ВИСТИНСКА ПРИКАЗНА ЗА ЗАГИНУВАЊЕТО НА ДОКТОРОТ-КОМИТА, СТОЈАН КАЛЕШКОСКИ ОД СЕЛОТО ВИТОЛИШТЕ, ПРИЛЕПСКО
Многу Македонци, борци за ослободување од турското ропство не се ниту споменати во историските текстови иако го дале својот живот во судир со поробителите. За некои од нив споменот останал во народот, во нивните родни места, посебно меѓу најблиските. Таков е случајот со Стојан Калешкоски од селото Витолиште, Мариово, Прилепско, за кого приказната ја раскажува неговиот внук Митре Калешкоски, преселен во Кавадарци. Стојан Калешкоски по седумгодишна медицинска пракса кај докторот Налев во Битола почнал и самиот да лекува болни и ранети и една година се движел во четата на Крсте Гермов – Шакир, познат како Шакир Војвода, во која бил и Јован Ѓуров од истото село, Витолиште.
Мариово
е гнездо на комитските чети во турскиот период. Тие во овој крај наоѓале
прибежиште од турските потери, храна, облека и закрилници меѓу народот. Преку
оваа голема област полна со ридови и долини поминувале и тајните канали на
Револуционерната организација со кои биле поврзани и областите од Егејска
Македонија. Всушност соработката на населението од Мариово и егејскиот дел на
Македонија била исклучително блиска преку сточарската дејност и трговијата. Тоа
давало можност за развој и на нелегалната активност на Револуционерната
организација. Во една од народните песни се опева и средбата на легендарниот
мариовски војвода Толе Паша со Гоце Делчев некаде во мариовските
планини.1 Оддалеченоста на овој крај
од поголемите градски центри во Турската империја му давала и некои
специфичности, а се говори дека во долг период од турското ропство овој крај
имал и своевидни привилегии со извесна автонимија во собирањето на данокот од
страна на т.н. Земски кмет кој имал седиште во Витолиште. Тој при собирањето
имал своја заштита од домашни вооружени лица. Сето тоа придонесло жителите на
овој крај помалку да го почувствуваат турскиот јарем сѐ до седумдесеттите
години на 19 век кога последниот „Земски“ кмет Трајко Христов Чакрев од
селото Полчиште бил убиен од Турците во Прилеп.2
Ваквиот начин на живеење на жителите на овој крај придонесол тие да имаат многу
повеќе контакти со разните одметници од Турската империја, односно ајдуците,
комитите и подоцна организираните чети на Револуционерната организација. Во
исто време во овој крај поминувале и разни ограбувачи и злосторнички групи од
Албанија кои правеле голем број злодела. За таква една банда од 150 Албанци се
говори дека во 1826 година го нападнала и ограбила селото Градешница во
Мариово.3 Сето ова придонесло за
самоорганизирање и на населението во Мариово на што, веројатно, се должат и
специјалните отвори-пушкарници
по старите камени куќи во овој крај кои служеле за одбрана. Врпско, кое се наоѓа на десниот
брег на Црна Река,
е едно од селата кое било комитско гнездо во турскиот период во Македонија.
Токму овде се раскажува приказната за загинувањето на еден млад комита-доктор во четата на Шакир
Војвода. Бидејќи за
битката пронајдовме само едно мало сведоштво во спомените на Васил Балевски, кој бил и учесник во
судбоносната битка, како војвода во Мариово и загинатиот комита го нарекува
„докторчето“,4 овде поопширно ќе го пренесеме
раскажувањето на Митре Калешкоски, по потекло од селото Витолиште, кој се преселил и живееше во Кавадарци. Според
неговото раскажување,
неговиот чичко Стојан Калешкоски загинал 1907 година за време на
празникот Св. Атанас како комита-доктор
во четата на Шакир Војвода. За чудо, времето на загинувањето на Стојан Калешковски во раскажувањето на неговиот внук Митре и времето на загинувањето на
„докторчето“, како што го именува војводата Васил Балевски,5 кој
потекнувал од Охрид, а бил преселен во градот Тројан, во Бугарија, се совпаѓа.
Тоа значи, дека имаме историска поткрепа на настанот од приказната на Митре Калешковски.
