ПРЕДАНИЕ ЗА ИМЕТО НА СЕЛОТО КЛЕКОПЕРЦИ

(Од книгата „Жива историја – раскажувања за историјата на Пелагонија и Мариово (1856 – 1950) со преданија за населени места“ – запишано од Томе Велјаноски, подготовка за печат, Тренчо Димитриоски)

Селото Клекоперци1 кое сега е ненаселено се наоѓало на два километра североисточно од денешното село Шелеверци, горе во долот кон местото Комарчани. Како настанало неговото име тешко е да се потврди, но, сепак, има една мала претпоставка која ја кажуваше Стојче Танески, кој тврдеше дека неговите предци потекнувале од селото Клекоперци.

Некогаш во старо време си бил некој сточар, кој постојано барајќи подобро место со пасиште за добитокот, си нашол погодно место за живеалиште за себе и за стадото. Местото било присој, спроти сонце, сонцето го греело и рано го затоплувало, а пролетните тревки излегувале рано на пролет, тукуречи, уште зимата незавршена.

Ерековско Кале и Комарчани во чија близина се наоѓало селото Клекоперци или Кракопетци

Меѓу тревките се појавувале и цвеќињата, како качунките, сличките, перлузите–клекоперки–кркоперки–кркушки. Од сите нив најмногу ја имало клекоперката. Кога ќе го запрашале овчарот каде му се наоѓаат колибите и каде живее тој, тој им одговарал: „Моите колиби се онаму каде што растат клекоперките, Ако не можете да ме најдете дојдете во пролетните месеци и ќе ме пронајдете по клекоперките.“ На луѓето не им било јасно што се тоа клекоперки и овчарот им објаснувал дека клекоперките се слични како качунките само имаат подебел корен, кога ќе се излупи коренот пушта бела течност како млеко, а листовите им се клекнати перја, завиткани листови. Од овие зборови и од името на цвеќето населбата која ја населил сточарот се завикала Клекоперци – клекнати перја – свиткани листови.

Клекоперка е растение што се среќава со различни имиња. Како што ни кажуваа воловарите и овчарите од Мало Рувци, со кои често се среќававме пасејќи го добитокот, тие клекоперката ја викале кркоперка, додека во Марул се вика кркушка. Ние како деца ја копавме сосе корените. Клекоперката–кркоперката–кркушката има листови кои растат завиткани кон земјата, има дебел корен кој личи на свиткан морков обложен со повеќе слоеви кора. Откако ќе се ископа коренот се лупи од слоевите кора, а штом се разголи коренот е бел и пушта течност бела како млеко. Кревок е и се јаде. Во средината коренот има долга жила и највкусен за јадење е до крајот на мај. После застарува, лисјата му се сушат, а коренот останува за напролет повторно да развие и расцвета.

За селото Клекоперци не се знае колкаво било, само се знае дека не било муслиманско, зашто инаку немало да настрада. Не се знае ниту дали имало верски храм. Кога го нападнале Турците целосно го испустиле. Тоа настрадало за време на Мариовската буна. Според кажувањето на Стојче Танески селото било сосема изгорено, населението истепано, добитокот земен, а успеало да преживее само едно семејство. Тоа се поделило на три дела, еден дел од семејството дошол во нашето село Марул, вториот дел во Штавица, а третиот дел отишле во Чумово. Потомците на ова семејство во овие села денес се денешните Таневци во Марул, во Штавица тоа се денешните Дерковци (Мелезовци), а во Чумово, Апостоловци. Сите овие семејства денес имаат иста куќна слава, Св. Варвара на 17 декември.

Селото Клекоперци никогаш не било обновено. На ова место и денес постојат урнатини. Во негова близина било формирано чифлигарското село Шелеверци.

Кажувано од:

 Стојче Атанасов Танески (1868–1957) од Марул, пренесено на негов внук од син Јоваи Ристев Атанасоски во 2000 година, стар 74 години

  1. Крсте Стојанов Танески (1904–1984) од Марул

[1] Во кодикот на манастирот Трескавец, кој потекнува од 16 до 18 век се среќава селото Кракопет’ци, од кое во кодикот се запишани 24 имиња на лица кои потекнуваат од ова село. (Споменици за средновековната и поновата историја на Македонија, том IV, Институт за истражување на старословенската култура – Прилеп, Скопје 1981, 229.