ЗА ПЛИТОК УМ – ПЛИТОК ЗБОР!!!

Не е лесно да се најде плиток збор, зашто треба да биде по мерка. Доволно плиток, малку длабок или сосема плиток!!! И не е лесно да се процени плиток ум – малку плиток, сосема плиток или со малку продлабочена моќ!!! Затоа треба да се биде мудар – не многу, не малку, туку одмерено, доволно на умот од другата страна. Зашто ако се упати длабок збор на –плиток ум е сосема несоодветно како што е сосема несоодвето да се упати плиток збор на длабок ум. Има само една разлика. Плиткиот ум нема да го разбере длабокиот збор, а длабокиот ум нема да биде предизвикан од плиткиот збор или, вака: длабокиот ум нема да реагира на плиткиот збор.

Затоа не се разбираме или ретко се разбираме. Некогаш погрешно се разбираме и се толерираме, некогаш погрешно се разбираме и расправата доживува ескалација, сосема во погрешна насока. Кога ќе се разгорат страстите, кога ќе експлодираат чувствата, кога ќе се се предизвикаат суетите, е тогаш…. Тогаш е подобро да се смири духот, да се откажеме од обидот да се докажеме, зашто сме загазиле длабоко во неразумието, во заблудата. Во таков случај секој обид за разбирање со збор е прегорено масло на огнот и нема враќање, туку само разумно замолчување до следниот момент. Е, тоа е ретко, зашто е одлика на висок разум, односно на длабок ум.

Длабокиот ум гледа под површината на видливото и допирливото, го насетува очекуваното, се соочува со недопирливото, но реално возможното. Длабокиот ум не се возбудува на лесното и соблазнивото, туку  се обидува да допре до суштинското и не реагира на површното, а задоволителното.