ЦРКВАТА „СВ. ИЛИЈА“ ВО МАНАСТИРОТ КАЈ ИСПУСТЕНОТО СЕЛО МЕЛНИЦА ВО МАРИОВО, ПРИЛЕПСКО, КОРЕНИТЕ НА КОИ Е ПОСТАВЕНА, ВЕЛЕЛЕПНИОТ ЖИВОПИС И ОПАСНОСТИТЕ НА КОИ Е ИЗЛОЖЕНА

Денес во околината на селото Мелница, кое се наоѓа на околу 50 km од Прилеп и на 4-5 km пред селото Витолиште, од кое се останати само неколку урнатини од некогашните куќи и од водениците, со својата впечатлива градба и зачуваност се истакнува манастирот „Св. Илија“. Тој поседува црква која е изградена 1872 година, целосно живописана, а живописот е дело на познатиот зограф Аврам Дичов, потомок на уште попознатиот Дичо Зограф од селото Тресонче, Дебарско. Овој живопис потекнува од 1881 година1, а ктитор на црквата во манастирот бил Дедо Стале Чешелков од селото Полчиште, кое се наоѓа на околу 4-5 километри источно од него. За тоа дознаваме од натписот на внатрешниот ѕид во црквата, од левата страна на вратата, односно, на почетокот на северниот ѕид. Тука во живопис е изработен и самиот дедо Стале во традиционална мариовска облека. Според преданието од жителите на Полчиште и другите поблиски села, Дедо Стале Чешелков во манастирот дошол по препорака на својот христијански учител од Света Гора, каде што престојувал извесно време2. Кога дошло време да се врати во својот роден крај, неговиот духовен учител му предложил да оформи манастир со христијански храм и Дедо Стале го одбрал токму ова место кај селото Мелница. Најпрво тој направил помала градба и почнал да собира средства за изградба на поголема црква и конаци за манастирот, како и простории за одгледување добиток. Набрзо тој собрал значаен имот за манастирот и така никнала црквата „Св. Илија“ во денешниот облик. Едно предание–анегдота и денес може да се слушне од жителите на блиските села.

Манастирот „Св. Илија“ пред околу еден век
Манастирот „Св. Илија“ пред околу еден век

Еден ден дедо Стале Чешелков морал да заврши некоја работа во некое подалечно место. Меѓутоа, тој во манастирот чувал кокошки и се плашел дека ќе му ги нападне лисицата и ќе му ги издави. Затоа тој застанал пред иконата на св. Илија и му рекол: дедо Илија, јас сега ќе одам по некоја работа, а тебе ти ги оставам кокошките да ги чуваш од лисицата. И заминал по својата работа. Кога се вратил што ќе види. Сите кокошки биле издавени од лисицата. Зел дедо Стале една прачка и повторно отишол пред иконата на св. Илија, та зел да мава по неа велејќи: – Дедо Илија, што ти реков јас пред да заминам од манастирот? Како јас толку време ги чував кокошките и една не и дадов на лисицата, а тебе еднаш те оставив да ги чуваш и си дозволил сите да ти ги изеде? И мавал со прачката по иконата на св. Илија. Другиот ден, за чудо, покрај издавените кокошки ја здогледал умрена и лисицата која ги издавила.

Дедо Стале Чешелков живеел во манастирот до крајот на својот живот и проживеал дури 115 години3. Не постојат информации дека се женел и затоа не може да се најде негово директно потомство. Од неговото пошироко семејство има потомци од родот Чешелковци по потекло од Полчиште. Дури, некои од нив, по семејна традиција, го носат и неговото име Стале. Неговото дело и денес го краси просторот на Мелница со храмот изграден од мајсторот Пере Лауцо од Прилеп. Денес манастирот, освен црквата, има зачувано само дел од старите конаци бидејќи, во поново време, се изградени нови манастирски објекти за сместување на гости и посетители. Од некогашните штали во кои се чувал добиток од манастирот во минатото денес има само извесни ѕидови надвор од манастирскиот двор.

