СВЕТИТЕ ПАТИШТА ДО СВЕТАТА ПЛАНИНА ЗЛАТОВРВ СО МАНАСТИРОТ „УСПЕНИЕ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА – ТРЕСКАВЕЦ “ КАЈ ПРИЛЕП
До манастирот „Успение на Пресвета Богородица – Трескавец“ под врвот Златоврв на планината Бабуна водат многу патишта, од различни страни. Некои од нив се помали козји патеки, други вистински патишта, со подѕидоци и поплочување, со широк коловоз, кој во минатото бил оспособен за транспорт на тешки материјали со запрежни возила. Имајќи предвид дека на ова место имало светилишта и храмови уште во претхристијанскиот период, а континуитетот на свето место продолжил сè до денес, низ неколкуте милениуми тука на пклонение пред божествата се движел неброен народ од околните, како поблиските, така и подалечните населби. Тие доаѓале од разни страни и затоа до светилиштето водат и различни патеки. При ваквата анализа, особено е интересно да се знае кој бил главен пат до таму, односно, кои биле поглавни патишта, кои се користеле за доаѓање на поклонение и молитва под врвот на светата планина. Зашто Златоврв со Трескавец не е обично светилиште, туку „света планина“ со свој свет простор, кој бил обележан со разновидни култни обејкти, свети води и извори и други свети објекти кои се распоредени на поширокиот простор околу планината.1 Овој врв со околината, кој е дел од планината Бабуна е едно од светските места на религиско сподвижување, заедно со повеќе такви места во светот, како што се Синајската Гора, Олимп, Атос и други.2
Ако се знае дека на ова место, имало изградени храмови – цврста градба уште во античкиот период, најдоцна во 4-3 век пред н.е. и притоа биле носени материјали за градба, кои не е лесно да се транспортираат дотаму без добар пат за движење на соодветни транспортни средства, тогаш се доближуваме до суштината на овој проблем. Особено голем број патеки кон манастирот Трескавец и Златоврв водат од страната на Прилеп. Можат да се избројат десетина такви помали и поголеми патеки, кои и денес се користат за посета на манастирот и врвот. Повеќето од нив минуваат преку Заград, северозападно од Прилеп. Една од најкористените патеки, особено за планинарење и пешачење, е патеката која минува преку ридот Зеленик и е позната како патека „На плочата“, „На Црквиште“ или „На Дупен Камен“. Често, за слична посета на манастирот и врвот се користат неколку патеки кои водат низ Заградското Поле. Една од тие патеки, води од левата страна на ридот Тетебуле, Заградско. За неа може да се каже дека е една од подобрите патеки, која во минатото била добро одржувана, со голем број подѕидоци и поплочени делови, а на неколку места се среќаваат и карпи со разновидни симболи поврзани со светиот простор. Тоа се разни симболи изработени со врежување или со боја, како од христијанскиот, така и од претходните периоди. Друга патека минува од десната страна на ридот Тетебуле, наместа е добро оформена и покрај неа, исто така, се среќаваат повеќе карпи со христијанска или претхристијанска симболика.
Слични патеки се среќаваат и на други делови на планината под Златоврв, а од Заградската страна, овде ќе ја споменеме една патека која води по долината под Заградски Стени. Современиот пат, кој денес е асфалтиран и води од западната страна на Златоврв, исто така, има долга традиција на користење. Следат пристапни патеки од страната на селата Мраморани, Забрчани и Дупјачани, како и од страната на Горно Село и Небрегово. Патеката која пристапува од страната на Небрегово минува преку превојот, меѓу ова село и Горно Село, познат како „Царина“, води по северната страна на планината кон врвот и манастирот. Таа, исто така, долго време била одржувана и покрај неа можат да се сретнат и извесни објекти, како корита издлабени во карпа и сл. На нејзиниот пат е и чешмата позната како „Студено Варило“, која се наоѓа на околу 1 km североисточно од Златоврв.
