ДВЕ АНТИЧКИ ТВРДИНИ НА ЕДЕН РИД КАЈ СЕЛОТО ОРЕОВЕЦ, ПРИЛЕПСКО

На околу 8 км североисточно од Прилеп се наоѓа селото Ореовец. Во неговиот атар има фасцинатни остатоци на материјална култура кои предизвикале создавање и на голем број духовни творби, кои упатуваат на идентитетот на содржините, како и на нивното значење. Мал дел од ова богатство е археолошки истражен, главно поради градежни зафати или пријави од граѓани, кои ги откриле на своите земјоделски површини, а ниту еден проект не е реализиран по иницијатива на надлежните институции, како резултат на систематско проучување и истражување на материјалната култура на овој простор. Особено, познати се археолошките истражувања околу Прилепското Езеро, кои се изведени при изградбата на акумулацијата. Веќе пишувавме дека тука археолозите потврдиле постоење на населба од новото камено време,1 но и други остатоци, од вили рустика и некропола од доцната антика, односно раното христијанство.2          Од друга страна, голем број локалитети со значајни остатоци од материјална култура, главно, од римскиот период, доживеале и доживуваат вистинска катаклизма со разновидни активности, како изградба на стрелиште (Леково), водоводи, рибници, вадење на материјал за градба, преорување на локалитетите со тешка машинерија во потрага по антички споменици и друг вид богатства3 и сл. Поради непостоењето на соодветно археолошко истражување, површна е и категоризацијата и карактеризацијата на определени локалитети, кои се регистрирани во археолошката наука. Затоа, преданијата, односно, информациите пренесени од Марко Цепенков,4 чие потекло е од ова село, се чинат посеопфатни од оние во официјалната наука. Според појавите на разновидни остатоци материјална култура, кои го фасцинирале населението од овој простор, како и според кажувањето на постарите, односно пренесувањето на преданијата, Цепенков вели дека тука се криел извесен град Роман или Римљан.5 Во официјалната наука, повеќе се говори за извесни осамени објекти на богати семејства, вили рустики и сл. Познавајќи го теренот од атарот на селото Ореовец и големиот број археолошки локалитети, можеме со сигурност да потврдиме дека во извесен културен период – особено римскиот, покрај Ореовечка Река, северно од селото, се наоѓала замашна населба, со голем број градби и имала посебно значење во општествениот, духовниот, воениот и, особено, здравствениот живот во тоа време. За тоа дека ова место имало големо значење поврзано со здравјето и лекувањето говорат големиот број места со имиња, кои упатуваат на лекување – Леково, Лекујна Вода, локалитети на кои има културни содржини, кои се сметаат за остатоци од стари бањи и сл. На сите овие локалитети и денес можат да се забележат остатоците од старите објекти, како од камена пластика од престижен карактер, така и други видови археолошки материјал,6 од керамички садови, керамички тегови, цигли, тегули, питоси, рачни мелници, метални предмети, накит и сл.

„Ќаве“

 

 

