу 4 m, широка од 2 до 1 m, а најголемата височина од југоисточната страна достигнува нешто повеќе од 2 m. Целиот објект има должина околу 3 m, при што големото корито е околу 2 m, а малото околу 1 m метар. Ширината на коритата е околу 0,6 m, а длабочината од 0,40 до 0,50 m. Од јужната страна на карпата со објекто, денес поминува пат, кој доаѓа откај селото Мажучиште и води кон падините на Ридот Негрее.
На крајниот северозападен дел на горната површина на карпата, во близина на помалото корито се забележуваат поголем број кружно издлабени мали јами, кои формираат полукружена форма и упатуваат на своевдина симболика, веројатно поврзана со ритуалниот дел од активностите кои се правеле околу објектот и на самиот објект во време на гмечењето на грозјето. На помислата дека се работи за своевидна симболика, веројатно, поврзана со ритуалите посветени на богот на виното, Дионис, не упатуваат сличните појави на врежана симболика и на други места со вакви објекти за гмечење на грозје. Овој објект се наоѓа на падините на ридот Негрее, на кој се среќаваат голем број слични објекти,1 кои упатуваат на старите корени на одгледување винова лоза во тој простор, денес во атарите на селата Мажучиште и Мраморани, Прилепско. Во околината на овие винарници се наоѓаат голем број разновидни културни траги од различни периоди, започнувајќи од подлабоката праисторија. Од југоисточната страна се наоѓа локалитетот Ридот, кој се издига, североисточно од селото Мажучиште на кој има завидни остатоци од населба со тврдина, со културни траги од бронзениот период, железното време и раната антика,2 а од северозападната страна, во близина на запустеното село Големо Мраморани, во подножјето на ридот Негрее, се наоѓа локалитетот „Самовилец“ на кој се среќаваат, исто така, завидни остатоци, од населба од енеолитот и бронзеното време, а на овој простор има културни остатоци и од поновите периоди.3 Над целиот простор, на не многу големо растојание, доминира и извишениот Златоврв, под кој била расположена населба, своевиден култно-религиски центар, со античко име Колобаиса. Во поблиската и подалечната околина се среќаваат и други траги од разновидна стара култура.4 Сето ова упатува на богата културна слика, во чие средиште се наоѓал и споменатиот објект.
1 Тренчо Димитриоски, Древна Пелагонија I, Ризница, Прилеп 2009, 136 и 137.
2 Тренчо Димитриоски, Древна Цивилизација I – археологија, митологија, преданија, Прилепско, ЦПРТВ – Прилеп, Прилеп 2002.
3 Тренчо Димитриоски, Древна Пелагонија I, …, 126 – 135.
4 Тренчо Димитриоски, Древна Цивилизација I, Тренчо Димитриоски, Древна Пелагонија I,.. .