Живописот со дедо Стале Чешелков
Живописот со дедо Стале Чешелков

За манастирот се раскажува и приказната поврзана со извесен „генерал“ од Првата светска војна кој манастирот го користел за потребите на војската, како магацин и сл., та притоа се разболел, односно се парализирал и повторно оздравел, та ветил дека целиот манастир ќе го загради со ограда од бел мермер. Ветувањето, од непознати причини, тој делумно го исполнил, та од големи и добро скроени мермерни блокови е направена монументална порта од западната страна, висока околу 7 m за која мермерот бил донесен дури од Бугарија. Според нам непотврдени информации, „генералот“ бил познатиот полковник Дрангов, кој бил командант на триесетилјадна војска за време на Првата светска војна и бил Македонец, по потекло од Скопје.

Натписот посветен на живописувањето
Натписот посветен на живописувањето

Денес во манастирската црква „Св. Илија“ може да се забележи богатството од живопис од мајсторот Аврам Дичов, при што посебно в очи паѓа „Страшниот суд“, кој е насликан на внатрешната страна од западниот ѕид. Овие сцени можат да се сретнат во повеќе цркви низ Мариово и, според стилот, би се рекло дека се дело на ист мајстор. Со оглед на фактот дека повеќето потекнуваат од приближно истиот период, тоа е многу веројатно.

Големата порта од мермер од западната страна
Големата порта од мермер од западната страна

На просторот кој се протега западно од манастирот „Св. Илија“ се наоѓаат остатоци од стара керамика, која ретко има нешто типично на неа. Сепак, тоа укажува на некое старо постоење во тој простор кое упатува на размислата за корените на манастирот. Прашање е дали тој не е поставен на простор кој располагал со постари, но одамна уништени градби. Всушност, постарите автори потврдуваат дека во 19-ти век тој е само обновен.4

Голем свет даб во дворот на манастирот
Голем свет даб во дворот на манастирот

ЖИВОПИСОТ ОД ЗОГРАФОТ АВРАМ ДИЧОВ

Фрескоживописот во црквата „Св. Илија“ кај испустеното село Мелница привлекува особено внимание, како со својата содржајност, така и со естетиката. Мора да се истакне дека внатрешниот дел на црквата бил комплетно живописан. Аврам Дичов со својата сликарска тајфа не оставил ниту дел од овие ѕидови без украсување. Употребени се хармонични и живи бои, со нагласена светла нијанса. Психолошката димензија на ликовите е благо нагласена, а композициите се одликуваат со средна динамика и драматичност.

Куполата со велелепниот живопис
Куполата со велелепниот живопис

Во централниот сводест дел на апсидата, вообичаено, ја среќаваме св. Богородица Небесна, која за жал е грубо оштетна од распукување на ѕидот и од дождовница, токму во нејзиниот лик. Во олтарниот простор, на централниот сводест дел над апсидата го среќаваме бог Саваот, а лево и десно голем број ликови и претстави од христијанството. Меѓу нив Целиванието Елисаветино, веднаш од десната страна на Саваот, а во понискиот дел на сводот, во посебна ниша, долу св. Лаврентиј, а над него старозаветна жртва. Над оваа претстава, го среќаваме и св. Кузман. Добар дел од претставите во олтарниот простор се уништени со распукување на малтерот од дождовница и други атмосферски влијанија.

Св. Роман и Жртвата Аврамова
Св. Роман и Жртвата Аврамова

Десно од апсидата ги среќаваме двајцата архиѓакони, св. Пармен и св. Венијамин, а лево св. Роман, со посебна претстава над него – Жртвата Аврамова (Жртвувањето на Исак) и архиѓаконот св. Стефан.

Во апсидата, под св. Богородица Небесна се насликани главните богослужители. Лево св. Атанас, св. Никола и св. Јован Златоуст, а десно св. Василиј Велики, св. Григориј Богослов и св. Спиридон. Ликовите на овие богослужители, како и облеките во кои се претставени, оставаат силен впечаток.

