АНТИЧКАТА ТВРДИНА СО „CKAMEHETATA БАБА“, КОЈА НЕ ПОТСЕТУВА НА ВРЕМЕТО НА МАТРИЈАРХАТОТ, НА ЛОКАЛИТЕТОТ „БАБА – КУКУЛ“ КАЈ ПРИЛЕП
Може да се каже дека естетиката на просторот кој го населувале древните жители била една од причините при изборот на местото на живеење. Можеби естеткиот изглед бил и основна причина при изградбата на населби за живеење. Примерот со древната населба на локалитетот „Баба“ кај Прилеп нѐ наведува на таков заклучок. Тој се наоѓа на неколку километри североисточно од Прилеп, во близина на стариот пат кој минува преку превојот „Дервен“ и вештачкото езеро. Големиот број искуклени форми карпи, со мистичен изглед ги надвишува импозантна форма со антропоидна форма, која потсетува на баба и на тој дел од ридот му дава особена естетска димензија, која „зрачи“ во пошироката околина. Од северната страна, на ваквата естетика од геолошки форми од фулканско потекло се надоврзува врвот Кукул, кој уште посеверно е пресечен со превојот „Св. Петка“ по кој, повторно, следи карпест врв „Самовилец“, а натаму планината продолжува кон запад со врвовите „Единак“ на кој има стара тврдина,1 па „Липа“ и завршува со култниот врв „Златоврв“, со манастирот „Успение на Пресвета Богородица – Трескавец“ и остатоците на античката населба „Колобаиса“ во чии рамки, во античкиот период, се наоѓал култно-религиски центар.2
На просторот на локалитетот „Баба – Кукул“ се кријат бројни културни содржини од различни периоди, а на делот познат како „Баба“ постоела и древна тврдина чии остатоци можат да се видат и денес од јужната и југозападната страна на големата искуклена антропоидна карпа со форма на баба. Таа го зафаќа просторот кој е најатрактивен на тој дел на планината, со широк поглед, особено кон запад и југ. Тврдината имала посебен визуелен контакт со локалитетот „Маркови Кули“ кај Прилеп, односно двете стари населби, стариот град Прилеп и населбата со непознато име на локалитетот „Баба“ визуелно биле блиски. Вусшност и физичкото растојание меѓу нив е релативно блиско, само 4-5 км. На овој дел од ридот има пространа рамнина која, очигледно, била опкружена со ѕид, а остатоци од стари градби се забележуваат и на поширокиот простор на локалитетот. Нивниот материјал е растурен, а голем дел, веројатно, и однесен на други места каде што се градело по пропаѓањето на оваа населба.
На некои места од остатоците од ѕидовите на тврдината може да се забележи дека ѕидот имал за основа поголеми камени блокови што може да значи дека тврдината имала и постари корени од антиката. Над големите камени блокови се доградувал ѕид од помали камења со малтер кој потекнува од подоцнежните времиња на антиката и средниот век. Со оглед на фактот дека на овој локалитет има остатоци од постари населби од бронзениот и железниот период, се поставува прашањето дали на ридот „Баба“ немало тврдина уште во тоа време, а најмалку архајскиот период (700–600 г. пр. н.е.) на што асоцираат деловите од ѕидот на утврдувањето градени со големи камени блокови.3 Фактот што на ридот и околу него се констатирани траги од праисториска населба може да значи и подолг континуитет на населување на овој простор што подразбира и градби за заштита на населението од разни напади во немирните периоди. Така, на пример, под античките ѕидови на тврдината во Охрид се откриени и постари ѕидови кои потекнуваат од 8 век пр. н.е., а тоа покажува дека такви остатоци се можни и на дурги локалитети со стари тврдини. Всушност, имајќи ги предвид археолошките наоди од праисторијата на овој локалитет, мора да се запрашаме, па дури и да извлечеме своевидна констатција за улогата на мистичната карпа на врвот на ридот според која овој локалитет го носи името „Баба“ во праисторискиот период. Фактот што таа потсетува на стара жена, односно баба, може да значи дека на сличен начин и била почитувана во соодветното време на матријархатот кога во основата на верувањето на луѓето, односно во основата на нивната религија била жената, како Големата Мајка, Мајка божица или Мајка на боговите.
