„ЧАРДАЦИТЕ“ НА МАРКОВ ЧАРДАК КАЈ СЕЛОТО БЕЛО ПОЛЕ, ОПШТИНА ДОЛНЕНИ ВИДЛИВИ ОСТАТОЦИ ОД НЕПОЗНАТ МАКЕДОНСКИ ГРАД ОД АНТИЧКИОТ ПЕРИОД

За локалитетот „Марков Чардак“ пишувавме и порано во овој портал.1 Тој е особено интересен археолошки локалитет со богати остатоци од стара култура, од македонскиот, римскиот, доцноантичкиот и средниот век. Всушност, се работи за населба со твдина на врвот со карпести површини на кои се среќаваат голем број обработени делови („чардаци“) од карпите. Некои од нив се вистински објекти од културен карактер и значење, со многу елементи од старите градби, тераси, каналести форми, резероари, ниши, „ѕидови“ и сл. Тие, секој за себе, можат да бидат објекти на посебна анализа, кои ќе доведат до сериозни сознанија за животот во старата населба, односно, антички град. Тој бил расположен на самиот врв „Марков Чардак“, на северозападниот крај на Ридот во форма на потковица во чие подножје се расположени селата Новоселани од источната, Кутлешево од западната (во внатрешниот дел на потковицата) и Бело Поле од северозападната страна. Врвот на кој бил расположен утврдениот дел од градот се наоѓа на надморска височина од 723 m југоисточно од селото Бело Поле.

Марков Чардак од запад

Утврдувањето било расположено на поголема рамнина на врвот, која од јужната и западната страна завршува со карпи. Токму по овие карпи се среќаваат голем број обработени делови – евиденти културни остатоци од делот на градот со тврдината. Слични културни траги има и на карпите на падините на ридот, од западната, северозападната и јужната страна, каде се среќаваат и две гробници од македонски тип издлабени во карпите од пониските падини на западната страна.2

Обработени форми на карпи од западната страна

Според она што може да се забалежи во поширокиот простор, непосредно до врвот со утврдувањето, може да секонстатира дека другите населбени простори се протегале по падините на ридот од северната и западната страна и веројатно е дека делови од населбата зафаќале и во рамниот простор во подножјето на ридот, каде се среќава нагласено количество од керамички наоди и други видови археолошки материјал, меѓу кои и монети од македонските кралеви. Познат е еден наод на монета на кралот Касандар (316-297 п.н.е.), која потекнува токму од „Марков Чардак“.3 Како дел од населбата, особено треба да се смета просторот од северната страна, познат како „Манастириште“, кој денес е, речиси, целосно пошумен, освен најниските делови кои претставуваат обработлива површина.
Градот од „Марков Чардак“, веројатно играл особена улога во македонскиот период, посебно во времето на Македонско-римските војни, кога имало големо раздвижување на силни воени контингенти од двете страни – македонската и римската, како и ограбувачки војски од страна на Илирите, Дарданците и другите племиња од север и северозапад на Македонското кралство. Ваквата констатација добива на тежина ако се знае дека овој антички град бил расположен во близина на патот кој водел кон превојот Барбарас од кој влегувале непријателските војски во просторот на Пелагонија и Македонија. Освен тоа, неговата положба е била во внатрешниот дел на Пелагонија, на позиција која доминира со овој дел рамнината и има отворен поглед се до споменатиот превој Барбарас, во чија близина биле поставени неколку помали и поголеми тврдини за одбрана, меѓу кои, најголема и најцврста била тврдината на локалитетот „Градиште“ кај селото Дебреште, која била само дел од поголемата населба. Токму со оваа тврдина и населба е поврзан еден воен настан од времето на кралот Филип V во 200 година п.н.е. кога Римјаните подготвувале напад на Македонија со 22. 000 римски легионери под команда на Сулпициј Галба и, заедно со своите сојузници, Дарданците, Илирите и Атаманците, Сулпициј Галба планирал напад од три страни – од запад, север и југ. Знаејќи дека Дарданците ќе нападнат од север, влегувајќи преку превојот Барбарас, Филип V го испратил својот тринаесетгодишен син Персеј со војска во утврдената населба кај денешното село Дебреште за да го блокира влезот на Дарданците во Пелагонија преку превојот на Барбарас.4

Комплетно култивирана карпа на западниот дел

Токму овој настан од времето на Филип V ни дава простор да претпоставиме дека во тоа време и градот кај селото Бело Поле имал посебна улога, бидејќи се наоѓа на линијата на движење на Персеј со неговата војска и е на релативно мало растојание од тврдината кај Дебреште во која бил испратен со војска за одбрана на превојот.

Резервоарот на терасата од култивирана карпа

Некои историски податоци, поврзани со воени настани и ограбувачки походи во Македонија од север, опшани во книгите на античкиот автор Полибиј, исто така упатуваат на стратешкото значење на населбата која била расположена кај селото Бело Поле, кога е веројатно дека со своето утврдување имала важна улога воодбрана на пошироката област, но и кога е веројатно дека овој град бил ограбуван, а неговите жители биле жртви на ограбување и разновидно страдање. Овде, особено, мислиме на еден голем ограбувачки поход на Дарданците и Илирите во Македонија во 211 г.п.н.е. кога ја ограбиле Пелагонија, а во 209 година п.н.е., искористувајќи го отсуството на Филип V, кој бил со војска за средување на состојбите далеку на југот од полуостровот, навлегле длабоко во Македонија и преку Пелагонија стигнале дури до Орестида (Костурско).5


1 Тренчо Димитриоски, Остатоци од антички град на локалитетот „Марков Чардак кај селото Бело Поле, општина Долнени, https://www.pelagon.mk/2018/09/25/
2 Исто. Т. Димитриоски, Древна Пелагонија I, Ризница – Прилеп, Прилеп 2009, 159 и 160.
3 Никола Шелдаров – Виктор Лилчиќ, Кралевите на античка Македонија и нивните монети во Република Македонија, Македонска цивилизација, Скопје 1994, 159.
4 Исто, 99. Полибиј, Истории.
5 Полибиј, Истории.