При ваквата анализа, задолжително треба да се осврнеме и на структурата на населување, односно структурата на населбите во просторот околу култниот врв Златоврв, во чие подножје било оформено светилиште со многу стари корени.3 Притоа, треба да се истакне дека од северната страна на Златоврв во раноантичкиот и римскиот период се развила значајна населба, а на тоа упатуваат значајни археолошки остатоци кои се среќаваат во атарите на селата Горно Село, Дупјачани и Забрчани, која била лоцирана на ридот Мал Сурун – Орлов Камен. Се разбира, сосема е логично дека жителите од оваа населба, имале значајна физичка и духовна врска со светилиштето од Златоврв. Овде треба да ги споменеме и населбите кои егзистирале од западната и југозападната страна на Златоврв, како што се оние од локалитетите „Грамаѓе“ и „Асаница“ во подножјето на планината западно од Златоврв и „Ридот“ кај Мажучиште. На двете места се среќаваат значајни остатоци материјална култура и остатоци од архитектонски објекти, односно утврдувања и други градби.4
ГЛАВНИОТ ПАТ ЗА ПРИСТАП ДО МАНАСТИРОТ ПОД ЗЛАТОВРВ
Овде, особено ќе му посветиме внимание на патот, кој го сметаме за главен пристапен пат до „вечното“ светилиште под Златоврв, кој води од долината кај селото Дабница, од југоисточната страна на Златоврв и минува во близина на селото. Може да се смета дека овој пат е најстариот изграден пат до светилиштето и бил наменет, не само за пешачење, туку и за транспорт на материјали и луѓе со добиток и запрежни возила. Зашто без таков пат нема друга можност да се однесат тешките материјали за градба, кои денес ги среќаваме во манастирот. Тоа, пред се, се големите камени елементи од античките градби, особено мермерните, кои потекнуваат уште од античкиот период, а денес се наоѓаат во кругот на манастирот, вградени како сполии во денешните градби на црквата и конаците или расфрлани во манастирскиот двор. Уште повеќе, овој пат е оној по кој се движеле и највисоките гости – цареви, кралеви, војсководци и други великодостојници, кои го посетувале светилиштето и манастирот во милениумите наназад. Дека тие присуствувале во овој манастир или дека биле ктитори и донатори во различни времиња не треба да се сомневаме зашто за тоа има и бројни документи, како во пишана форма, така и на ѕидовите од градбите на манастирот каде се споменуваат имиња на неколку такви личности.5 Тоа значи дека по овој пат минувале товарени запрежни возила со материјал за изградба на светилиштата, но и свечени поворки со високи гости од различни страни на Балканот.
За таа намена патот, повеќе пати, бил обновуван, подѕидуван и поплочуван, а наместа се среќаваат и огради од двете страни направени со делумно обработени камени столбови. Денес можат да се проследат делови од патот широки и до 4-5 m, направени со помали или поголеми камења, камени плочи и камени блокови. Некои од овие зачувани делови од патот упатуваат на квалитетно изработен пат, кој бил граден со посебно внимание, мајсторство и напор. При поплочувањето биле избирани посебни камени блокови и плочи, кои биле добро вградени во подлогата на патот за да ја извршуваат соодветната функција при транспортот. На деловите од патот кои ги пресекуваат потоци и долови, кои се слеваат по стрмниот терен, биле направени посебни канали и мостови за слободен проток на водата, а се среќаваат и канали од страните на патот за заштита.
Патот бил свет, поминувал низ свет простор, простор кој бил сакрализиран со долговековно, па и милениумско активно третирање со постојано одочастие кон „Центарот на светот“, каков што претставувал највисокиот врв. Златоврв, на овој дел од планината Бабуна, односно, кон светилиштето кое се наоѓало под него. Светиот простор, оној кој бил дел од вкупниот свет простор на Светата планина е обележан со безброј свети симболи, свети објекти и свети води и свети извори6 и во него се пристапувало, па и денес се пристапува со посебна почит и обожување.
ОД КАДЕ ТРГНУВАЛ ПАТОТ
Освен физичката заштита и оддржување, на многу места на патот биле посветувани објекти на божества и култови како заштитници на патот и патниците кои се движеле по него. Ваквите култни објекти, според симболиката, врежана или сликана, потекнуваат од различни периоди, како од христијанскиот период, така и од периодот пред христијанството. Што се однесува до определувањето на различните фази на градба на патот, тие е тешко да се утврдат без соодветно археолошко истражување, односно, сериозно научно истражување. Сепак, со внимателно проследување, можат да се констатираат и по неколку различни траси, паралелно, една крај друга, кои укажуваат на менувањето на трасата при реконструкцијата на патот во различни периоди. Самата градба на патот и разновидните културни остатоци крај него кријат многу драгоцени сознанија. На тоа упатуваат разновидните објекти, карпи со културни траги и слични остатоци, кои можат да се констатираат при проследувањето на патот и теренот во негова непосредна близина. Тешко е, исто така, да се утврди од каде тргнувал патот, односно од која населба. Претпоставката дека тој водел од стариот град Прилеп кон Трескавец може да биде само можност за објаснување на релацијата. Сепак, треба да се има предвид дека во различните периоди имало и различна структура на населување во просторот и различно било значењето на тогашните населби. Овде мора да се имаат предвид развиените населби со тврдини од античкиот период – раноантичкиот (македонскиот), македонско-римскиот и доцноантичкиот период, кои во поблиската и подалечната околина на Златоворв, односно, во околината на култно-религискиот центар Колобаиса, кој се наоѓал под врвот Златоврв егзистирале во неговата поблиска и подалечна околина. Овде мислиме на населбите на локалитетот „Баба“,7 кој се наоѓа јуогоисточно од Златовор и која егзистирала уште во подлабоката праисторија и крие културни фази до средниот век, на локалитетот „Единак“ („Градиште“) над селото Дабница,8 источно од Златоврв, потоа малку познатиот локалитет „Леково“ (Роман) кај селото Ореовец, кој крие завидна култура од македонско-римскиот период, како и други локалитети со значајна материјална култура,9 од југоисточната страна на Колобаиса. Претпоставката е дека сите овие населби во време на нивното активно живеење имале и патна врска со главниот религиски центар во овој простор.
