ДВЕ ПРЕДАНИЈА ОД ПРИЛЕПСКО ЗА ЧУМАТА КОЈА ГО УНИШТИЛА СЕЛОТО МАЛОМОМЦИ КАЈ ДЕНЕШНОТО ЧУМОВО, А ПОТОА ШТАВИЧАНИ ЈА ОТЕПАЛЕ НА КЛАДЕНЕЦОТ „ЛЕНИШТЕ“ ПРЕД СЕЛОТО ШТАВИЦА

ПРЕДАНИЕ ЗА ИСПУСТЕНОТО СЕЛО МАЛОМОМЦИ –ЧУМОВО

(Од книгата „Жива историја“ од авторот Томе Велјаноски, во подготовка на Тренчо Димитриоски, издадена 2004 година од КИДЦМ „Калеш Анѓа“ од с. Крушевица, Прилепско)

Селото Маломомци, кое денес не постои, некогаш се наоѓало на западниот дел на ридот Корија, крак на Селечка Планина под патчето Штавица–Чумово, во денешното место Шашаројца. Како го добило името и колку е старо селото Маломомци не се знае, само се знае дека на ова место и денес има остатоци од него. Не се знае ни дали селото било изгорено за време на Мариовската буна, но се знае дека во Маломомци фатила болеста која се вика чума и речиси сите жители изумреле, а тие што ја преживеале чумата се преселиле, односно, како што мислеле тие, ѝ се скриле на чумата и се преселиле 1,5 км северно од Маломомци во нова населба, а таа денес е селото

Чумово. Го крстиле Чумово, отепано од чумата, ја лажеле чумата за да не мисли дека има преживеани луѓе и да не доаѓа за да прави зијан во нивното село.

Селото Чумово денес

Отако се преселиле жителите на селото Маломомци во новото село Чумово кај предците на денешните Аџиовци една крава отелила две машки црни телиња, а токму такви им требале на жителите за да го заораат селото со два црни волови близнаци и со двајца браќа близнаци. Настанала голема радост во селото, зашто веќе имало двајца браќа близнаци кај претците на денешното семејство Мустревци. Кога пораснале телињата близнаци и можеле да носат јарем, ги впрегнале двајцата браќа близнаци воловите во јаремот, го ставиле ралото на јаремот, отишле со воловите и ралото и го заорале селото со една бразда околу за да не може чумата да влегува во него. Откако чумовчани го направиле овој обичај чумата никогаш повеќе не дошла во селото. Селото било спасено од чумата и со времето се намножило со луѓе. Подоцна во селото се доселиле и семејставата:

  1. Апостоловци од Клекоперци
  2. Крушевичаните од Крушевица, Мариово
  3. Орленците од Орле, Мариово
  4. Писокалците од Писокал, Мариово
  5. Талевци од Прилепец и др.

Селска слава на Чумово му е Велигден.

 Кажувано од: 

  1. 1. Дедо Боше Писокалецот (1871–1958) од Чумово, стрико на мајка ми
  2. Дедо Митре Писокалецот (1872–1957), од Чумово, татко на мајка ми
  3. Неда Писокалска (1912–1995), од Марул, мајка ми

СЕЛАНИТЕ ОД СЕЛОТО ШТАВИЦА ЈА ОТЕПАЛЕ ЧУМАТА СО СТАПОВИ НА КЛАДЕНЕЦОТ ВО „ЛЕНИШТЕ“

Запишал: Тренчо Димитриоски

Во преданието за чумата, кое го пренесуваат жители на селото Чумово, Прилепско се пренесуваат и некои многу живи сцени, пример: Многу мажи, жени, девојки и деца истепала чумата. Прцлињата од истепаните девојки до скоро биле обесени на некои од врбите и јасиките крај реката во Чумово. Тие продолжуваат да раскажуваат за натамошниот пат на чумата.

Кладенецот во Лениште со карпата Палатица

Откако го уништила селото Маломомци, кое се наоѓало во близина на денешното село Чумово, чумата се упатила кон селото Штавица. Преживеаните од селото Чумово им пуштиле абер на штавичани да знаат дека чумата се упатила кон нивното село и дека има намера да го нападне селото и да ги истепа луѓето. Притоа, чумовчаните им дале и еден совет на штавичани. Тие им рекле: Сега е лето, сонцето пече и времето е многу жешко. Кога ќе наближи чумата кај вашето село Штавица, многу ќе биде жедна од патот и најпрво ќе појде на кладенецот во местото Лениште да се напие вода и да се освежи. Вие да си најдете добри ластегарки и стапови, па и вили и лопати, па да се скриете во карпата Палатица и да ја чекате чумата така скриени, да дојде до кладенецот. Кога ќе се наведне да пие вода да истрчате со стаповите и сите заедно да мавате по неа и така ќе ја отепате. Така ќе го спасите вашето село и самите ќе се спасите од чумата.

Карпата Палатица

На штавичани им се видел арен советот и така направиле. Зеле цврсти стапови и ластегарки, вили и лопати, па и по некое кросно од разбоите, се скриле во шуплините на карпата Палатица, која е веднаш над кладенецот во Лениште пред селото и трпеливо чекале чумата да пристигне до кладенецот, тука пред нивното село. И, ја дочекал. Дошла чумата до кладенецот, па изморена и жедна од патот и жештината, се наведнала да се напие вода и да се освежи. Штавичани веднаш натрчале со стаповите, вилите и кросната, па кога и припукале со нив, наместо ја отепале чумата и така го спасиле нивното село, а и самите се спасиле да не ги отепа.

Штавица – поглед од карпестиот рид над село