„РАДОРИД“ – НЕКРОПОЛА ОД ЖЕЛЕЗНОТО ВРЕМЕ КАЈ СЕЛОТО ДУЊЕ, ПРИЛЕПСКО
На околу 2 км североисточно од селото Дуње, десно од патот кој води за селото Вепрчани, се наоѓа локалитетот „Радорид“, кој според жителите на селото името го добил по некоја девојка со име Рада, која наводно се удавила во некој од доловите во близина на овој локалитет, но не успеавме да слушнеме посебна приказна поврзана со неа. Овој локалитет претставува рид кој се протега во правецот североисток–југозапад и од двете негови страни се наоѓаат длабоки долови со стрмни брегови. На горниот дел на ридот се наоѓа голема рамна и гола површина на која се гледаат еден поголем и два помали тумули, погребни објекти кои се датираат во железното време1 но, исто така, можат да водат потекло и од постариот бронзен период. Поголемиот тумул се наоѓа на крајниот дел на ридот на југозападниот дел, кој доминира над околината. Тумулот е граден од земја и камења кои се гледаат и на неговата куполеста површина, а некој од сточарите на неговиот врв изѕидал столб од камења, со што тумулот станува забележлив од поголема далечина. Овој тумул е со пречник од околу 12 м. Другите два тумула се наоѓаат североисточно од него, на неколку десетици метри растојание, но тие се релативно помали, со пречник од 6–8 м.
Освен тумулите на површината на „Радорид“, се забележуваат и други траги на поединечни гробови, што упатува на претпоставка дека ридот претставувал цела некропола од праисторијата, во која освен тумулите, биле користени и поединечни гробови. Тоа може да значи и подолг континуитет на активно користење на овој рид за погребување. Од југоисточната страна на ридот се забележуваат и растурени, но вкопани камења во земјата, кои би можеле да бидат дел од ограден ѕид, со кој евентуално била заградена целата некропола. Одејќи по ридот во правец нa север, се наидува уште на три тумули, а на некои места има траги од човечка интервенција по карпите и сл. Сето тоа упатува на многу поактивно користење на „Радорид“ во минатото.
Ако се обидуваме да објасниме кои биле жителите што ја користеле некрополата за погребување на своите покојници, можеме да претпоставиме дека тие биле жители на населбата која егзистирала на локалитетот „Градиште“, кој се наоѓа на долгиот Вепрчки Рид, кој ќе го опишеме во насловот за селото Вепрчани. Фактот што и на овој рид има неколку некрополи, целата околина ја прави многу поинтeресна за археолошката наука.
Интересно е дека и во самото село Дуње, во дворот и гумното на една од куќите, се наоѓаат големи камени плочи кои потекнуваат од гробови–цисти, градени со големи камени плочи, кои даваат индиции дека потекнуваат од архајскиот период, односно од VII–VI век п.н.е. Жителите на селото тврдат дека под површината на земјата во споменатото гумно сèуште има гробови со големи димензии.
[1] Александар Миткоски, Извештај од рекогносцирање на Заводот и Музеј – Прилеп од 2001 година.