За да биде целата приказна поуверлива, на најблискиот рид на населбата се наоѓаат остатоци дури од две тврдини со јасно видливи остатоци од цврсти ѕидови, но и разновиден арехолошки материјал. Поголемата тврдина се наоѓала на највисокиот дел од ридот, познат како „Ќаве“со надморска височина 1203 m, а помалата на понизок рид со плато со впечатлива форма, на локалитетот, меѓу жителите на Ореовец, познат како „Манастириште“ со надморска височина 1095, од јужната страна на ридот. На географската карта и двата топонима се обележани како „Градиште“, односно на овој, релативно мал рид, се среќаваат дури два топонима со исто име. На помалиот рид, „Манастириште“, денес има изградено мал параклис во рамките на една од старите градби во тврдината, на северниот дел од платото. Самото плато било обѕидано со цврсти ѕидови, кои оформуваат извесен правоаголник со површина од околу 0,25 ха, а во неговиот внатрешен дел можат да се забележат и поголем број основи од ѕидови од повеќе градби. На просторот на платото, како и по падините на ридот се наоѓаат и фрагменти од керамички садови, тегули и сл. По рабовите на платото, јасно се одбележуваат основите од утврдувањето и, всушност, тоа и му ја дава впечатливата форма на овој дел од ридот. Североисточно од „Манастириште“ ридот продолжува со помало седло, а потоа се издига стрмно кон највисокиот дел „Ќаве“ каде повторно се среќаваме со остаоци од тврдина, но со многу поголеми остатоци од ѕидовите кои го опкружуваат стрмниот и остар врв, обградувајќи повеќе зарамнети тераси, особено од северната страна. Впечатливи се и 2-3 зарамнети тераси на источната страна на врвот кои, исто така, биле обѕидани. Основата на ѕидот била од поголеми обработени камени блокови, а повисоките делови од ѕидот биле градени со помали, главно, неоформени камења. Најголеми грамади од тврдината се среќаваат на северната страна на врвот, додека на источната страна тие се помалку застапени, а веројатно деловите од ѕидовите се истркалале по падините на ридот. Јужната страна на врвот е стрмна и, речиси непристапна, па немало потреба да се обѕидува со ѕид. Околу стрмниот врв, освен грамадите од разрушените ѕидови на тврдината, се забележуваат и остатоци од други градби, прилепени до карпестите профили на врвот, а на површината се среќава нагласено присуство керамика – фрагменти од садови, тегули и сл. Освен керамиката, на овој простор, при една официјална посета на локалитетот во рамките на проектот „Тврдините на античкото кралство Македонија во Република Македонија“, се констатирани и метални предмети, како и неколку монети од римскиот период, од третиот и четвртиот век. При оваа посета беше извршено и мерење на тврдината.

„Ќаве“

Освен опишаното, по падините на ридот, особено од јужната страна, се среќаваат голем број археолошки остатоци – фрагменти од керамички садови со разновидна големина и форма, од питоси, тегули и слично, но и извесни фрагменти од метални предмети. Нивното присуство може да се следи сѐ до подножјето на ридот, каде се забележуваат траги од извесни градби. Некои од фрагментите од керамички садови, според бојата и квалитетот наведуваат на размисла дека треба да се бараат и постари слоеви на култура од римскиот период. Нашето искуство за поголем број локалитети од областите Пелагонија, Мариово и Прекурид, кои ги проследуваме подолго време, не учи дека голем број слични локалитети биле со слична намена во македонскиот период, а во рисмкиот опстанале како такви или биле надградени. Фактот што овој рид зафаќа доминантна позиција над нискиот дел од просторот кон Прилеп и има визуелна комуникација, речиси со сите повисоки врвови во поблиската и подалечната околина, односно, има контакт со стратешките точки во овој дел од Пелагонија, веруваме дека бил од особена корист за следење, комуницирање, информирање и одбрана од непријателските напади на воинствените племиња и ограбувачите на Пелагонија и Македонија. За македонскиот период е особено актуелно ограбувањето кое доаѓало од север и запад, особено од Илирите и Дарданците, кои често со своите ограбувачки походи успевале да навлезат и длабоко во македонското кралство. Од врвот „Ќаве“, односно од двете градишта на овој рид, „Ќаве“ и „Манастириште“ има чист преглед за следење на двата превои „Дервен“ и „Плетвар“, кои имале особено значење со патиштата кои воделе преку нив уште од најстари времиња. Значи, овие две градишта биле од особено значење во повеќе периоди од развојот на културата на овој простор. Токму поради тоа, денес се соочуваме со нагласено присуство на материјална култура на двете утврдени места.

