ПРЕСТОЈОТ И РЕВОЛУЦИОНЕРНАТА АКТИВНОСТ НА МАКЕДОНСКИОТ РЕВОЛУЦИОНЕР ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ ВО ПРИЛЕП И БИТОЛА

117 ГОДИНИ ОД ЗАГИНУВАЊЕТО

Околу верскиот празник Митровден, Револуционерната организација планирала да изврши грабнување на директорот (Белгиец) на рудникот за графитни плочи кај селото Попадија, општина Чашка, и да се побара откуп за потребите на Организацијата. Грабнувањето требало да го направат Гоце Делчев и војводата Мирче Ацев со неговата чета, а во акцијата требало да им се придружат прилепската и тиквешката чета. Во тоа време, Гоце Делчев и Мирче Ацев се наоѓале во Бугарија, па кон крајот на август 1901 година се договориле и од Бугарија тргнале за Македонија за да извршат напад на рудникот.1 Тие тргнале од Ќустендил, Бугарија и заедно дошле до реката Вардар, каде Гоце Делчев свртил на кратко до Струмица по организациска работа, а со Мирче се договорил да се најдат во Прилеп. За ова доаѓање на Гоце Делчев во Прилепско со четата на Мирче Ацев во спомените на Михаил Герџиков во врска со едно писмо кое Герџиков му го испраќа на Гоце Делчев се вели: Писмото го пратив преку раководното тело во Струмица. Во тоа време Делчев ги испратил своите другари во Градско крај Вардар пред себе, а тој самиот останал за два дена да спроведува агитација. Тој ден, кога јас му напишав на Делчев, неговите другари биле откриени во Градско, и повеќето од нив биле убиени (20‡30 мина) – сал малцина се спасиле. Кога Делчев го добил моето писмо, истовремено ја добил и веста за катастрофата што се случила со неговите другари. Под впечатокот од тоа Делчев ми напиша едно многу нервозно писмо, во кое ме упати во страшните работи во Бугарија. Се оплакува од Сарафов, Цончев и др., и изнесува заклучок дека треба да се надеваме само на своите сили, и да му се спротиставиме на секое надворешно влијание и сл.“ 2

Гоце Делчев

Четата на Мирче Ацев преку денот останала кај селото Уланци и била со намера ноќта да ја помине реката. Притоа еден од четниците се разболел и Мирче влегол со четата во селото за да го лекува болниот. Во селото четата била предадена3 и нападната од силен аскер со кој бил започната нерамна битка. Во обидите да биде пробиен обрачот на турската војска Мирче Ацев бил на двапати ранет. Особено опасна била втората рана, која за него значела смрт.4 Во натамошната борба од обрачот успеале да се извлечат само двајца четници од Мирчевата чета. Тоа биле Христо Николев и Зафир од селото Ораовдол.5 По тешки страдања тие успеваат да дојдат во селото Мартолци и преку еден селанец испратиле писмо до Петар Михов, кој бил директор во гимназијата во Велес. Место на директорот Петар Михов, писмото му било предадено на војводата на српската пропаганда Јован Бабунски, кој во тоа време бил српски учител во градот Велес. Откако ја прочитал содржината, Јован Бабунски, писмото му го предал на Петар Михов, кој веднаш потоа бил фатен и одведен во скопскиот затвор. Кон селото Мартолци, во кое се наоѓале преостанатите двајца комити од разбиената чета на Мирче Ацев, се упатила потера. Пронаоѓајќи ги во селото потерата ги убила. Набрзо потоа во затворот во Скопје бил пронајден мртов и затворениот директор на гимназијата во Велес Петар Михов, за кого се разгласило дека се самоубил.6

Ѓорче Петров, Никола Малешевски и Гоце Делчев

На тој начин пропаднал и планот за нападот на рудникот за графит кај селото Попадија, како и грабнувањето на неговиот директор.

