ПРЕДАНИЕТО ЗА ИМПОЗАНТНАТА КАРПА „ВЕТА СТЕНА“ И „ЦАРИНАРНИЦА“ КАЈ ГОРНО СЕЛО, ОПШТИНА ДОЛНЕНИ
На околу еден километар северно од Горно Село, на еден помал превој преку Голем Сурун кој води кон селото Небрегово, се наоѓаат остатоци од извесна градба. Во помала грамада од камења и малтер можат да се сретнат фрагменти од керамички садови и градежна керамика. Некои фрагменти од керамички садови, како една рачка со плетеница, даваат индиции дека на овој превој има културни остатоци дури од праисторијата, особено од бронзениот период.
Според преданието кое го пренесуваат жители на Горно Село, во некој стар период на ова место се наоѓала извесна царинарница и поради тоа превојот го носи име „Царина“ или „Царинарница“.
Од западната страна, превојот го надвишува една голема карпа со врв насочен кон самиот превој. Карпата е наречена „Вета Стена“, а за неа и денес е живо едно предание:
– Во турско време во Горно Село живеела некоја многу убава мома по име Цвета. Некој турски силник фрлил мерак по неа и сакал да ја грабне и насила да ја однесе во својот харем. Еден ден дошол во селото, ја пресретнал Цвета и зел да ја брка за да ја фати и да ја однесе во харемот. Цвета не сакала да падне во рацете на Турчинот и почнала да бега кон ридот Сурун, кон една голема карпа. Се искачила на карпата и, пред да скокне од неа, изговорила: – Јас се викам Цвета, а ти ќе се викаш Вета. Така останало името на карпата „Вета Стена“.
Раскажал: Диме Србиноски
Раскажувачи од селото Дупјачани преданието го пренесуваат во оваа форма:
– Порано селото Дупјачани се наоѓало на локалитетот „Мал Сурун”, источно од денешното, а средселото му било во долниот дел на ридот, на неговите западни падини. Во Турско време во селото живеела некоја многу убава девојка по име Цвета. Еден ден, при некој празник, кога на средселото биле собрани жителите и славеле со оро и песна, тука дошле некои Турци и еден од нив ја забележал Цвета и им се заканил на жителите дека ако не им ја дадат за харемот сите ќе настрадаат. Поради тоа Цвета се согласила да појде во харемот, само Турчинот да ја почека да се подготви со облека. Турчинот се согласил, ја пуштил Цвета да си појде дома. Таа наместо дома почнала да бега по ридот и заминала на високиот дел каде имало една голема стена. Се качила на стената и пред да се фрли од неа и да си го одземе животот извикала: – Јас се викам Цвета, а ти ќе се викаш Вета. Така карпата до ден–денес останала да се вика „Вета Стена“.