ЗАЅИДАНАТА ВРАТА BO ЦРКВАТА „УСПЕНИЕ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА“ И ЦАРСКОТО ПРИСУСТВО ВО МАНАСТИРОТ „ТРЕСКАВЕЦ“

Онаму каде што се движеле царевите и кралевите со своите накитени кралски и царски свити (придружби) оставале „звучен“ спомен во народното паметење. Се разбира, зад нив останувале и нивните дела кои во разни облици можат да се видат и денес. Манастирот Трескавец со храмот „Св. Успение на Богородица“ е еден од манастирите со чие постоење се поврзани повеќе цареви и кралеви низ времето на неговото патешествие. Контактите со големиот број високодостојници во разни форми се отсликале во градбата на манастир­ската црква и останатите делови од манастирот. За жал, не располагаме со податоци за тоа какви луѓе и евентуални високи личности го посетувале светилиштето кое на овој простор егзистирало во антиката. He ни е познато дали и во тоа време на ова митско место под високиот Златоврв доаѓале некои од царевите и императорите на античкиот свет за да ги смилуваат боговите во нивните напори за зацврстување на државата и за успех во битките. Тоа, во секој случај, не треба да биде исклучено како можност со оглед на фактот дека има траги од постоење на старо светилиште на големите богови Аполон и Артемида.

Споменик со натпис на кој се споменува богот Аполон
Споменик со натпис на кој се споменува богот Аполон

          Во подоцнежниот период од постоењето на манастирот, почнувајќи од првите векови на минатото илјадалетие, тој бил на некој начин постојано во допир со актуелните цареви и кралеви, деспоти и високи благородници. Ваквите допири на манастирот со највисоките личности во тогашните држави на разни начини останале во сеќавањето на народот и биле пренесувани од генерација на генерација, но за некои од нив има и пишани траги во самиот манастир. За кралевите и царевите кои биле ктитори на манастирот пишува и големиот македонски просветител Јордан Хаџиконстантинов–Џинот.1 Меѓу нив тој го споменува и царот Андроник за кого тој вели дека бил венчан во црквата од овој манастир. Како ктитори, пак, ги споменува бугарскиот цар Михаил, кралот Стефан Немања, кралот Стефан Урош, кнезот Стефан Лазаревиќ, бугарскиот цар Симеон како и уште двајца владетели со име Стефан. За некои од царевите и кралевите споменати кај Џинот и денес се среќаваат натписи во манастирот како потврда дека на еден или на друг начин тие биле дел од неговиот растеж.

Царот Стефан Душан на западниот ѕид
Царот Стефан Душан на западниот ѕид

          Освен веќе споменатите грамоти од царот Стефан Душан во кои се споменати и постари цареви кои биле ктитори на манастирот, познат е и еден натпис над влезната врата во манастирот на кој се споменуваат двајцата цареви Андроник II и Михаил IX.2 На друг натпис на еден камен вграден во северниот ѕид на црквата од надворешната страна се споменува дека во манастирот е закопан извесен Дабижив кој бил енохијар (царски службеник) на царот Урош. Натписот потекнува од 1362 г. На тој начин присуството на големите великодостојници низ времето во манастирот на еден или на друг начин е потврдено. Сепак, со својата сензационалност посебно привлекува приказната за царот кој се венчал токму во оваа манастирска црква.

Царевите Андроник II и Михаил IX ги благословува Св. Богородица - на манастирската порта
Царевите Андроник II и Михаил IX ги благословува Св. Богородица – на манастирската порта

Ако се земе предвид тврдењето на Јордан Хаџиконстантинов–Џинот дека името на тој цар е Андроник, тогаш заѕиданата врата од просторијата во која се венчал е токму негова. Зашто каде што се венчал цар не смее да влезе никој од обичните смртници. Кој е можниот цар Андроник? Овде мораме да се повикаме на веќе спомнатиот цар Андроник II споменат на натписот над влезната врата на манастирот, заедно со царот Михаил IX. Оттаму можеме да претпоставиме дека царот за кој станува збор во пишувањето на Џинот и во преданието за заѕиданата царска врата е токму Андроник II кој, пак, бил совла­дател на Михаил VIII од династијата на Палеолозите кои владееле со Источното ромејско царство (Византија) од 1261 до 1453 г.3 Андроник II за совледател на Михаил VIII бил прогласен во 1272 г. што може да значи дека неговото венчавање за цар се случило токму во таа година. Дали тој избрал тоа да се изврши токму во црквата на Трескавец? Тоа, барем за нас, не е познато од историските извори, но доколку е така тоа ќе значи дека овој манастир во тоа време бил на голем глас во Источната Римска Империја што имајќи го предвид милениум­ско­то свето патешествие на овој простор преку свети градби не е за чудење. Дали тој навистина бил еден од најреспекти­раните свети храмови во едно такво царство или можеби постоеле други моменти од интимна природа кои го врзувале овој цар за Трескавец, тешко е да се претпостави. Сепак, тоа не значи дека со соодветно истражување не може да се дојде и до вистината за тој настан кој предизвикал заѕидување на една црковна врата и предание поврзано со неа и царот кој се венчал во овој манастир.

