НАСЕЛБАТА НА МАРКОВИ КУЛИ И ВАРОШ КАЈ ПРИЛЕП БИЛА ГРАД УШТЕ ВО АНТИКАТА И ВО НАУКАТА СЕ ИДЕНТИФИКУВА СО ИМЕТО КЕРАМИА (CERAMIAE)
Ако се смета дека населбата, која со милениумски континуитет егзистирала на ридот Маркови Кули, Варош и Заград е древниот предок на денешниот град Прилеп, тогаш љубопитството за нејзиното древно име во различните периоди на цивилизацијата е навистина оправдано. Во науката овааа античка населба најчесто се идентификува со античкото име Керамиа (Ceramiae).1 Ова име археолозите го определуваат според познатата карта на патишта Tabula poitingeriana која потекнува од римскиот период, но се смета дека е заснована на слични карти на патиштата на овие простори кои имаат постаро потекло уште од времето на Македонската империја.
Фактот што оваа карта на патишта од античкот свет позната како Tabula poitingeriana содржи податоци кои се земани од постари карти на античкиот сообраќај ја прави значајна за убикација (идентификување) на античките градови. Во неа стои дека стариот пат кој водел од Стоби за Хераклеја (кај Битола), а кој ги поврзувал овие градови со познатата сообраќајница Via egnatia минувал на својот пат преку станиците Еуристон и Керамиа од кои првата се идентификува со остатоците од позначајна населба кај селото Дреново, Кавадаречко, а втората со античката населба кај Прилеп. Ваквото идентификување на населбите кои биле станици на споменатиот пат е направено по анализите на растојанието опишано на картата Tabula poitingeriana и вистинската природна раздалеченост на овој простор помеѓу споменатите археолошки локалитети. Така, според картата, раздалеченоста меѓу Стоби и Керамиа била 36 km., а тоа одговара на растојанието од Стоби до Варош, односно, Маркови Кули. Споменатиот пат и во тоа време поминувал преку превојот на Плетвар, каде што исто така има антички споменици. 2 Ако се проследат археолошките наоди од тој период на просторот на кој била раслоложена Керамиа, може да се констатира дека се работело за значајна населба која имала впечатливи градби како што се храмовите, поголеми аристократски имоти и сл. Се разбира, тука е и тврдината која постоела уште во тоа време и била обновувана во повеќе последователни периоди, но за нас се значајни и големиот број споменици со натписи3 на просторот на Варош, Маркови Кули и Заград, како и дел од нив во Прилеп кои се, или тука пренесени, или се дел од некакви остатоци од градби на тој простор. Натписите се посебно интересни бидејќи во нив се среќаваат имиња на жители на населбата или на лица кои во неа биле на служба, како и некои суштински елементи поврзани со тогашниот живот.
Еден натпис пронајден на просторот на античката населба Керамиа претставува дополнителна потврда за постоењето на големиот антички град Стибера,4 кој бил расположен на ридот Бедем кај селото Чепигово на Црна Река и на просторот околу овој рид. Натписот се наоѓа на мермерен споменик5 и на него се говори дека тој е подигнат од извесен Фронтон Стиберанец во чест на неговиот син Дионисиј, кој веројатно бил на служба во Керамиа како и неговиот татко. Овој натпис археолозите го користат и за извлекување на некои други заклучоци. Знаејќи го фактот дека Стибера бил центар на посебна територијална единица, а можеби и на посебна политичка единица составена од етничката заедница Девриопи, се изведува и заклучокот дека и Керамиа спаѓал во оваа област. Девриоп во античките извори често се споменува како дел од поголема и посилна етничка и политичка заедница со прастари корени кои можат да се сретнат и во митолошките приказни од антиката. Co други зборови, Девриопите се сметаат за пајонско племе кое живеело крај горното течение на Црна Река и покрај работ на Пелагонија6. Керамиа како населба се наоѓала токму на работ на Пелагонија заедно со населбите кои се идентификувани под нивните антички имиња, Колобаиса кај Трескавец, Алкомена кај Бучин и Брианион кај Граиште. Иако не е утврдено дека се работи за градот кај денешниот Прилеп, во науката се споменува еден податок кој го изнесува римскиот историчар Тит Ливиј. Имено, тој споменува извесен антички град со слично име, односно, Ceremia, кој Римјаните го освоиле во 170 година п.н.е. за време на Македонско-римските војни. Некои научници сметаат дека овој град не може да се идентификува со античкиот град, кој се наоѓал кај Варош и Маркови Кули кај Прилеп,7 но сличноста на името не може да се порекне.
Имајќи предвид дека Девриопите се сметаат за пајонско племе, доколку Прилеп бил дел од нивната област не треба да изненадува фактот што на овој простор се среќаваат повеќе податоци за обожување божества својствени за овие племенски заедници кои, според археолошките податоци, многу рано основале своја држава. Така на некои места од прилепската околина се среќаваат податоци за постоење храмови на боговите кои Пајонците посебно ги славеле и им принесувале разни жртви. Меѓу таквите богови биле братот и сестрата Аполон и Артемида за кои траги од светилишта и култ се среќаваат во Трескавец на север од Прилеп, во Алкомена8 кај Бучин, во Кокре9 преку Дренска Планина и на други места.
АРХЕОЛОШКИ ПРЕДМЕТИ ОД МАРКОВИ КУЛИ
1 Ф. Папазоглу, Македонски градови у римско доба, Жива антика, посебна издања, књига I, Скопје 1957, 223 и др. автори.
2 INSKRIPTIONES GRAEKAE, PARS II, INSKRIPTIONES MAKEDONIAE, ediderunt: Fanula Papazoglu, Milena Milin, Marijana Ricl, Berolini. Novi Eboraci, MIM.
3 Исто.
4 Антички град со околу 15–20 000 жители уништен во III или IV век пред н.е.
5 Ф. Папазоглу, Македонски градови…, 223.
6 Исто, стр. 169. (според Ливиј)
7 Исто, белешка 52.
8 Алкомена е антички град кој се наоѓал во околината на селото Бучин од десната страна на Црна Река. Меѓу другото, оттаму потекнувал и еден од офицерите на Александар Македонски познат од делото на Аријан како Пеитон Алкоменеецот, син на Кратева.
9 Мермерна ара со натпис на кој се споменува Артемида.(Ф. Папазоглу, Македонски градови у римско доба).