МАНАСТИР

״187…и тои доиде…״ стоеше полузачуван натпис на надворешниот дел од сводот над срушените манастирски двери во манастирот. Стар и напуштен, полн со вампири и сеништа, кои се трудеа да го избришат и од сеќавањато. Во полуискршениот олтар, кој единствено останал од црквата,гореше свеќа. Кога влеговме внатре,затрепери. Се изгасна. Запаливме две нови. Тоа е сè што можам со сигурност да потврдам за она што ми се случи. Односно, за она што сè случи во манастирот тогаш или во некое друго време. Конаците беа сè уште здрави за да преспиеме во нив. Сон ли беше потоа или вистинско случување? Во мене сликата е необично жива и ќе ви ја раскажам.

xxx

            Ем списка,ем загрмеа тешки дрвени двери. Во дворот на манастирот влегоа брадосани луѓе на полудиви коњи. На нив тежеше тешка облека од груба ткаенина и кожа. Носеа пламен во очите и сечеа со погледите. Некои се клештеа со здрави, но поцрнети заби од нездрав тутун. Времето излегло од вообичаениот тек. Просторот е полнсо непотрошена енергија која се заканува со уништување.

            Мириса на смрт. Што барааат овие луѓе во манастирот? Изгледаат нескршливи во својата намера. Монасите се растрчаа в џашени од дивата природа на дојденците. Изгледаше како да се соочуваат со нешто познато, нo и опасно.

            – Каде се коњите? – загрме прашално гласот на водачот пронижен со фатална одлучност.

            – Мислиме… – се збуни еден од калуѓерите кој водеше два од вознемирените и испотени коњи на дојденците – …мислиме…

            – Нема никаде да ги водите – загрме повторно гласот –

            – врзете ги тука под чардакот и дајте им зоб, сено и вода.

            Немаше место за приговор. Силна реа на коњска пот и измет се рашири како старо сениште. Тешко пречуство лебдеше над црквата,манастирската алија и конаците. Мирисаше на свежа крв. Се ближеше мрак и заутааа утки на полураспаднатата тврдина на тумбата над манастирот. Долу злокобно шумеше црната река надојдена од горните планини.

            – Од каде доаѓате? – единствено  спокоен изгледаше старешината на манастирот, Макарие.

            – Од колеж – отсече Водачот целиот во коса и брада, црна со ретки бели влакна. Висок и исправен со пушка преку рамо, револвер и два ножа во појасот.

            – Носиме богат плен во дисаѓите и треба некаде да го скриеме зашто ѓаволите можат ѝ да не најдат – повторно проговори водачот.

            Старешината Макарие го фати Водачот под рака и зедно се упатија во конакот. На тврдината над манастирот утките продолжуваа со кобнителната песна која се слеваше во пригушениот грмеж на реката. Времето течеше со треперење. Монасите се прибраа во своите простории оддавајќи се на молитва. Горе на тумбата во длабоко врежан крст на највисоката карпа блескаше предупредувачка светлина. Дојденците седеа во гостинската одаја и чекаа вечера. Некои задремаа по столиците и масите. Од забрадените лица ништо не можеше да се одгатне, но во  очите на дојденците имаше силен немир. И див.

            – Добредојдовте и Господ да ве благослови браќа – ги разбуди од дремката милозвучниот глас на старешината. Крај него стоеше Водачот, горостасно исправен, но ништо не проговори.

            – Ќе има ли убав ден за нас браќа? – праша старешината Макарие.

            – Ништо не се знае веќе, оче. Времињата се измешаа, ѕверовите се намножија и демнат од сите страни. Едни се спремаат да не напуштат, други доаѓаат – одговори единствениот голобрад дојденец, речиси, целиот скриен во овчја кожа.

            Надвор врескаа сојки. Немирна беше и кучката со два пара очи. Нешто претчуствуваше. По вечерата дојденците брзо заспаа по собите што му ги подготвија монасите. Воздухот надвор трепереше од напнатост. Најпрво удрија крупни капки по покривот на конакот, а потоа се заличи на силно шумење и грмотевица. Небото и земјата се споија, овде во длабоката долина покрај злокобната река. Просторот исполнет со случување трепереше од навестувања.

xxx

            – Можеш да спиеш? – ме праша мојот пријател.

            – Како не! – одговорив, несигурно, а ти?

            – Не знам зошто дојдовме овде? – се праша мојот пријател.

            – Ете, дојдовме – реков.

            Задремавме двајцата стуткани во вреќите во гостинската одаја на пустиот манастир со срушена црква. Какви соништа! Каква ноќ!

            Сон ли беше или слика на минато случување?

            Внатре во кругот на цврстата авлија на разрушениопт манастир времето течеше полно со тајни, сеништа и вампири. Невидливи битија, фактори на настанот. Дождот плискаше по покривот, а на едниот ќош на гостинската одаја, одвреме – навреме, поткапуваше. Реката веќе грмеше силно надојдена. Каква страшна река? Нешто тресна во прозорецот. Птица или некое сениште? Се стуткавме подлабоко во вреќите и приказната продолжи, немирно како надојдената матица на злокобната река.

xxx

            Молњите блескаа застрашувачки околу полноќ. Дождот стивнал, но и понатаму подросуваше. Старешината Макарие го знаеше патот кон тврдината и не се збуни пред заслепувачката светлина на Севишниот. По него одеше водачот и уште еден грамаден дојденец. Тројцата носеа вреќи полни со нешто.