Мермерната плоча со натписот од времето на царот Урош на северниот ѕид
Мермерната плоча со натписот од времето на царот Урош на северниот ѕид

          За Јордан Хаџиконстантинов–Џинот нема сомневање дека во црквата на овој манастир се венчал цар и тоа токму Андроник. Тој тврди:4 “В таја обител (манастир Трескавец) венча сја на царство Андроник цар… Тија врати од где е влегол Андроник цар на венчание до денеска стојат затворени на церквата”.

Натписот од фреската со царот Стефан Душан на западниот ѕид
Натписот од фреската со царот Стефан Душан на западниот ѕид

За настанот на свој начин преку преданието кое било живо меѓу народот запишал и Марко Цепенков. Додека Џинот тврди за случувањето на царското венчавање во црквата во Трескавец, Цепенков пишува:5 “Во црквата имат една врата заѕидана и ми кажуале оти некоаш цар влегол в црква, кога се венчал за цар и пак от таа врата излегол, та затоа била заѕидана”.

Царевите Андроник II и Михаил IX ги благословува Св. Богородица - на манастирската порта 5
Царевите Андроник II и Михаил IX ги благословува Св. Богородица – на манастирската порта 5

          Дека манастирот имал значење и царски белези може да потврдат и елементите со кои располага манастирската трпезарија која се наоѓа од јужната страна на црквата на само неколку метри. Оваа поголема просторија која претставува и засебна градба била целосно живописана во внатрешниот дел, а на древното време потсетуваат дел од масите во неа кои претставуваат монументални камени дела. Имено, тие се изработени од големи блокови од гранитен камен на кои мајсторски се издлабени горните делови како и посеб­ните места за ставање на нозете направени во форма на специјални ниши. Доколку се замисли целата трпезарија со специјалните маси и комплетниот живопис кој одамна е уништен со исклучок на дел во олтарот на просто­ри­јата, може да се насети импозантната атмосфера која владеела во тоа време. Сосема е веројатно дека во времето на венчавањето на споменатиот цар трпе­заријата имала изглед и достоинство рамно на еден цар. Фактот што можниот цар кој се венчал овде Андроник II венчавањето го извршил во XIII век (1272 г.) не се согласува со тврдењето дека црквата потекнува од XIV век, но затоа имаме документи кои укажуваат на постаро потекло на црквата, можеби и друга градба која подоцна е преправена или е изградена сосема нова.

Царевите Андроник II и Михаил IX ги благословува Св. Богородица - на манастирската порта 2
Царевите Андроник II и Михаил IX ги благословува Св. Богородица – на манастирската порта 2

          Големиот број на рестежи и падови кои му се случувале на манас­ти­рот со црквата низ долгите векови се поврзани со безброј историски и по­ли­тички случувања кои во себе кријат исто толку приказни за возне­сени моменти, но и за вистински трагедии кои, меѓу другото, биле поврзани и со ова светилиште. Таквите настани заедно со долгата традиција на култ­ност и светост на ова место постојано го предизвикувале народниот дух од кого се изродиле повеќе преданија и приказни во кои на метафоричен начин се пренесени дури и некои можни автентични настани.

1 Блаже Конески, Јордан Хаџиконстантинов–Џинот.

2 Бошко Бабиќ, Манастирот Трескавец со црквата Св. Успение Богородичино, ИСК, Прилеп – Склопје 1981.

3 Острогорски, Историја на Византија, Просвета, Белград 1969.

4 Б. Конески, Ј.Х.–Џинот.

5 М. Цепенков, Македонски народни приказни, книга 5, приредил Кирил Пенушлиски, Македонска книга, Скопје 1989, 155.