ОД МАНАСТИРОТ „УСПЕНИЕ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА“ (ТРЕСКАВЕЦ) КАЈ ПРИЛЕП ИСЧЕЗНАЛЕ И ИНТЕРЕСНИ ДРВЕНИ СКУЛПТУРИ – КУЛТНИ ПРЕДМЕТИ ОД АНТИЧКИОТ ХРАМ

Повеќе од еден век се познати епиграфски споменици по потекло од манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ (Трескавец) кај Прилеп на кои се среќаваат имињата на античките богови Аполон и Артемида но, до скоро, во официјалната археологија по малку „срамежливо“ се споменуваше постоењето на антички храм на местото на денешната црква. Со археолошките истражувања направени последниве неколку децении, особено последниве неколку години, неговото постоење е потврдено и материјално, со откривање на темели од античкиот храм, елементи од неговата градба, споменици со релјефни украси со потекло од античкиот период, како и други археолошки наоди од тој период, поврзани со култовите од тоа време. Основите од ѕидовите на античкиот храм се појавија под градбата на денешниот христијански храм „Св. Успение на Пресвета Богородица“, при археолошките ископувања направени пред повеќе од една деценија, како и при археолошкото ископување пред неколку години. Со последните археолошки ископувања на површина излегоа и делови од силното утврдување на населбата која била расположена на десетина хектари површина под култниот врв на планината Бабуна, Златоврв. Ваквите наоди уште повеќе ги зацврстија сознанијата дека овој локалитет претставувал вистинско култно-религиско и културно жариште, особено во античкиот период.  

Манастирот „Трескавец“ со Златоврв

Освен остатоците од цврсти и дебели ѕидови од античкиот храм, биле пронајдени и поголем број споменици камена пластика, особено елементи од мермер – делови од старата градба со култни обележја изработени во релјеф, кои при градбата на хирстијанскиот храм биле ставени во темелите на ѕидовите на поновата градба. Од нив особено внимание привлекуваат повеќе големи камени блокови вградени во еден од внатрешните ѕидови на црквата од јужната страна. На овие мермерни елементи се среќава релјеф со гирланди и претстава на глава од бик или друго животно (главата е релативно оштетена). Пронајдени се и наоди од керамика од раната антика, делови од помали и поголеми столбови, фрагменти од скулптури, како и споменици со натписи.1

Книгата „Взпоменанија …“ од Еничерев

Интересно е дека постоењето на антички храм на местото на денешната црква забележале и посетители, како и автори на текстови посветени на манастирот „Трескавец“ уште пред  повеќе од еден век. Еден од нив, кој неколку години бил учител во Прилеп, односно, од 1866 до 1879 година, бил Никола Ганчев Еничерев. Во неговиот наслов „Возспоменанија и белешки“ тој зебележал: „Во мое време уште се тркалаа дрвени статуи по манастирските тавани. По распоредот на храмот, изгледа дека тој е граден пред IX век. Тоа се познава од двата параклиса, кои се залепени до средниот храм неговата северна и јужна страна кои имаат свои олтари и кои со средниот храм формираат една заедничка неделива зграда.“2

Фрагмент од мермерен споменик со натпис со името на Аполон Етеуданиско

Ова сознание уште повеќе ја потврдува традицијата на култност на ова древно светилиште и, заедно со големиот број други сознанија, го потврдува фактот за егзистирањето на храм или повеќе храмови на ова место уште во периодот пред христијанството. Засега, се знае дека на натписите на камени споменици се среќаваат античките богови – братот и сестрата Аполон и Артемида, и тоа со посебни епитети, Аполон Етеуданос (Етеуданиско) и Артемида Ефеска.3 Епитетот од Аполон, Етеуданос, се преведува како „Громобиец“, а „Ефеска“ за Артемида се поврзува со најпознатиот и најголем познат храм, кој и бил изграден на оваа божицата во античкиот град Ефес во Мала Азија.4

 

Споменикот со наприсот со Аполон по доживеаните „трауми“ од негрижа

Кога ќе се спомене „громобиец“ асоцијацијата е упатена на врховниот бог во антиката Ѕевс, кој владеел со громовите и молњите, но овде таква моќ му се припишува на Аполон кој, исто така, е еден до дванаесетте главни олимписки богови, чие седиште се наоѓало на врвот на планината Олимп. Оваа света планина се наоѓа на границата меѓу античка Македонија и т.н. античка Елада, односно, античките градови држави во тоа време. Особено интересно е што на македонската страна на Олимп, во самото подножје на оваа света планина, во областа Пиерија, Македонците го имале главниот култен центар, лоциран во градот Дион, во кој се наоѓал главниот храм на врховниот бог Ѕевс, па поради тоа и Александар Македонски, пред да замине во поход на Азија, најпрво дошол во Дион за да принесе жртви, да се помоли за успех на походот и да му оддаде почит на богот.5 Во градот Дион се вршени и археолошки ископувања, но во нашата научна и културна јавност, тоа малку се обработува и афирмира.

Споменик од Трескавец со името на Артемида Ефеска и Колобаиса

Што се однесува до епитетот „Ефеска“ на божицата Артемида, тој се среќава на повеќе места во Пелагонија,6 Мариово и други области во Македонија. Фактот што во Ефес се наоѓал нејзиниот најголем храм ја објаснува употребата на поимот „Ефеска“. Една анегдота запишана од античките автори, која се однесува на овој храм, и која „со своето студенило би можела да го изгаси и пожарот“,7 повторно не враќа во времето на Александар Македонски. Имено, според неа, за време на раѓањето на Александар во 356 година п.н.е., во шестиот месец од годината, кој Македонците го викале „лоос“, храмот на Артемида во Ефес се запалил и изгорел, па извесен Хегесија од Магнезија, во тоа време, реагирал со следните зборови: „Се разбира –рекол – тој храм мораше да изгори кога Артемида бабичела при раѓањето на Александар“.8 Кога Александар III Македонски тргнал на поход за освојување на Азија, застанал со војските кај храмот на Артемида во Ефес и принесол жртва и организирал свечена воена поворка со потполно вооружени војници.9 По опожарувањето, храмот на Артемида во Ефес бил обновуван следните 120 години.10

Уште еден споменик од Трескавец со името на Аполон Громовникот

Во случајот на присуството на култ на божицата Артемида која, меѓу другото, била заштитничка на девиците и родилките, интересен е и фактот што денес на двете места, на „Трескавец“ и на местото на храмот на Артемида во Ефес, се наоѓаат христијански храмови посветени на св. Богородица. Култот кон заштитничките на девиците, на родилките и раѓањето е традиција на двете места и во двата различни религиски периоди.

Негрижата кон спомениците на културата, односно немарноста и несоодветниот третман доведуваат до оштетување, уништување или исчезнување на голем број споменици од различни периоди. Со тоа се намалува можноста за посоодветно осознавање и реконструкција на определени настани, периоди, односно на културни содржини од определено време, а особено, се намалува можноста од следење на континуитетот на културата на просторот на Трескавец, кој е долг неколку милениуми. За тоа говорат, не само движните археолошки наоди и голем број документи, туку и остатоците од градби и обработени конструктивни и култни форми по големиот број карпи од манастирот  и неговата околина, сѐ до култниот Златоврв за кој преданието зборува дека некогаш го красело златно јаболко, чиј сјај допирал до градот Солун.