БИТКАТА НА ШАКИР ВОЈВОДА И ЈОВАН ЃУРОВ ВО КУЌАТА НА АЛИМАСКОВЦИ ВО ПРИЛЕП НА 01.01 1907 ГОДИНА
– Поради болест Шакир Војвода слегол во Прилеп и се подготвувал да замине на лекување во Бугарија. Со него бил и неговиот другар Јован Ѓуров од селото Витолиште во Мариово. Двајцата својот конак често го менувале за да ги заметнат трагите пред турската власт, но при нивниот престој во куќата на Глигор Алимасков биле откриени и нападнати. Притоа се заметнала битка која траела два часа по што со посредништво на италијанскиот капетан од Битола се предале и биле затворени во затворот во Битола каде се одиграл фарсичен судски процес.
По загинувањето на Толе Паша во Мариово војвода на целата област останал Крсте Гермов – Шакир. Тој имал голем број пријатели меѓу населението во овој крај, а меѓу нив и негови соборци и другари во борбата против поробителите и четите на странските пропаганди од кои во Мариово е посебно изразена грчката. Шпионската мрежа која ја формирала грчката пропаганда често ги издавала движењата на македонските војводи и нивните чети кај турската власт при што се случувале голем број крвави битки. Во нив често се наоѓал и Шакир Војвода (Крсте Гермов) од Прилеп и благодарение на својата присебност, ведро расположение и храброст, среќно се извлекувал и од многу сложени ситуации како што е битката во селото Зовиќ кога заедно со Трајко Кралот од селото Брник се извлекуваат од обрачот на многубројниот турски аскер низ дожд од куршуми. Шакир Војвода учествува и во битката кај селото Вепрчани во август 1903 година во која загинале дури 22 комити, но и голем број турски војници, во битката над селото Селце кај Прилеп во јули 1904 година во која загинале војводата Никола Каранџулов и неговиот другар Најдо Пешталевецот и во многу други битки.
Есента 1906 година Шакир Војвода со својата чета заминал за Крушевско по некоја задача која му е поставена од Окружниот комитет во Битола. По враќањето оттаму тој добил наредба од овој комитет да собира пари за оружје. Собрал 500 турски лири и парите ги доставил до градскиот комитет во Прилеп.1 Му било ветено дека преку Окружниот комитет во Битола парите ќе бидат испратени до задграничното преставништво на Организацијата во Софија. Парите, сепак, биле потрошени од членови на Окружниот комитет во Битола со врховистичка определба, а на Шакир му било речено дека било купено оружје во Бугарија, но дека него го задржал Јане Сандански. Ова лага Шакир ја открил кога подоцна се сретнал со Јане Сандански во Солун.2
ДВОЧАСОВНА БИТКА ВО КУЌАТА НА АЛИМАСКОВЦИ ВО ПРИЛЕП
Набрзо по успешното, но залудно собирање на 500 турски лири за оружје, при крајот на 1906 година, Крсте Гермов – Шакир се разболел и морал да се лекува. За таа цел, заедно со својот другар Јован Ѓуров од селото Витолиште влегле во Прилеп. За да спречат да бидат откриени и фатени или убиени од Турците тие во градот се селеле на повеќе места на секои петнаесет дена.3 Бидејќи лекувањето се одолжило, Шакир планирал да замине за Бугарија каде сметал дека ќе биде побезбеден. Комитетот во Прилеп му го дозволил тоа, но на молба на војводата Петар Ацев тој, сепак, останал во Прилеп.4 Кога двајцата комити и војводи се нашле во куќата на Глигор Алимасков во маалото познато како „Воденички камења“, (денес на улицата „Св. Наум Охридски“бр. 13) биле забележани од извесен србоман и предадени на турската власт.5 Настанот се случил токму на Нова Година, значи на 01.01.1907 година, рано наутро.6 Домаќините на куќата биле инфромирани за опсадата на маалото и му кажале на двајцата другари, Крсте Гермов и Јован Ѓуров. Крсте Гермов, гледајќи дека се заобиколени од силна турска војска помислил дека ситуацијата им е безнадежна и сакал да се самоубие.7 Во ваквата намера го спречиле Јован Ѓуров, газдарицата на куќата и Н. Поп Адамова, која била дојдена кај Алимасковци за да му ги предаде на Шакир документите за слободно патување по канален ред во Бугарија.8 На помислата за самоубиство Шакир Војвода, кој учествувал во многу битки и се извлекувал и од други слични ситуации, можеби го навела и здравствената состојба во која се наоѓал за време на опсадата. Откако Шакир бил убеден да не прави самоубиство, комитите зеле да се подготвуваат за одбрана. Престрелката почнала откако Турците ја опколиле и самата куќа на Алимасковци во која престојувале двајцата комити. Комитите за време на престрелката ја пееле песната „Народе македонски.