Делови од тврдината на скаменетата „баба“, посебно, се зачувани од северозападната страна на рамнината каде што можат да се видат остатоци од ѕидови високи и до 1 m со дебелина од 1,35 m. Јужниот дел на тврдината се движел преку една голема карпа која од долната страна е стрмна и претставува непристапен дел до тврдината. Од источната страна меѓу две поголеми карпи, според останатите траги, веројатно, се наоѓала една од портите за влез во утврдениот дел на населбата. На карпите кои градат природна порта на самиот раб на утврдениот дел се среќаваат длабени делови со помали размери кои, веројатно, служеле за прицврстување на портата.4 На оваа страна теренот почнува да паѓа со поголема косина на која се наоѓаат измешани голем број керамички фрагменти и камења. Западниот дел на тврдината како да бил расположен на неколку помали тераси кои, исто така, биле утврдени. Според мерењата на археолозите, тврдината зафаќала простор од околу 1,5 ха.5
Од археолошките предмети кои се регистрирани како наоди од овој простор посебно место имаат монетите. До скоро, најстара монета која е регистрирана како наод од овој локалитет беше една монета на градот Пела кој бил престолнина на античкото Македонско кралство. Таа е од бронза и потекнува од периодот меѓу 187 и 131 г. пр. н.е.6 Тоа е периодот кој започнува за време на постоењето на македонската империја во времето на кралот Филип V (220–179 г.) и неговиот син Персеј (178–168 г.) во чие време се случувале и Македонско–римските војни. Тие кобно завршиле за Македонија, која ја губи својата независност и сите права како голема империја со губењето на војната и покорувањето на територијата од страна на Рим во 168 г. п.н.е. кога паѓа и последниот македонски крал Персеј.
Пред неколку години, на локалитетот „Баба“ беше пронајдена уште една добро сочувана монета со ликот на македонскиот крал Касандар (316 – 297 г.п.н.е.), со што македонскиот период на овој локалитет беше „зацврстен“ со уште еден значаен податок од неговиот поран период.7
Овие монети може да биде доказ дека населбата на локалитетот „Баба“ била активна и во македонскиот период, особено во периодот на македонскиот империјализам, кој се развил во времето на Филип II и Александар III Македонски и веројатно е дека со својата местоположба, во близина на патот кој минувал преку Дервен и преку кои влегувале голем број напаѓачи од север, тврдината и населбата имале посебно значење. Просторот на кој се наоѓала тврдината е доминантен над пошироката околина и во, голема мерка, од неа можеле да се следат движењата по патиштата кои минувале преку Дервен и Плетвар.
Од другите монети кои се регистрирани како наоди од овој локалитет се монети од римскиот период, како една бронзена монета на царот Теодосие (379–395 г. н.е.), потоа 40 нуми (римски ковани пари) од Јустин II и др.8 Освен поединечните наоди на монети кои потекнуваат од локалитетот „Баба“ се споменува и една поголема збирка монети, т.н. фолиси и полуфолиси од рановизантискиот период, која се наоѓа во нумизматичката збирка на Заводот и Музеј во Прилеп. Таа содржи монети на Јустинијан I, Јустин II, Тибериј Константин, Тибериј Константин и Анастасија и на Маврикиј Тибериј.
Се работи за 51 монета од вкупно стотина кои се пронајдени на педесетина метри од скаменетата „баба“ уште пред околу 50 години.9 Се разбира се работи за случајни наоди кои се резултат на приватни активности и сугестии.
Времето за кое говорат споменатите монети од римскиот период и т.н. Византиско Царство може да се забележи и преку некои други археолошки показатели кои можат да се сретнат и на самиот терен на „Баба“. За праисториските периоди и македонскиот период говорат бројни наоди од керамика, кои се среќаваат на поширокиот терен околу ридот „Баба“, како и некои од големиот број помали и поголеми некрополи лоцирани на разни страни, од врвот. Една гробница од македонски (пелагонски) тип, која се наоѓа на североисточната страна, ниско, во подножјето на ридот „Баба“,10 исто така, говори за присуството на македонскиот период, како и на фактот дека населбата во тој период имала нагласен развој. Слична таква гробница се наоѓа и малку подалеку, во подножјето на „Кукул“ поблиску до тамошниот рудник за камен.11 Двете гробници се ограбени во некое далечно минато, а во таква состојба истражувани од Заводот и Музеј во Прилеп.
За раното христијанство, освен керамиката и извесни наоди на монети, говори и една обработена правоаголна форма во карпа со димензии од околу 0.80 m должина и околу 0.60 m ширина, која содржи издлабена форма на крст во средината, во извесна мера, деформиран од ерозија и по една јама во аглите на правоаголната површина. Овој посебен објект изработен во карпа се наоѓа на само педесетина метри до камената „баба“ на рамнината од западната страна. Според археологот А. Миткоски, ваквите објекти се делови од мартириуми кои биле мали објекти во ранохристијанските цркви во кои се чувале реликвии4. Тоа од своја страна за археолозите е доказ дека тука треба да се бара и ранохристијанска црква која, веројатно, егзистирала во времето на царевите од римскиот и византискиот период чии монети се пронајдени во близина на „бабата“. Мартириумите се користеле за чување мошти на ранохристијански маченици какви, се чини, имало многу низ Македонија.
