ФАСЦИНАНТНА КАРПА – ШКОЛКА – КУЛТНА КАРПА НА ЛОКАЛИТЕТОТ „ГРАДИШТЕ“ КАЈ СЕЛОТО МАНАСТИР, МАРИОВО, ПРИЛЕПСКО

Црна Река, која во античкиот период го носела името Еригон и под тоа име била и обожувана како посебен култ, по нејзиното течение е преполна со културни остатоци од различни периоди. Особено е забележливо дека по нејзиното течене на мали растојанија по двата брега се распоредени голем број локалитети со остатоци од населби, како од подлабоката праисторија, така и од античкиот период, како и од средниот век. Особено се фасцинантни локалитетите распоредени по високите брегови на Црна Река, по нејзиниот тек низ областа Мариово, каде тие зафаќаат доминантни позиции на повисоките тумби на кои се среќаваат и голем број фасцинантни форми на карпи, меѓу кои и такви на кои се забележуваат и разновидни интервенции од страна на некогашните жители на овие населби. Имајќи ги предвид сознанијата за културниот и религискиот живот на човекот во тие периоди, речиси, е сигурно дека голем број од таквите карпи имале извесно култно-религиско значење и биле средишта на религискиот, културниот и општествениот живот.

Локалитетот „Градиште“ од западната страна
Локалитетот „Градиште“ од западната страна

          Една карпа со доминантна позиција и фасцинантна форма на школка, на почетокот на локалитетот „Градиште“ кај селото Манастир во Мариово, од неговата северна страна, посебно, го привлекува вниманието. Таа е поставена на основа од поголема карпа со рамна површина од горната страна, висока е околу 4 м, широка околу 6 и од нејзината јужна страна има ниша висока околу 2,5 м, широка околу 1 м и длабока околу 0,5 м, со тоа што целата карпа малку е навалена кон југ. Во нишата во подножјето има отвор (прозорец) со висина од околу 1 м и ширина од околу 0,8 м кој гледа кон север. Дека овој отвор бил затворан со извесна конструкција покажуваат длабените форми на неговите рабови, како и во неговото подножје на површината на големата карпа која служи како основа. Доминантната положба на оваа карпа, како и формата на школка која е очигледна, ни дава право да претпоставиме дека овој природен објект кој претрпел и интервенции од човечка рака и креативност, можел да има извесно култно значење во времето на постоењето на праисториската населба, а неговото користење во подоцнежните периоди, исто така, не треба да се исклучува. Во извесни периоди од развојот на човештвото, со формирањето постојани населби и живеалишта луѓето имале посебен пиетет и ги обожувале изворите на нивната егзистенција како што се реките, живиот свет кој им користел во исхраната и сл. Познато е дека во исхраната на некои подрачја на Европа свое место имала и школката, па така земајќи предвид дека карпата за која овде станува збор личи на школка, како и близината на Црна Река во која и денес има речни шкоки, претпоставката дека карпата имала култна намена е уште пооснована. Според науката долж брегот на Атлантикот, во Португалија (Муга) и Бретања (Тавијек и Хедик), поради интензивното користење на школките населбите имале изглед на куп од школки.1 Формата на споменатата карпа од „Градиште“ кај Манастир коиндицира со овие научни констатации.

Нишата на карпата школка
Нишата на карпата школка

          На локалитетот „Градиште“, освен споменатата карпа со форма на школка, има и други карпи кои со своите форми го привлекуваат вниманието, како и такви кои на своите површини имаат траги од интервенција на човечка рака. На највисокиот дел од „Мал Град“, кој се наоѓа од источната страна на Градиште, на една голема карпа можат да се видат два големи издлабени садови поврзани еден со друг, со приближно кружна форма со пречник од околу 1,5 м и длабочина од околу 0,8 м. Од жителите на селото Манастир овој дел од „Мал Град“ е наречен „Котлите“ токму поради издлабените садови во карпата. Ако се разгледа површината на карпата, околу овие два големи сада ќе се забележи дека од нивната западна страна има издлабено помали дупки со пречник од околу 20 см кои, веројатно, биле основа за поставување некакви столбови од извесна надградба над големите садови. Дали служеле како обични резервоари или се користеле за поинакви цели, тешко е да се каже. Одејќи по сртот на „Мал Град“, кој се протега кон Црна Река, керамиката е и понатаму присутна и може да се констатира дека „Мал Град“ располага со керамика, главно, од праисторијата за разлика од „Голем Град“ кој се наоѓа од страната на Црна Река (западната) каде, освен праисториската керамика, има и големи количества и на античка и доцноантичка керамика. На долниот дел од „Мал Град“ вниманието го привлекува една голема карпа високо издигната над брегот на Црна Река со форма на наковална, а карпи со впечатливи форми има голем број по целиот рид. Посебно интересни за археолозите праисторичари се карпите кои често заградуваат цели простории кои со мали интервенции даваат можност за заштита од временски непогоди и сл. Тоа е можеби една од главните причини за населувањето на овој простор уште во праисторијата.

Поглед на карпата школка низ блиските карпи
Поглед на карпата школка низ блиските карпи

Интересно е дека на локалитетот „Градиште“, освен керамика со белези од енеолитот (доцното камено време), се наоѓа и керамика од следните праисториски периоди, односно, бронзеното и железното време. Без соодветни археолошки истражувања е тешко да се каже нешто повеќе, но овој факт може да упатува и на извесен долг континуитет на населување на овој простор, односно на повеќекратно населување во различните праисториски периоди.

[1] Драгослав Срејовиќ, Мезолитска религија, Електронско издание, Ars libri и Кремен, Београд.