“ 9 Тие имале намера да ги задржат Турците до стемнување, а потоа да се обидат да се пробијат низ обрачот. Борбата траела цели два часа.10 Во меѓувреме во дворот на куќата на Алимасковци влегла една жена која им донесла писмо од италијанскиот офицер во турска служба, капетанот Ѓузепе Луци кој им предложил и ги молел да се предадат гарантирајќи им дека ќе останат живи. Неговата молба била прифатена.11 Нив требало да ги прифати токму овој капетан, кој во турска служба бил дојден по Илинденското востание како резултат на т.н. Мирцштегски реформи со кои во Македонија од европските држави биле испратени контролори на однесувањето на Турците спрема населението во Македонија. Во моментот кога комитите требало да излезат и да му се предадат на капетанот Ѓузепе Луци, Турците со измама, го турнале капетанот настрана и ги заробиле.12 Двајцата комити биле затворени во прилепскиот затвор, каде одлежале 20 дена, а подоцна тие со заптии биле спроведени во Битола каде во затворот го чекале судењето.13 Во литературата не сретнавме информации за повредени во споменатата битка ниту на едната ниту на другата страна. Во семејството на потомците на Глигор Алимаскоски од Прилеп кое на местото на старата куќа во која се одиграла битката изградиле нова се споменува оштетување на куќата од бомба која можеби била фрлена токму за време на оваа битка.
ФАРСИЧНОТО СУДЕЊЕ НА ШАКИР ВО БИТОЛА
Турците не се брзале со судењето на комитите кои се предале со посредство на италијанскиот офицер Ѓузепе Луци при битката кај Алимасковци во Прилеп. Кога го викнале Крсте Гермов – Шакир пред судот расправата се одвивала во најголем дел околу идентификацијата на неговата личност. Судијата го прашал дали тој е Крсте Шакир на што одговорил дека тој се вика Аргир. Заради тоа судењето било одложено и траело цели три месеци. Биле доведени голем број сведоци од кои многумина изјавувале дека не го познаваат, но имало и такви кои не го симпатизирале и потврдувале дека тој е Шакир. Дека се работи за исто лице судот потврдил со писмата пишувани од Крсте Гермов – Шакир кои ги имал како доказ. Го натерале да пишува и на тој начин откриле дека се работи за исто лице.14 Крсте Гермов – Шакир бил осуден на смрт со бесење, но на таа пресуда поднесол жалба и казната му е заменета со 101 година затвор.15 Шакир бил храбрен од Италијанците кои го следеле судењето, а посебно од капетанот Ѓузепе Луци кој им бил наклонет на комитите. Тој му велел дека нема да биде обесен и Шакир пред турскиот суд се однесувал слободно. Во трудот на Гордана Бабиќ – Јанеска објавен во книгата „Прилеп и Прилепско 1893–1918“ е пренесено дека при донесувањето на пресудата со која Крсте Гермов бил осуден на смрт, тој станал пред судијата и изјавил: „Почитуван суде, пресудава не ме плаши, бидејќи знам дека нема да ме обесите. По кусо време ќе ја преиначите во затвор од 101 година, а јас најпонизно ти благодарам на таа пресуда и во знак на благодарност, стоте години ти ги оставам тебе, а едната ќе ја одлежам јас.“16
Во затворот Шакир Војвода останал до Уриетот кој е донесен на 24 јули 1908 година кога е ослободен17 заедно со многумина македонски војводи, комити и револуционери. Слична судбина имал и неговиот другар и соборец од битката кај Алимасковци во Прилеп Јован Ѓуров. Двајцата со пајтон дошле во Прилеп каде биле свечено пречекани.18
