ОСТАТОЦИ ОД НАСЕЛБА ОД НОВОТО КАМЕНО ВРЕМЕ НА ЛОКАЛИТЕТОТ „ЃЕРАМИДИ“ НАД СЕЛОТО ЧАНИШТЕ, ПРИЛЕПСКО

Со својата комплексност како локалитет со повеќезначни археолошки наоди, во атарот на селото Чаниште посебно се наметнува локалитетот познат како „Ѓерамиди“, кој се наоѓа на околу 500 м североисточно од селото. На еден рид со благи падини и по околните ниви се наоѓа изобилство од керамика и тоа фрагменти од праисториска и античка керамика на истите површини, како и фрагменти од камени орудија, но и цели орудија од камен кои го надживеале времето. Локалитетот опфаќа површина 5–6 ha и тоа во нивите од јужната страна на ридот, на терасестите обработливи површини од неговата северна страна и на површината на самиот рид. Негово главно обележје е еден впечатлив тумул поставен на најдоминантното место на ритчето, кој претставува своевидна набљудувачница на околината. За жал, тумулот пред неколку години е нападна со извесна машина и целосно уништен. Непознати трагачи по скриени богатства влегле со машината директно во средината и направиле огромна јама во него. Имајќи предвид дека тумулите кои се пронајдени во поблиската и подалечната околина се датирани во железното време, можеме и овој своевиден погребен објект да го сметаме за аргумент за истиот период или, евентуално, за некој поран период, односно бронзениот.

Селото Чаниште
Л. „Ѓерамиди“ со л. „Трештена Стена“ – лево и „Убава Глава“ – десно

Од северната страна на локалитетот „Ѓерамиди“ тече Крушевичка Река, која тука прави кривина и го заобиколува локалитетот од северната и североисточната страна. Покрај реката има рамнини со плодно земјиште кое, веројатно им користело на жителите од древната населба. Плодно земјиште и рамнини има и на југ и југозапад од локалитетот, што исто така било услов за лоцирање на населбата на овој локалитет. На неколку стотици метри северозападно од локалитетот, од правецот југозапад кон североисток, тече уште една река која се влива во Крушевичка Река, крај која има и површини со плодно земјиште, како и зелени површини погодни за пасишта, што претставува дополнителна погодност за некогашните жители од населбата на „Ѓерамиди“. Интересно е дека во подножјето на Селечка Планина крај оваа река која е позната како Косовска Река, се наоѓаат исто така траги од стара култура, која се констатира преку керамичките наоди. Од двете страни на оваа река по ритчињата кои ги има во голем број, се распоредени неколку тумули,1 кои би можеле да бидат во врска со праисториската населба на опишуваниот локалитет „Ѓерамиди“ над селото Чаниште. Од тумулите познати се неколку, и тоа, два од десната страна на реката, на локалитетот „Ѓуркова Нива“ и на „Дашков Гроб“, кој е на само педесетина метри од реката на мало возвишение, а еден поголем тумул има и од левата страна на Косовска Река на локалитетот „Каменица“.2 Многу поблиску до локалитетот, на околу 500 метри западно од него, има исто така еден тумул3 што гo зголемува бројот на тумулите кои на еден или друг начин би можеле да бидат могили, во кои биле погребувани покојници од населбата на „Ѓерамиди“ во железното време или, уште порано, во бронзеното време.

Тумулот пред да биде уништен од север

Во северниот дел на локалитетот кој е исполнет со терасесто поставени ниви, присутни се фрагменти од керамика од праисторијата, како и фрагменти од антиката, што овој локалитет го прави комплексен, но и интересен за археологијата. Освен керамиката, чести се наодите на фрагменти од камени орудија, како и цели камени орудија, потоа разни керамички тегови, фрагменти од орудија од кремен, а се наоѓаат и фрагменти од дебела куќна керамика, покривна керамика и сл. На јужната страна на локалитетот, која претставува своевидна долина со рамни површини, кои се обработуваат и денес, има многу понагласени наоди од праисториска керамика, па и камени орудија. Всушност, нивите кои, до скоро, речиси секоја година се обработуваа, се вистински наоѓалишта на археолошки материјал, посебно керамички наоди со специфични обележја на времето на нивната изработка. Од другите обележја на локалитетот треба да се спомене фактот дека голем број од нивите во неговата околина се оградени со камен, кој претставува градежен материјал од некогашната населба. Токму заради тоа, дел од просторот кој е наречен „Грамаѓе“ и се наоѓа на локалитетот „Ѓерамиди“ од неговата југоисточна страна, исто така укажува на постоење стара населба. Земајќи ги предвид сите наоди кои се среќаваат на овој локалитет, се добива впечаток дека се работи за поголема населба од праисторијата, која има свој континуитет и во подоцнежните периоди.