– За ова никому ни збор! – дури заканувачки прошепоти Водачот.

– Само ние и Господ ќе знае – одговори Макарие без возбуда.

Умот му беше кај крстот горе на тумбата од каде доаѓаше непознатата светлина.

– Да го закопаме пред повторно да се истури дожд од небото – рече Макарие и побрза.

– Ти ќе го одредиш местото – рече Водачот.

Блесна силна молња и за миг се провиде како ден.

– Овде – рече старешината Макарие и ја фрли вреќата на земја. Нешто заѕвони во трите вреќи кога паднаа на земјата. Затропаа копачите и лопатите. Само што ја завршија работата, небото се отвори. Се вратија назад со трчање. Влегоа во конакот и се прибраа во собите.

– Значи се договоривме, нишан ќе биде карпата со трите знаци што ги направивме на неа и никој освен нас не треба да знае – рече Водачот тивко и отиде да си легне. Дождот продолжи да плиска, барабанеше по конаците, остатокот од црквата, авлијата и ридовите. Страшна ноќ, страшна река, страшен манастир. Смртта потајум се клештеше низ валканите заби. Претчуството остана невидлива сенка на предупредувањето.

На тумбата, на таен камен стоеше вдлабнатиот таинствен крст. Од стариот храм немаше ниту трага. Неговиот заштитник беше тука некаде и нешто се беше разлутил на непочитувањето на редот на природното течење на нештата. Својата лутина ја истури врз старата тврдина и врз манастирот. Удри со најсилните светкавици и грмотевици.

Нешто загрме од кај тумбата со старата тврдина. Не е гром. Се срушил дел од широкиот камен ѕид. Камењата се тркалаат надолу во грамада. Удрија на авлијата и таа не го издржа налетот. Грамадата стана поголема. Засилена се залета надолу. Потрепери црквата и, од ударот, падна дел од покривот во неа. Другите камења дојдоа дури до конакот и надолу во реката. Коњите се исплашија и зафрчија со носовите. Некои ги скинаа ремените од уздите и се растрчаа наоколу.

– Луѓе, Господе боже! – викаше исплашено некој од монасите.

– Несреќа! Несреќа! Грев! – продолжи гласот – Црквата, луѓе, црквата ни падна. Ах, Господи! Сите излегоа вознемирени од срашниот настан. Стравот не се забележуваше од темнината.

„Ова не е на арно״ – само си прошепоти старешината, Макарие, а Водачот крај него чуствуваше студенило длабоко во себе. Макарие повика сите да се повлечат во конаците и да чекаат де се раздени. Реката грмеше заканувачки прифаќајќи го небото во своето течение.

xxx

Сон ли беше или минато случување?

xxx

Утрото блесна сонце над манастирот. Црквата беше со наполу срушен покрив. Насекаде имаше растурени камења по дворот.

– Мостот, луѓе, мостот го нема – свика некој и сите забележаа дека оваа ноќ е најстрашната во нивниот живот. Сепак, никој не беше повреден. Макарие се прекрсти со молитва на усните и повика на општа молитва. Водачот го јадеше некаква јанѕа и се штуткаше околу коњите замислен. Во тој момент треснаа пушки од тумбата и некои од дојденците паднаа покосени. Сите се растрчаа некаде. Одеднаш треснаа на земја и двете крила на тешката капија и внатре се втурнаа оѕверени коњаници во униформи, со пушки во рацете и сабји на појасите. Дојденците немаа време да се организираат за одбрана. Кој се добра до оружје припука на подивените напаѓачи, но брзо паѓаше погоден од куршум или пресечен со сабја – јатаган. Настрадаа и неколку монаси во општиот метеж. Војниците не водеа многу сметка за тоа кој ќе биде погоден. Водачот се засолни зад еден од столбовите на конакот и припука. Паднаа тројца коњаници под неговиот нагант, но брзо го заобиколија десетина од нив и го искасапија со јатаганите. Неговите два ножа беа слаба одбрана. Старешината Макарие стоеше на половина пат меѓу конакот и црквата и се молеше со поглед упатен длабоко во небото. За чудо никој не пукаше во него, ниту се обиде да го нападне со друго оружје. Преживеаните дојденци беа заробени и врзани. Заедно со нив го врзаа и старешинта Макарие. Егзекуцијата беше извршена веднаш и без церемонии. Со растурените камења низ дворот се мешаа пресечените глави, крвта мирисаше силно, застрашувачки. Манастирот беше обезглавен и речиси уништен. Тајната за закопаното благо остана под земјата. Приказната заврши.

xxx            

Некој дух ме разбуди од длабокиот сон. Сонцето штотуку огреало по повлекувањето на облаците. Бев збунет, но не и исплашен. Што е вистината на ова време? Излегов надвор и се упатив кон тумбата на која сè уште стрчеше парче ѕид од тврдината. Не знам што ме натера да се качам дури горе, на самиот врв. Длабоко врежаниот крст на каменот беше поцрнет и полн со вода од синоќешниот дожд. До една исправена карпа малку подолу зјапаше голема дупка ископана од нечија рака. На карпата имаше три знаци. Точка, круг и крст. Беа врежани некогаш одамна. Се вратив назад уште повеќе зачуден. Го разбудив другарот и заминавме без зборови во некое идно случување. Манастирот остана зад нас чекајќи ја големата вода на исчезнувањето.