Во големата купола во центарот на просторијата има раскошна претстава со Исус Христос Седржител во центарот, односно, највисокиот дел на куполата. Надолу во куполата се распоредени три кружни полиња со посебни претстави. Во полето веднаш до Седржителот се распоредени архангели, серафими, сцени со светиот дух и сцена со положеното тело на Исус Христос. Во средното поле се наоѓаат прозорците на куполата, а на ѕидните површини повеќе светители и во најдолното поле од куполата, голем број сцени, како Распетието Христово, Симнувањето од крстот и други. Куполата, со убаво изработениот живопис е посебно доживување во храмот, со силен впечаток на величественост и возвишеност.

СЕВЕРНИОТ ЅИД

На двата ѕида – северниот и јужниот, се направени по две големи арки, во чии површини се насликани голем број ликови на светци и композиции.

Св. Новомаченик Георгиј од Јанина и св. Агапиј
Св. Новомаченик Георгиј од Јанина и св. Агапиј

На северниот ѕид, од западната страна, најпрво е насликан дедо Стале Јованов Чешелков, со натпис: „Настојател, Дедо Стале Јованов Чешелков од село Полчиште“, претставен во типична машка облека со антерија. Во десната рака држи бројаница, а во левата запалена свеќа. Со долга коса и пократка барада, со лик кој изразува скромност, но и мудрост и смиреност. Во негова близина стои и подолг натпис за живописувањето на црквата. Натписот, приближно, изгледа вака:

 „Во слава на светите едносушни, животворни и неразделни троица, Отецот, синот и светиот дух: со повелба во време на царствујуштиот наш цар, султан Амит… Овде, во село Мелница се живописа (се исписа) овој манастир на светиот и славен пророк Илија, Тезвитанинот, со заложба на православните христијани од околните села, во спомен на трудољубивите настојатели и за мене, Дедо Стале Јованов Чешелков од село Полчишта. Со сета народна и општа помош.

Еже поплоти Господа и Бога спаса нашего Исуса Христа, 1881,

Из руки Аврам Дичов, Зограф, Дебарско окружје, село Тресонче/ мај, 27 божји ден“.

Св. Архангел Гаврил
Св. Архангел Гаврил

Веднаш до натписот, десно, на столбот од арката е насликан св. Архангел Гаврил, а во самата арка, во долниот ред следат: св. Георги Новомаченик од Јанина, св. Агапиј, св. Меркуриј, св. Теодор Тирон и, крајно десно, св. Великомаченик Георги. Во повисокото поле во арката ги среќаваме св. Прокопиј, Христовото крштение и уште еден светец, а на највисокиот полукружен дел од арката, го среќаваме Цветоносието Христово (Цветници).

ЈУЖНИОТ ЅИД

На јужниот ѕид, тргнувајќи од иконостасот, во голема арка, во полето во основата се претставени  св. Димитрија на коњ, св. Јаков Персијанецот, па следи владичиниот трон со претстава на Исус Христос велики архиереј, св. Мина и св. Никита. Во следното поле, погоре, од двете страни се претставени св. Нестор и св. Пантелејмон, а во средината, меѓу двата прозорци има претстава на Христовото раѓање. На полукружната површина, на највисокиот дел од површината на арката, има претстава на Преображението Христово.

Арка со живопис на јужниот ѕид 2
Арка со живопис на јужниот ѕид 2

Целата површина на арката, како и самиот свод и површините на прозорците се комплетно украсени со разновидна орнаментика, со живи и светли бои, кои на целата композиција и даваат исклучителна свежина и раскош. Сводестата површина е украсена со флорални мотиви и 5 розети со жолти листови на црвена подлога, додека прозорците имаат по две големи розети при основата и при врвот, како и по четири помали розети  – по две на секоја страна, сите со сини ливчиња на бела подлога. На самиот централен сводест дел на прозорците е насликан крст. Всушност, целата внатрешност на црквата била насликана со рајска орнаментика и разновидни христијански претстави и за да се прикаже целата содржина на фрескоживописот потребно е големо внимание, концентрација и голем простор.

Од една посета на манастирот од неговото преосвештенство ГГ Петар
Од една посета на манастирот од неговото преосвештенство ГГ Петар

На крајниот западен дел од јужниот ѕид го среќаваме св. Игнатиј Богоносец со двата лава, а десно од него св. Харалампие со чумата врзана од него.