Раскопаниот тумул

Според археолошката наука, археолошкиот материјал, кој се појавува на овој локалитет упатува на остатоци од праисториска населба од новото камено време (неолитот) поточно, од доцниот неолит. Според евидентираниот материјал, населбата продолжила да егзистира и во следниот период, енеолитот. Населбата на локалитетот „Ѓерамиди“ е дел од населбинската структура на овој дел од Мариово во доцниот неолит и енеолитот, заедно со поголем број други населби од овие периоди, кои се наоѓале на поблиските и подалечните локалитети од околината, а на кои е евидентиран сличен материјал, односно слична култура. Во атарот на соседното село Манастир се наоѓаат најмалку два локалитети со таква култура, а тоа се локалитетите, „Трештена Стена“, оддалечена само неколку километри северно од „Ѓерамиди“ и локалитетот „Градиште“ на десниот брег на Црна Река, а со слична култура се и населбите чии остатоци ги среќаваме на локалитетите „Пештера“ кај селото Пештани, „Прчинога“ кај селото Дуње,4Садевите“ кај селото Мелница и др.

Делот од л. „Ѓерамиди“ со тумулот и л. „Убава Глава“ во позадина

Посебен културен феномен, кој секако има врска со старата населба од л. „Ѓерамиди“ е една ниска карпа на највисокиот рамен дел од локалитетот, на чии хризонтални површини среќаваме своевидна „слика“ од врежани мали кружни јами. Тие се со димензии од 5 до 10 sm пречник и по неколку sm длабочина, кои зафаќаат површина поголема од 2 m2 и оформуваат разновидни форми. Можат да се констатираат конусоидни, ромбоидни и кружни, како и други форми конципирани со поголем број мали јами, како и цели низи или комбинации од две, три или повеќе такви длабнатинки. Меѓу нив има и форми, кои можат да се земат како антропоморфни. На средниот дел од површината со врежаните мали јами, е оформен еден мал круг со околу дваесетина сантиметри пречник, кој не упатува на сличен симбол, кој го документиравме на две места на локалитетот „Маркови Кули“ кај Прилеп5 што не наведува на натамшна размисла и анализа, иако е многу тешко да се извлече каков било поконкретен заклучок или да се направи поконкретна идентификација на симболите од овој вид. Прашањето за тоа што претставувале тие и овде останува затворено. Сепак, фактот што вакви културни појави има на повеќе локалитети на нашиот простор и, речиси, секогаш во комбинација со остатоци на култура од праисториските периоди, не може да се порекне. Нивната честа појава, пак, укажува на некакво нивно значење и функција во древните времиња.

АРХЕОЛОШКИ МАТЕРИЈАЛ ОД ПОВРШИНАТА НА ТЕРЕНОТ

 

КАРПАТА СО ВРЕЖАНА СИМБОЛИКА ОД Л. „ЃЕРАМИДИ“

 

ТУМУЛОТ ПРЕД И ПО УНИШТУВАЊЕТО

 

1 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово, РАСТЕР КОМ – Прилеп, Прилеп 2002.

2 Александар Миткоски, Извештај од рекогносцирање на археолошки локалитети во Мариово, Завод и Музеј–Прилеп 2001.

3 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово,… .

4 Александар Миткоски, Мариово во праисторијата, МАА бр. 19, 2004 – 2006, Скопје 2010, 53, 54.

5 Тренчо Димитриоски, Камени богови, Ризница – Прилеп, Прилеп 2013, 117 – 120.