По извесно време од ослободувањето од затворот Шакир Војвода заминал за Солун каде се сретнал со Ѓорче Петров, кој во овој град му организирал средби со Јане Сандански, Христо Чернопеев, Антон Страшимиров, Димитар Мирасчиев и Димо Хаџи Димов. Потоа заминал за Софија, а есента 1909 година по наредба на Ѓорче Петров се вратил во Прилеп.19 Во 1912 година Крсте Гермов доаѓа со чета од Бугарија во Македонија и преку Струмичко и Гевгелиско доаѓа во селото Витолиште во Мариово. Овде разбрал дека е објавена Првата балканска војна. Кога Србите дошле во Прилеп Крсте Гермов – Шакир им бил претставен како бугарски војвода и поради тоа бил затворен. При иследувањето, кое го вршел извесен полковник Димитријевиќ, Шакир изјавил дека дејствувал како македонски, а не како бугарски војвода. Не верувајќи му, иследниците му рекле дека татко му се пишувал како Бугарин. На тоа Шакир одговорил: „Татко ми не е ниту Бугарин, ниту Србин, ами е Македонец – македонски славјанин. Вие пуштивте луѓе што навистина беа агенти на бугарската пропаганда, а мене сакате да ме убиете.“20 Притоа Крсте Гермов бил ослободен, со надеж дека ќе работи за српската пропаганда во Прилепско и Мариовско. Неговата активност продолжила до 1924 година кога Шакир се разочарал од големиот број политички убиства. По смртта на Димо Хаџи Димов на 13.09.1924 година Шакир запишал: „По смртта на Димо Хаџи Димов и последователните страшни масовни политички убиства кои траеја до 9. септември 1944 година, јас не зедов активно учество во македонските борби и останав само заинтересиран гледач на сѐ што се случуваше во Бугарија.“21 Крсте Гермов – Шакир, роден како Аргир, викан и Сребре и Асен умира во Скопје, а по негова желба е погребан во Прилеп на 17 декември 1962 година.
Јован Ѓуров, другарот на Шакир од битката кај Алимасковци во Прилеп, кој исто така е познат со неговата комитска активност и како војвода на чета, живее во Витолиште во Мариово сѐ до почетокот на шеесеттите години на дваесеттиот век и умира во длабока старост (на 92 години). Според раскажувањето на неговиот внук Стојан Ѓуроски, својата чета Јован Ѓуров, при една потера над селото Витолиште, ја спасил со итрина. Имено, тој со четата тргнал по патот за селото Рожден, а по нив се упатила турска потера. Кога ја забележале потерата тој им наредил на неговите другари да продолжат да бегаат, а самиот клекнал и се преправал дека врши нужда. Така на него налетале турските војници и го запрашале дали ги видел комитите. Тој им рекол дека се наоѓаат на погрешна трага и ги упатил Турците во друг правец, со што им овозможил на комитите да избегаат. Бил облечен во обична селска облека и Турците не се посомневале во него.
[1] Гордана Јанеска – Бабиќ, Крсте Гермов – Шакир од раѓањето до 1912 год., Прилеп и Прилепско (1893 – 1918) книга I, Друштво за наука и уметност, Прилеп 1991, 152, 153. Благој Стоичковски, Револуционерната дејност на Крсто Гермов – Шакир, Прилеп и Прилепско (1893 – 1918) книга I, Друштво за наука и уметност, Прилеп 1991, 144.
2 Б. Стоичковски, Револуционерната дејност …, 144.
3 Г. Бабиќ – Јанеска, Крсте Гермов – Шакир …, 153.
4 Исто.
5 Г. Трајчев, Град Прилеп – историско‡географски и стопански преглед, Македонска библиотека, Софија 1925, 266.
6 Исто.
7 Исто.
8 Исто.
9 Г. Бабиќ – Јанеска, Крсте Гермов …, 153.
10 Б. Стоичковски, Револуционерната дејност …, 144.
11 Исто, 144, 145. Г. Бабиќ – Јанеска, Крсте Гермов…, 153.
12 Г. Бабиќ – Јанеска, Крсте Гермов …, 153.
13 Исто. Б. Стоичковски, Револуционерната дејност …, 144, 145.
14 Г. Бабиќ – Јанеска, Крсте Гермов …, 153.
15 Б. Стоичковски, Револуционерната дејност …, 145. Г. Трајчев, Град Прилеп, 266.
16 Г. Бабиќ – Јанеска, Крсте Гермов …, 153.
17 Исто. Г. Трајчев, Град Прилеп, 266.
18 Б. Стоичковски, Револуционерната дејност …, 145. Г. Бабиќ – Јанеска, Крсте Гермов …, 154.
19 Исто.
20 Б. Стоичковски, Револуционерната дејност …, 145, 146.
21 Исто, 147.