КУЛТНА КАРПА СО АНТРОПОИДНА ФОРМА – УШТЕ ЕДЕН ПРИРОДЕН И КУЛТУРЕН СПОМЕНИК ВО БЛИЗИНА НА КАМЕНИОТ СЛОН

Дека просторот околу атрактивната карпа–слон не е осамен со трагите од древни интервенции и активности на некогашните жители на древната населба покажува и карпата која се наоѓа на само неколку метри западно од неа, веднаш преку патот кој води кон северниот дел од кулите. Тука има една поголема карпа на која, исто така се среќаваат голем број издлабени форми и интервенции, кои укажуваат на некогашната намена на карпата во некој од постарите периоди. Таа претставува уште еден интересен природен и културен експонат, кој предизвикува со својата природна атракција и културните содржини. Во нејзиното подножје има мал извор со вода, која се смета за лековита и е позната како „петочна вода“, а местото со карпата, односно, самата карпа некои ја викаат и „Св. Петка“. Изворот, речиси, постојано има вода и, се чини, дека не секнува ниту во најсушните периоди.

Култната карпа - ан фас
Култната карпа – ан фас

          Дека изворот, односно, водата од него била користена и во постарите периоди укажуваат неколку правоаголно издлабени корита во подножејто на карпата, (најмалку две), од кои едно е сосема ниско и во него се слева водата од изворот, а уште едно е блиску до изворот, од неговата јужна страна, но на поголема височина од него. За жал, и во случајот со овој природен и кутурен споменик, дел од минатото живеење на градот Прилеп и локалитетот Маркови Кули, се случува слично како и со „Слонот“, односно, некои лица, со добра намера (во тоа не се сомневаме), го покриле целиот извор со груба конструкција од цемент и старите содржини, односно, споменатите издлабени форми од минатото сосема ги скриле. Се разбира, ваквиот зафат е резултат на слабото или никакво следење на споменикот на природата и споменикот на културата Маркови Кули од страна на надлежните институции во градот.1 На тој начин, првобитната природна форма на карпата, како и првобитната културна форма, се во голема мерка изменети, слично како и инетрвенциите кај соседната карпа позната како „Слонот“.2 Замислете, доколку се има поинаков пристап, со почитување на формите и постапките на древните жители, кои кон овие камени објекти, кои биле „активни“ објекти во старата населба, имале посебен и активен однос, како физички, така и духовно. Со ова мислиме да изнесеме можност за внимателно уредување на самите објекти и просторот околу нив, како и внимателно истражување од стручни лица за да се добие вистинска слика на просторот и објектите, како и да се приберат потребните сознанија за нивното значење во минатото! Можеби некој тоа го смета за претерано, но ние сметаме дека тоа е вистински однос кон овој простор и објектите кои ги поседува тој. Автентичната слика, која ќе се добие со таквата обработка е основен аргумент за ваквото размислување.  

Карпата „Св. Петка“ - ан фас
Карпата „Св. Петка“ – ан фас

          Карпата „Св. Петка“, на своите вертикални профили, како и на нејзината „глава“ и карпестата околина има безброј разновидни форми, резултат на човечка интервенција во минатото. Ние се обидовме да проследиме поголем дел од нив со обично набљудување.  На нејзината северозападна страна се среќава еден поголем издлабен резервоар со неправилна кружна форма, со фланкиран отвор, односно оформени рабови на отворот за поставување извесен капак за заштита на внатрешниот простор. На таа страна, како и на југозападната страна на карпата, во нејзиниот најнизок дел се среќаваат и голем број други обработени делови, како неколку помали и поголеми ниши, кои веројатно, биле дел од поголем внатрешен простор на извесен објект во кој била вклопена и карпата со нејзините профили. Од северната страна, на поголема карпеста површина се забележуваат поголем број кружно издлабени јами, основи за столбови или слична намена, а правилно е оформен и поголем дел од работ на таа страна на карпата.

Карпата „Св. Петка“ - јужна страна
Карпата „Св. Петка“ – јужна страна

          Делот од карпата, кој е извишен и надвиснат над патот и гледа кон југоисток, е нагласено повисок и, гледан од југоисточната страна, зафаќа антропоидна форма, а на највисокиот дел – „главата“, односно, на „лицето“ има дури и извесни длабнатини, кои го дополнуваат антропоидниот изглед. Од оваа страна, некаде на средината на вертикалната површина се наоѓа закосен дел на кој е издлабен помал сад за чија намена е тешко да се каже било што. Всушност, овој искуклен дел од карпата, потсетува на поголема антропоидна форма со помала камена форма во прегратка, закосена од исток кон запад, односно, форма која потсетува на мајка со дете на градите. Дали овој изглед имал пресудно значење за односот на старите жители на овој простор кон карпата?

Поголема јама издлабена во подношјето на карпата - северозападен профил 2
Поголема јама издлабена во подношјето на карпата – северозападен профил 2

          Доколку се консултираат постарите автори, за појавата на нагласен духовен однос кон ваквите форми во постарото минато на човекот, не треба да нѐ зачудува дека овој објект имал посебно култно значење и бил средиште на активен духовен живот и култно раздвижување.3  За крај, ќе ја споменеме и една помала издлабена форма, токму во средината на „главата“ на објектот, која од едната страна е со правоаголна форма, а на другата завршува полукружно, Нема да шпекулираме дали овој сад претставувал своевиден реципиент за принесување своевидни жртви на божеството, на кое му припаѓал овој култен објект. Прашање е дали во некое време на  праисторијата и ан­ти­ката, кога егзис­ти­рала населбата на Маркови Кули и во Варош, околу изворот немало и своевидни култни предме­ти, кои го изразу­вале присуството на божеството и нимфите, кои се митолошки суштества слични на самовилите од поновите митолошки преданија живи до денес.

1 Само ќе потсетиме дека тој ѝ е доделен на управување на високата научна институција, Институт за старословенска култура од Прилеп. Каков било надзор на овој локалитет не сме забележале до денес, иако сме многу често присутни на разни места од локалитетот. Можеби затоа, добронамерните и недобронамерните узурпации, деградирања, како и природните катаклизми, до денес никој не ги „забележал“.

2 Веќе ни е познато дека од југоисточната страна на „Слонот“ беше изграден таканаречен амфитеатар, како и камена патека од јужната страна. Ние сме убедени дека до подножјето на овој фасцинантен споменик, во минатото водела, исто така, камена патека, но таа била дел од природната камена површина и се наоѓала на спротивната страна на менхирот.3 За ова може да се прочита во делата на старите автори, како Павсанија – Водич по Елада, Хомер – Илијада, Херодот – Историја, Ксенофонт, Теопомп, Плутарх и др.