КОЈ БИЛ СТОЈАН КАЛЕШКОСКИ
Според раскажувањето на неговиот внук Митре Калешкоски, Стојан Калешкоски потекнувал од Куле Калешкоски, чиј татко исто така се викал Стојан. Куле имал тројца синови, Стојан, Стале и Коста. Татко му на Куле бил богат човек, но се распил и целиот имот го пропастил. Куле почнал да прави качиња и ги носел Битола да ги продава. Таму одел во анот на Налевци познат како Мариовски ан. Налевци потекнувале од селото Градешница во Мариово.6 „Дедо ми Куле се запознал со газдата на анот – раскажува Митре Калешкоски – и во разговорот ги споменале децата. Нале го прашал колку деца има, а овој му одговорил дека има три машки. Тој го прашал колку години има најстарото, а овој му одговорил дека тоа има 14 години. Тој бил Стојан, мојот чичко. Кога газдата на анот разбрал дека Стојан имал завршено и школа, гимназија по наше, тогашна осмолетка, му предложил на дедо ми Куле да го испрати во Битола. – Да ми го доведеш во Битола да работи со докторот мој, син ми – му рекол стариот Нале, газдата на Мариовскиот ан – ќе му помага и ќе стане доктор.“
Стојан Калешкоски работел кај докторот Налев во Битола 7 години.7 Кога навршил 21 година добил потпис од докторот и така станал доктор. Се вратил во Витолиште и почнал да лечи болни. Го земале да ги лечи и Турците и комитите. Еднаш доаѓале Турците, другпат комитите за да лечи ранети. Турците му велеле дека во Витолиште не е место за да живее човек како него. Извесен потпоручник, „муљазим“ му велел да замине во Истамбул. Слично го советувал и докторот Налев. Му велел да замине од Витолиште зашто може да загине. Тоа им го пренесол на татко му Куле и мајка му Велика. Мајка му почнала да се жали дека не сака да го пушти зашто така ќе и биде далеку и којзнае кога повторно ќе го види. Тој ја послушал мајка си и останал да живее во Витолиште. Набрзо кај него дошле Шакир Војвода и Ѓуро Војводата (Јован Ѓуров) и му рекле да појде во нивната чета за да ги лечи комитите. Со четата одел цела година. Таа се движела во атарот на Мариово, во селата Врпско, Клиново, Гудјаково, Галиште и др.
СУДБОНОСНИОТ ДЕН СВ. АТАНАС ВО СЕЛОТО ВРПСКО
Пред празникот Св. Атанас во јануари 1907 година во селото Врпско се собрале околу 100 комити. Славеле кај „Змијова Чешма“. Во селото се правело додоле за да заврне дожд и се јадело и пиело 3 дена. Турците разбрале дека комитите јаделе и пиеле 3 дена во Врпско и испратиле аскер откај селото Дуње преку селото Вепрчани и Гудјаково за да ја преминат Црна Река на смиквата (сандак поставен на сајли над реката). Било договорено аскерот од селото Витолиште да дојде во исто време во Врпско. Врпско се наоѓа на околу 10 km северозападно од Витолиште.
Кметот од Витолиште дознал дека Турците ќе одат за Врпско и го викнал протуѓерот (селскиот гласник) да му каже на Митре Старчев да појде во Живово кое е на 4 km северозападно од Витолиште за да го извести кметот во Живово, Бендерот, дека на 30 јануари Врпско ќе биде сардисано од Турците. Бендерот требало да испрати негов човек да им каже на комитите. Вечерта во Витолиште се славел празникот Св. Атанас и имало многу гости. Комитите овој празник го славеле во Врпско. Митре Старчев имал исто така гости во куќата и си рекол да не оди во Живово бидејќи нема кој да ги пречекува гостите. Не кажал никому. Кметот во селото знаел дека работата е завршена.
Ноќта
спроти Св. Атанас селото Врпско било сардисано од 300 души турски аскер. Рано
во зорите некој стар човек од селото Врпско излегол да носи леб на трлото и ги
забележал турските војници. Се вратил и ги разбудил заспаните комити. Излегол Шакир
(Крсте Гермов) и се уверил дека околу селото има Турци. Комитите се
спуштиле по еден дол кој води кон Црна Река и незабележано се провлекле до
ридот „Тисова Глава“ под селото. Се собрале на
овој рид. „Тогаш чичко ми
Стојан –
раскажува
неговиот внук Митре Калешкоски –
му рекол на Шакир дека ја заборавил чантата во која носел и
документација од четата. Шакир му наредил да се врати и да ја земе чантата.
Назад по долот и се вратил во селото кај семејството Гроздеви, каде што спиел
претходните ноќи. Ја зел чантата, но за тоа време Турците наближале до куќата и
затоа ја закопал заедно со документацијата во блиското буниште, односно во
ѓубрето од добитокот. Кај Гроздеви имало една млада невеста и чичко ми и рекол
да му даде алишта да се преслече и така да се извлече од обрачот. Таа му рекла – бегај докторе ќе ми ја
запустиш куќава. Тој и рекол дека нејзината куќа и така ќе се запусти, туку да
му даде алишта да се спаси. Таа не му дала алишта и покрај молбите и тој
заминал. Кога наближал кај долот Турците го забележале на далечина од околу 20
метри и му свикале: –
Стој еќим! И тој застанал. Меѓу војниците бил и поручникот кој го познавал. Во
меѓувреме жителите на селото Врпско Турците ги врзувале, мачеле и испрашувале
за комитите. Поручникот му рекол на Стојан да се предаде и тој му одвратил дека
ќе му се предаде само нему. Тргнал поручникот накај Стојана со двајца војници.
