ЗМИЈАТА И ЛАСТОВИЦАТА
(Од книгата, „Народни умотворби од Пелагонија и Мариово“
Автор: Томе Велјаноски
Подготвил: Тренчо Димитриоски)
После многу години, по Адам и Ева, земјата се преполнила со многу народ. Народо, тој што бил, постанал толку неверен, почнал да не поштува ни најближна крвна роднина. Се мажеле и женеле од прва род, брат и сестра, со измешана крв почнале и се народиле толку многу инвалиди, неспособни за работа, немало кој да ги храни и прави измет. Земјата, претоварена со луѓе, почнала да се страни од преоптоваренос и од големите неправди што луѓето почнале да ги прават, го натерало Госпо нешто да стори, да ‘е и’чисти земјата од гревовите и неправдите што ги правел човеко. Госпо мислел, мислел, и се одлучил да направи еден потоп со вода, ама да остави од човеко и сите животни, инсекти, влекачи, птици, морски животни, по еден пар, машко и женско, после потопо, пак, да почнат да се размножува’т.
Слегол Госпо на земјата за да најди човек праведен за да го преживее потопо. Господ од Нојо и неговата жена не нашол поправедни луѓе и му ‘е раскажал неговата намера за Нојо да почни да прави брод за, кога ќе биди потопо, тој и одредените животни да се вселат во бродо и спасат од потопо од вода што ќе го направи Госпо. А потопо ќе биди кога Нојо ќе руча на железна трпеза.
Нојо почнал да го гради бродо од штици и греди, а име на бродо му дал Арка. Народо разбрал да Нојо гради брод за од потопо, не верувал, се исмејувале со Нојо и почнале да му вршат нужда внатре. Господ фрлил една тешка заразна болес по тие луѓе што вршеле нужда во бродо, многу изумреле. Тие што се покајувале оделе во бродо’ се миеле од мочката, се мачкале од изметот, му паѓала крастата од телото и лицата и поново оздравувале.
Еден ден Нојо и неговата жена работеле во полето, жниеле. Заврнало силен дож кога седнале да руча’т, носеле зелник в тепција.
– Каде и како да го ставиме зелнико?
Нојо ги зел срповите, со врвовите ги закачил в земи, со рачките ги допрел до земи, ‘е ставил тепсијата на срповите и седнале за да ручa’ и на Нојо му текнало да кога ќе руча на железна трпеза ќе биди потопо.
Откако се наручале зел нешто од работите што ги носеле и отишле право кај бродо Арка. Таму го нашле Господ, кој со свирчето свирнал, дошле од сите животни и животинчина што тогаш живееле на земјата по две, пар – машко и женско, сите навлегле, влегол и Нојо со жената. Надошол и многу друг народ, кој барал проштовачка и милос од Госпо за спас во бродот, ама Госпо не допуштил. Господ го затворил бродо Арка каде бил паркиран во водата.
Откако го затворил бродо Арка Господ, почнало да врни силен дож со ветар. Врнело четириесет осум дена и ноќи, без прекин. Арка, бродо, летнал на вода. Водата се искачила, порастила до највисоките врвови на планините, на Пелистер останало место не потопено колку еден пес да лежи, на Древеник колку едно дрво засадено, на Бобишта за колку една боболка, на Смеча колку за една мечка да стои, на Висока нешто повисоко, на Веслец колку еден фест да стој, на Казан колку еден казан, на Коњарник колку еден коњ да стој, на Козјак, над Плетвар, колку една коза да стој и тн. Сите овие места, на овие врвови, према легендата на старите, ги добиле имината колку што останало место непотопено од водата за време на потопо на Нојо и ден, денес, имината останале да се викa’т така.
После потопо поминале четириесет и осум денови Нојо, за да провери дали паднало нивото на водата, го пуштил гулабо за да провери. Еве го – ене го, еве го – ене го, го нема да си дојди гулабо да кажи. Си дошол вечерта кога се стемнило. Тој да најди едно исушено место од водата, со жито, си застанал таму, си буричкал со клунчето, колвал од житото, местото уште калливо, црвеница, и да си ги извалка нозите до колена и затова на гулабо му се нозите црвени до колена.
Бродо Арка пловеќи на водата, глушецо, како глушец, да го дупни бродо, почнала вода да влегува. Нојо побарал помош од сите животни. Кој ќе го затни бродо ќе му дади што сака. Змијата се наватила да ‘е затни дупката, ама после да цица крв, која е најубава од сите во бродо Арка.
Змијата се свиткала на дупката и ‘е затнала, лежела сè додека било потребно, бродо Арка не застанал на пристаништето. Нојо го пуштил комарецо за да проба чи’е крв е најдобра. Комарецо пробал крв од сите и од Ноја, само што требало да речи дека нема подобра крв од крвта на човеко, летнала ластовицата, та му го скинала јазико на комарецо, останал нем. Скокнала змијата да ‘е фати ластовицата, ‘е фатила за опашката и ‘е искубала, ѝ рекла на ластовицата:
– Каде ќе те најдам тебе, твојте јајца и твоите мали ластовичина, живи и цели ќе ве голтам!
А ластовицата и одговорила:
– Кај човеко, кај човеко, во куќата над главата ќе направам седело и нема ти ништо да ми направиш!
Затова денес ластовицата, човеко ѝ одобрува седело да прави во неговата куќа што го спасила од змијата да не му ‘е пија крвта и ‘е чува од змијата да не ѝ ги најди незините јајца и мали ластовичина. Ако се погледа ластовицата во опашката, ѝ е рацепена на два дела од тој догаѓај што ‘е искубала змијата кога му го скинала јазико на комарецо за да не кажи да човеко има најубава крв од сите на Ноевиот брод Арка. Приказнава прво ‘е слушав во нашата куќа од дедо ми Ристе, татко ми Ванѓел Јовчески, после и од повеќемина марулци.