Чувањето мошти на христијански маченици се применувало од IV век што било регулирано со специјална канонска одредба. Слични објекти се забележани и на локалитетите Чебрен, кој е сличен на овој од Баба и во селото Манастир на еден вграден камен блок во црквата.12 И двата локалитета се во Мариово. Вакви примери има и во Хераклеја Линкестис кај Битола, во Стоби и на други места.
Постоењето ранохристијански храм со мартириум во кој се чувале мошти на христијански маченик поттикнува на размислување за каков маченик се работело и каде потекнувал тој. Големи се можностите за негово потекло од овие простори. Од друга страна постоењето христијански храм во тоа време, исто така упатува на развиено христијанство на овој простор во првите векови на новата ера што не е чудно ако се знае дека Македонија е прва земја во Европа во кое тоа продрело и се раширило, речиси изворно преку самиот Исусов ученик апостол Павле. Постоењето ваков храм е уште една потврда за постоење развиена населба на овој локалитет во доцната антика. Пронајдените монети со ликот на Јустинијан I, кој според научните истражувања води потекло од Македонија од населбата која во тоа време егзистирала на просторот на селото Таор во близина на Скопје, укажува на периодот кој бил посебно интересен за Македонија како и за развојот на христијанството во неа, бидејќи, како што е познато, Јустинијан ја формира во Македонија т.н. Јустинијана Прима, според археолозите на дел од денешниот Скопје во 535 г. Во неа егзистира и Првата архиепископија на Македонија. Нејзиниот век не бил посебно долг, но сепак се изградени голем број тврдини и ранохристијански базилики во Македонија токму по нејзиното формирање што е утврдено со археолошките истражувања и рекогнисцирања.
Интересни се за овој локалитет и изнесувањата на археологот Јован Ковачевиќ. Тој изградбата на тврдината ја поврзува со периодот на Јустинијан и првата македонска архиепископија Јустинијана Прима. Градењето на оваа тврдина, според него, потекнува од годините помеѓу 532 и 545 година,13 кое го поврзува со некои воени случувања од тоа време (VI век) кои се опишани во литературата. Во врска со нив тој споменува и извесен командант на тврдината со име Бабас со кого го поврзува и името на населбата на овој локалитет.
1 Тренчо Димитриоски, Тврдина од грамадни камени блокови на локалитетот Градиште над селото Дабница, Прилепско, https://www.pelagon.mk/2019/03/04/
2 Тренчо Димитриоски, Златоврв со манастирот Трескавец – центар на светот, https://www.pelagon.mk/2018/05/23/
3 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација I – археологија, митологија, преданија, Прилепско, ЦПРТВ – Прилеп, Прилеп 2000, 139.
4 Исто, 140.
5 Виктор Лилчиќ, Александар Миткоски, “Баба”– Прилеп, Зборник бр. 1, 1995 г., Музеј на Македонија, Скопје, стр. 147.
6 Исто.
7 При археолошко истражување во рамките на утврдениот дел од локалитетот „Баба“ во една природно издлабена форма на карпа, како член на екипата на Завод и Музеј од Прилеп, пронајдов монета на македонскиот крал Касандар (316 – 297 г.п.н.е.). Монетата денес се наоѓа во Музеј – Прилеп.
8 К. Кепески, Рановизантиска остава (склад) на бронзени монети од местото Баба кај Прилеп, МАА бр. 3, 1977, Прилеп, 181–193.
9 А. Миткоски, Депоа за реликвии издлабени во карпа, Македонско наследство, бр. 5, 1997, 65–78.
10 Тренчо Димитриоски, Аристократска гробница од македонски тип – Горни Чаир – Баба – Прилеп, https://www.pelagon.mk/2018/07/13/
11 Тренчо Димитриоски, Аристократска гробница од македонски тип – Визбата, Прилепско, https://www.pelagon.mk/2018/08/25/
12 А. Миткоски, Депоа за реликвии …, 65–78.
13 Јован Ковачевиќ, Бабас, Зборник посветен на Бошко Бабиќ, Прилеп 1986, 119–121.
ОД АМБИЕНТОТ
КЕРАМИЧКИ НАОДИ
Керамички тег Фрагменти од керамички садови – рачки Тордирана рачка од сад – керамика Фрагмент од мегарска чаша – керамика, македонски период Фрагменти од керамички садови од повеќе периоди Фрагмент од поголем керамички предмет, можеби питос Фрагмент од питос со оловен држач Фрагменти од питос Фрагменти од тегули со украсување