Стојан му рекол: –
Само ти муљазиме, тебе ќе ти се предадам, не на војниците. Војниците не
застанале и кога наближиле на десетина метри до докторот тој пукнал и двајцата
војници ги пронижил со еден куршум. Едниот починал на самото место, а другиот
го донесле во Витолиште, но не преживеал. Чичко ми летнал да бега преку нив, но
во бегањето скокнал во некој повој и се заплеткал. Имало Турци, војник до
војник и го фатиле жив. Поручникот свикал да го држат додека стигне. Во аскерот
имало еден ѓуптин кој му пукнал на докторот Стојан Калешкоски во увото и го
убил. Така поручникот не успеал да го зароби жив. Можеби тој имал намера да му
помогне, но не успеал во тоа. Подоцна за целата случка им раскажувал на
родителите на Стојан, односно, на неговата мајка Велика.“
ПОГРЕБОТ НА ДОКТОРОТ И КАЗНАТА ЗА НЕПОСЛУШНИТЕ
По загинувањето на докторот Стојан Калешкоски турскиот поручник дошол во семејството на Калешковци и му рекол да појдат во Врпско и да си го земат телото на Стојан. Им рекол дека е гол и да земат облека за да го променат. Исто така ги предупредил да го направат тоа без да дознае никој и да го закопаат во Врпско. Татко му на Митре Калешкоски, односно брат му на убиениот доктор Стојан, во тоа време имал 15 години и тој исто така пошол во Врпско на закопот на својот брат. Кога пошле таму телото на Стојан било сосема голо, со само едно шамивче врзано околу вратот. Го закопале во дворот на црквата Св. Архангел.
По смртта на докторот, односно, по неговиот закоп и заминувањето на Турците, во Врпско повторно се вратиле комитите. Тие направиле истрага зошто не ги известиле за доаѓањето на аскерот. Дошле и до Митре Старчев кој требало да дојде во Живово и да го информира тамошниот кмет. На Митре му рекле да ја стави главата на некоја пењушка и со секира му го пресекле вратот. Казнета била и невестата од Гроздеви која не му дала алишта на докторот Стојан Калешкоски да се пресоблече за да се провлече низ турскиот обрач. Нејзе некој доброволец од комитите и ги прободил градите со нож.
Приказната
за Стојан Калешкоски многу течно ни ја раскажа неговиот внук од брат Митре
Калешкоски кој добро ја запамтил по раскажување од неговиот татко Стале.
За настанот не успеавме да пронајдеме пишани документи, но тоа не значи дека не
постојат. За докторот од селото Витолиште,
кој загинал како комита во четата на Крсте
Гермов – Шакир, освен споменувањето
во спомените на Васил Балевски, кој
бил војвода во Мариово во 1908 година, каде тој не известува за загинувањето на
„докторчето“8 од селото Витолиште, на
друго место не успеавме да пронајдеме. За битката кај селото Врпско, Прилепско,
како и за Стојан Калешкоски, „докторчето“
од селото Витолиште, кој загинал во неа, сепак, вреди многу повеќе да се
истражува.
1 Тоа е песната „Излегол Толе, Толе Паша“.
2 Георги Трајчев, Мариово, Македонска библиотека, трето непроменето издание, Софија 1942, 10, 11.
Кај Александар Стојановски се работи за 1834 година. (Александар Стојановски, Македонија од XIV – XVI век во турското средновековие, 387, 388.
3 Турски документи за Македонија
4 Васил Стефанов Балевски, Спомени од Македонија, Тројан, 23.XII.1964
5 Исто.
6 Налевци се познато семејство од Градешница, Мариово, општина Новаци, преселено во Битола. Познат е д-р Ставри Налев кого го споменува и Никола Петров Русински, кој се лекувал кај него од тешка настинка: „На 28.02.(1903) јас бев однесен како полумртов труп со воловска кола во кабинетот на доктор Ставри Налев, родом од с. Градешница, … Јас се познавав со него уште од првата седмица по моето доаѓање во Битола во 1900 год. Тој знаеше дека сум интернационалист, но многу добро се однесуваше со мене и со моите приврзаници.“ (Никола Петров Русински, Спомени, Институт за национална историја, Скопје 1997, 260.)
7 Имајќи предвид дека Стојан Калешкоски бил на медицинска пракса во Битола до околу 1906 година голема е веројатноста дека тој тоа го правел кај д-р Ставри Налев, кого го споменува и Н. П. Русински во своите спомени.
8 Васил Стефанов Балевски, Спомени од Македонија, Тројан, 23.XII.1964