„Ќаве“ – поглед кон Златоврв со „Сивец“ во преден план

Малку повисоко од подножјето, на стотина метри, се наоѓа извор со добра издашност на кој е изградена чешма и, токму тоа, е локалитетот „Лекујна Вода“, кого веќе го споменавме на почетокот на овој текст. Пред седумдесетина години, на изворот била изградена нова чешма од припадници на тогашната Југословенска армија, која некако се зачувала до денес. Поголем дел од водата од изворот е каптирана во резервоар во подножјето од кој се снабдувало стрелиштето. Во продолжение кон југ е пространиот локалитет “Леково“, кој е преполн со културни остатоци од првите векови на новата ера. За жал, овој локалитет, во голема мерка, е уништен со изградбата на стрелиштето во педесеттите години на дваесетиот век. Овој локалитет заслужува посебно внимание, па затоа нему ќе му посветиме и посебен проистор во скора иднина. 

ТВРДИНАТА „ЌАВЕ“

Лекујна Вода
Тврдина „Ќаве“ – тераса на југоистоќната страна
Тврдина „Ќаве“ – грамада од камен од ѕид
Тврдина „Ќаве“ – на врвот
Тврдина „Ќаве“ – поглед кон „Баба“ и „Маркови Кули“
Тврдина „Ќаве“ – маневарски куршуми 
Тврдина „Манастириште“ – поглед на „Ќаве“
Врвот „Ќаве“
„Ќаве“ – голем камен блок
„Ќаве“ – тераса на северната страна
„Ќаве“ – тераса на северната страна 2
„Ќаве“ од запад
„Ќаве“ – грамада камен од тврдината
„Ќаве“ – основа од ѕид на југоисточниот дел
„Ќаве“ – основа од ѕид на југоисточниот дел 2
„Ќаве“ – поглед од југоисточните падини

КЕРАМИКА ОД ТВРДИНАТА „ЌАВЕ“

Фрагмент од керамика – устинка од питос
Фрагменти од разновидна керамика – рачки, устинки и сл.
Фрагменти од разновидна керамика – устинки. рачки и други фрагменти
Фрагменти од разновидна керамика – устинки од садови
Фрагмент од керамика – рачка од сад
Фрагмент од керамика – тегула
Фрагмент од керамика – рачка од сад
Фрагмент од керамика – тегула
Фрагмент од керамика – тегула, рачка и друг фрагмент
Фрагмент од керамика – устинак од помал питос
Фрагмент од керамика – устинка од питос
Фрагмент од керамика – фрагмент од сад со украсување
Фрагменти од керамика – од садови со украсување
Фрагмент од керамика – устинки од садови
Фрагмент од керамика – лентовидна рачка од сад
Фрагменти од керамика – рачка, устинки и сл.
Фрагменти од керамика – подебела керамика
Фрагмент од керамика – рачка и други фрагменти од садови

ТВРДИНА „МАНАСТИРИШТЕ“

„Манастириште“ – рудник на мермер во подножјето од југозападната страна
Тврдина „Манастириште“ – остаток од ѕид од северната страна
Тврдина „Манастириште“ – поглед од „Ќаве“
Тврдина „Манастириште“ – основа од ѕидот од тврдината
Тврдина „Манастириште“ – раскопан дел на источниот раб
Тврдина „Манастириште“ – на источната страна
Тврдина „Манастириште“ – источен дел со поглед кон „ќаве“
Тврдина „Манастириште“ – основа од ѕид од јужната страна
Тврдина „Манастириште“ – осататок од ѕид од јужната страна 2
Тврдина „Манастириште“ – остаток од ѕид од јужната страна 3
Тврдина „Манастириште“ – параклисот
Тврдина „Манастириште“ – делот со параклисот
Тврдина „Манастириште“ – ѕид од јужната страна
1 Најстарата населба на Пелагонија на дното на Прилепското Езеро, http://www.pelagon.mk/2018/05/17/
2 Завидно културно наследство околу Прилепското Езеро и под водената маса, http://www.pelagon.mk/2019/02/
3 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација I – археологија, митологија, преданија, Прилепско, ЦПРТВ – Прилеп, Прилеп 2000, 167-170
4 Марко К. Цепенков, Македонски народни приказни, книга петта, приредил Кирил Пенушлиски, Македонска кнога, Скопје 1989, 133-135.
5 Исто. Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација I…, 169.
6 Исто, 162 – 170.