ЛОКАЛИТЕТОТ „ДЕЈКОВЕЦ“ КАЈ СЕЛОТО КОКРЕ, ПРИЛЕПСКО, ОД ВРЕМЕТО „КОГА МАРИОВО БИЛО МОРЕ“

Селото Кокре се наоѓа на околу 20 км источно од Прилеп и 4 км северно од селото Кален, во истата долина, но подлабоко меѓу двата крака на Селечка Планина, во подножјето на планината. Иако така скриено и со навидум тесен атар, во неговата околина има изненадувачко многу остатоци од древната култура, меѓу кои и такви што во себе носат високи вредности, кои предизвикуваат возбуда при нивното набљудување и кои заслужуваат исклучително внимание за осознавање на минатото на нашиот простор. Локалитетот „Дејковец“, кој е најавен во овој наслов, не го избравме како прв од атарот на Кокре заради неговиот примат како локалитет со културни остатоци, туку заради едно предание кое во себе има асоцијација на прастарите времиња на просторот на Мариово. Тоа гласи:

Дел од селото Кокре - распаднати куќи
Дел од селото Кокре – распаднати куќи

Некогаш многу одамна Мариово било море. Целото било под вода и селата се наоѓале на повисоките места. Кокре тогаш се наоѓало во Дејковец, горе над денешното село и се викало Дејково. Тогаш свадбите се правеле со лотка. Во тоа време од селото Полчиште носеле некоја девојка, мома во Дејково со лотки.“ Преданието нѝ го пренесе Драган Стојаноски од Кокре.

Чешмата во селото Кокре
Чешмата во селото Кокре

          Локалитетот „Дејковец“ се наоѓа на околу 2 км северозападно од селото Кокре, на повисокиот дел на долината, крај потоците кои слегуваат од таа страна, од кои едниот е т.н. Марковечка Река. На површината на овој локалитет се среќаваат остатоци од древно постоење во форма на керамика и сл., што на свој начин покажува дека фактот за постоење на стара населба изнесен во преданието е точен. Што се однесува до другите наведени моменти, евидентно е дека во преданието за „Дејковец“ повторно има асоцијација на постоењето голема вода на просторот на Мариовската котлина, што потсетува на прастарите времиња, кога овој простор, како и просторот на Пелагонија биле под вода, која пред 2,5 до 3 милиони години со придвижувањето на Егејскиот басен се повлекла од него. Не е логично да се верува во некакво паметење на тоа време, но носењето на ова сознание и неговото пренесување на генерациите од поколение на поколение уште од древните времиња, не треба да се исклучува. Токму така би го сфатиле споменувањето на прастарото море во Мариово во повеќе слични преданија кои сèуште се живи меѓу жителите на овој простор.

Зачуван објект во, речиси, испустеното село Кокре
Зачуван објект во, речиси, испустеното село Кокре

          Освен фактот што на локалитетот „Дејковец“ има траги од стара населба, треба да се нагласи дека во негова близина се наоѓа уште еден локалитет со траги од древните времиња, но сега траги кои имаат асоцијација на смртта, односно гробови кои се среќаваат на локалитетот „Гробот“. Според тврдењето на Петко Крстески, денешен жител на селото, роден 1924 година, на ова место на помалиот локалитет „Деленица“, кога тој бил ученик, по налог на српскиот учител Божидар Ѓорѓевиќ, учениците копале гробови и при копањето наоѓале стари грнчиња и по некоја монета.

Маркова Стена - од северозапад
Маркова Стена – од северозапад

Жителите на селото Кокре раскажуваат дека на ридот кој се протега од север кон југ, а кој се наоѓа североисточно од локалитетот „Дејковец“, се наоѓа место каде и денес може да се види ѕид од некоја кула градена со големи камени блокови. Поради кулата ова место се вика „Маркова Стена“, а реката од југозападната страна, Марковечка Река.