ЗАДНИОТ ЅИД

Како композиција, особено внимание привлкува претставата на Второто пришествие Христово (Второто доаѓање Христово) на западниот ѕид од просторијата. Композицијата која, популарно, е позната како Страшен суд, е претставена во голема арка, која е оформена преку целата површина на ѕидот. Во основата на композицијата, од десната страна се појавува големата глава на Тартар со отворена челуст во која најпрво е исправен Сатаната, а нагоре по средината на површината на арката се извива змија, чија глава достига до повисокиот дел на арката, каде е претставен Адам, што го симболизира првиот грев на човештвото, а надолу се рспоредени голем број видови гревови, како и казните кои им следуваат на грешниците. При самиот врв два ангели со труби го најавуваат големиот настан поврзан со Второто Христово доаѓање.

Детал од Страшниот суд со првиот грев
Детал од Страшниот суд со првиот грев

АВРАМ ДИЧОВ

            Според определени информации и стиловите на живописот, кој се среќава по црквите во областа Мариово, извесно е дека зографот Аврам Дичов работел на повеќе места во оваа област. Иако нема натпис на кој се споменува, сметаме дека негово дело е и живописот во црквата „Св. Петка“ во селото Бешиште, а сигурно е дека работел и во цркви од другите села. Инаку, познато е дека овој зограф е следбеник на надалеку познатата зографска школа, позната како Дебарска или Мијачка школа, чиј најпознат зограф од деветнаесеттиот век е Дичо Зограф, чиј син е Аврам Дичов. Правнуци на Дичо Зограф, а внуци на неговиот син Аврам Дичов се Јован (Јоле), Саржо, Мојсо и Темјана, чија куќа денес се наоѓа во дворот на куќата во која се родил и големиот зограф Дичо во селото Тресонче, Дебарско. Нашиот зограф Аврам, во неговите стари години го чувал неговиот внук Јоле сѐ до неговата смрт.5  

ЦРКВАТА „СВ. ИЛИЈА“ Е СО ГОЛЕМ БРОЈ АРХИТЕКТОНСКИ ОШТЕТУВАЊА, КОИ ГО ОШТЕТУВААТ И ФРЕСКОЖИВОПИСОТ – ДРЖАВАТА ЗАСЕГА НЕМА СЛУХ

            На крајот на овој текст, неминовно е да потсетиме на состојбата во која се наоѓа црквата „Св. Илија“ во истоимениот манастир кај селото Мелница во Мариово. Нејзината архитектура покажува голем број слабости, со помали и поголеми, речиси, опасни распукувања на ѕидовите. Тие се среќаваат на источниот и западниот ѕид, но исто така, и на јужниот и северниот. Особено се ризични распукувањата по должина на градбата, поради расклонување на ѕидовите. Тоа јасно се забележува, како однадвор, така и одвнатре. Некои од пукнатините се со димензии и до 10 sm, а по вертикала и по неколку метри. Тоа предизвикува оштетување на ѕидовите и во внатрешниот дел на просторијата, со што се оштетува и велелепниот живопис. Делови од живописот се распукани, а на многу места отпаднале големи површини од слоевите малтер со живопис.

Запдниот ѕид на црквата со распукувањата 2
Запдниот ѕид на црквата со распукувањата 2

            Лично ни е познато дека пред неколку години беше поднесен предлог при Министерството за култура на Република Македонија за внесување на овој исклучителен христијански споменик во регистарот на споменици на културата заштитени со закон, но тој не беше прифатен. Според извесни информации, имало извесни најави за преземање заштитни мерки од Заводот и Музеј во Прилеп, па да се надеваме дека нешто ќе биде преземено навреме, иако за добар дел од вредностите на овој храм мерките се задоцнети.

ОД ЖИВОПИСОТ И ОШТЕТУВАЊАТА НА ЖИВОПИСОТ

АРХИТЕКТУРА И ОШТЕТУВАЊА НА АРХИТЕКТУРАТА

[1] Натпис на северниот ѕид на црквата од внатрешната страна.

2 Народно предание

3 Георги Трајчев, Мариово, Македонска Библиотека, Софија 1942, 28.

4 Исто.

5 Никола Ѓурѓај, весник Илинден, Тирана, 2019.