Трагичната вест за загинувањето на војводата Мирче Ацев и целата негова чета, Гоце Делчев, ја примил со голема болка. Тој, во меѓувреме, заедно со неговиот другар Иван Манолев, пристигнал во Тиквешко и застанал кај водениците во Радобилско за да ја дочека прилепската чета во која се прибрале и двајцата преживеани комити од четата на Мирче Ацев. Со убиството на Мирче Ацев и уништувањето на неговата чета, бил сменет и планот за грабнување на директорот на рудникот кај селото Попадија. Пред да стигне во Прилеп, Гоце Делчев, заедно со прилепската чета ги обиколил селата, Тројаци, Плетвар, Ореовец, Лениште, Селце за да ги зајакне редовите на Организацијата. Најмногу се задржал во селото Селце. Во ова селот Гоце останал цела недела и дури потоа, на 10 септември (датумот е според Георги Трајчев, додека кај други автори се наведува подоцнежен датум, односно 23 октомври) првпат дошол во Прилеп. Тука, исто така, се задржал една недела. Во Прилеп Делчев престојувал во кругот на црквата „Св. Благовештение“ и бил сместен во зградата на трикласното училиште „во североисточната училница на првиот спрат во која настава во прво одделение изведувал учителот Кочо Иванов“.7 Тој, всушност престојувал во една од куќите блиску до црквата, а во училиштето доаѓал на закажаните средби со раководителите на Револуционерната организација од Околијата и другите активисти од градот. Во училиштето Гоце се сретнал со голем број видни дејци на Организацијата, особено учители кои биле посветени во делото. Всушност, тој се сретнал со поголемиот број учители во градот, со кои оддржал и состанок во една од училниците. На состанокот не дошол само учителот Д. Попандов, кој не бил посветен во Орагнизацијата.8 На овие средби било договрено и промена на околискиот војвода Никола Петров Русински, кој тоа го побарал од Гоце Делчев. Било договорено на негово место да биде поставен Методија Патчев од Охрид, а Русински бил испратен во Охрид.9 По еднонеделниот престој и работа во Прилеп, Гоце, заедно со Коста Белагушев, како обичен патник, заминал за Битола.  Во Битола продолжил со активна организациска работа и уредил канал за снабдување на Организацијата со оружје од Грција.10 По тој канал биле испратени пушки од моделот „Гра“ во повеќе места. Во селото Селце биле испратени 17 пушки, за Лениште 12, Плетвар 15, Ореовец 17, Крстец 7. Подоцна во Битола дошол и другарот на Гоце, Иван Манолев и по завршената организациска работа, Гоце, по канал заминал за леринско за да ја продолжи својата активност.

Ефрем Чучков, Климент Шапкарев и Гоце Делчев

Според извесни сведочења и пишувања, при престојот во Прилеп, Гоце Делчев престојувал и во дуќанот на познатото семејство Бабовци. Токму со овој настан се поврзува и една фотографија на која се фотографирани неколку лица. За жал, до денес не е направетан соодветна експертиза на фотографијата поради што се искажуваат и сомневања околу идентитетот на ликот за кој се смета дека е самиот Гоце Делчев. Исто така, постојат и сведочења дека престојувал кај семејството Иванови, што е сосема веројатно, со оглед на фактот дека се работи за активно револуционерно смество, од кое посебно е познат учителот Атанас Иванов, кој долго време е во раководството на Околискиот комитет. Од ова семејство, освен Атанас,потекнува и учителот Кочо Иванов, брат на Атанас. Всушност, целото ова семејство било дел од македонската борба за ослободување од турското ропство и создавање независна македонска држава.

 

[1] О. Иваноски, Борбениот пат …, 130.

2 Михаил Герџиков, Спомени, И. Х. Николов, Д. Груев, Б. Сарафов, Јане Сандански, М. Герџиков, Д-р Х. Татарчев, превод од Бугарски Цветко Мартиноски, Култура, Скопје 1995, 253.

3 Г. Трајчев пишува дека четата била предадена од некој грковлав во селото Уланци. (Г. Трајчев, Град Прилеп, 295.)

4 О. Иваноски, Боребениот пат…, 130. Г. Трајчев, Град Прилеп, 295, 296. (Така загина храбриот Мирче, по кого сите плачеа. Г. Трајчев.)

5 СтефанÍ Н. АврамовÍ, Револуционни борби во Азот (Велешко) и Поречието, Македонски Научен- Инститиут, книга X, Софиа 1929, 31.

Георги Трајчев наведува дека освен војводата Мирче Ацев биле убиени уште 8 други комити од четата. Г. Трајчев, Град Прилеп, 232.

Христо Силјанов наведува дека четата кај с. Уланци „загубува 7, од 9-те четници“. Христо Силјанов, Ослободителните борби на Македонија, книга I и II, Култура, Скопје 2003, 168.

6 Исто, 32. (Орде Иваноски, користејќи го како извор Георги Трајчев со неговата книга Град Прилеппишува дека двајцата комити од четата на Мирче Ацев, кои се спасиле во битката кај селото Уланци, се приклучиле кон Прилепската чета, која ја известиле за поразот. О. Иваноски, Борбениот пат…, 130.)

Петар Михов, всушност, бил убиен на 25 април 1902 година во затворот во Скопје. (Види: Пејо К. Јаворов, Свобода или смрт статии за македонскиот вопрос, Хемус, Софија 1940, 103. На 25 април т. г. падна убит на 35 годишна возраст, во турскиот затвор во Скопје, директорот на велешките училишта Петар Михов“ – П. К. Јаворов.)

7 Александар Ивановски – Глоговичанец, Борбата на црковно-училишните општини и духовништвото од Прилепско и Велешко против странските пропаганди и турското ропство во Илинденскиот период, Друштво за наука и уметност – Прилеп, Прилеп 2004, 98, 99.

– А. Глоговичанец пишува дека престојот на Гоце Делчев во Прилеп бил од 23 до 30 октомври.

8 Исто, 99.

9 Г. Трајчев, Град Прилеп, 232.

10 Исто.