Еден пат со цврста конструкција кон Трескавец минувал во близина на селото Дабница, што упатува на можноста дека тој бил заеднички пат за повеќе населби од југоисточната страна на светилиштето и патеките кои тргнувале од нив, токму кај селото Дабница, се спојувале во еден главен пат кој продолжувал кон светата цел. Од Дабница, денес, може да се следи добро подѕидан пат, кој кривулесто продолжува кон локалитетот и чешмата „Пазоица“, која се наоѓа на работ на една рамнина на половина пат меѓу Дабница и Трескавец. Блиските врски меѓу селото Дабница и манастирот Трескавец ги потврдува и една постара зграда во селото, која му припаѓала на манастирот, а една култна карпа со претстава на св. Архангел Михаил во близина на селото, крај која, веројатно, минувал патот кон манастирот.10
Речиси, сигурно е дека главниот пат бил поврзан со најголемата населба од блиската околина, односно, со градот Прилеп, преку кого до манастирот доаѓале и највисоките гости да се поклонат пред светицата, да однесат дарови и сл. Уште повеќе, ако се знае дека во Прилеп свои царски дворци имале повеќе цареви и кралеви и дека во него живееле царски луѓе, аристократи и високодостојници. Некои од култните објекти и симболите, кои денес ги среќаваме во околината на Варош, особено од неговата источна и североисточна страна нè наведуваат релацијата на патот од Прилеп да ја лоцираме тргнувајќи од манастирот „Св. Архангел Михаил“ над денешниот Варош, па по подножјето на Маркови Кули, потоа Зеленик и кон селото Дабница во чиј атар денеска среќаваме значајни партии од овој свет пат. Токму на тој пат ги среќаваме култните објекти во карпи, како што се Светецот, веднаш под манастирот „Св. Архангел Михаил“, Камениот Слон на кој била насликана св. Богородица, потоа патот, веројатно, минувал низ локалитетот „Караташ“ под ридот Зеленик и по подножјето на Зеленик, се до Манастирски Поток во Дабничко, кој се слева откај манастирот „Трескавец“. Потоа патот минувал преку потокот, па вртел по стрмнината кон локалитетот со чешма, Пазоица.
ЧЕШМИ И КУЛТНИ ОБЈЕКТИ ПОСВЕТЕНИ НА БОЖЕСТВА И СВЕТЦИ – ЗАШТИТНИЦИ НА ПАТОТ И ПАТНИЦИТЕ
Главниот пат за свето одочастие минува крај неколку чешми со бистра планинска вода и тоа, веројатно, не е случајно, туку при неговото трасирање во некое далечно време, како и при неговата обнова, особено се водело сметка за тоа, на патот до манстирот, кој е напорен и води низ планински терен, патниците да имаат доволно вода за пиење за да издржат при искачувањето до светилиштето. Најмалку три чешми се наоѓаат крај самиот пат, а во поблиската и подалечната околина има многу повеќе. Една од чешмите се наоѓа на околу 4 km од Прилеп, крај патот за селото Дабница и таа е ниска градба направена од само еден блок од мермер, кој изгледа како „позајмен“ од некоја античка градба во близина, а пред чешмата има едно добро оформено камено корито. Следната чешма се наоѓа на местото „Пазоица“, кое погоре го споменавме. Оваа чешма е висока градба од камен и малтер со бела фасада и две ниши на предната страна, а има и покрив од камени плочи. Пред чешмата има камено корито, од левата страна има наредени поголеми камени блокови за седење и одмор. Следната чешма се наоѓа во близина на манастирот, односно, на околу 500 m пред него, во близина на стариот и напуштен овоштарник, напуштените бавчи и остатоци од стари градби и порта, која водела во некогашен дел од манастирската економија. На ова место, всушност, останале дури две градби од чешми, од кои денес вода тече само од едната, со неколку камени корита пред неа. На двете чешми има натписи со имиња на личности кои ги обновувале. Постарата има натпис датиран во 1802: „Оваа чешма ја направи Димо Мијакоиќ, Илија Чичо, Јоан Бомболоиќ, 1802, месец август“. Текстот е испишан, односно, врежан на почето од еден крст, добро оформен на помала мермерна плоча, која била поставена во камарата. На поновата чешма стои натпис кој потешко се чита (плочата е мошне оштетена) врежан во рамка на мермерна плоча: „Чешмата при бавчата, за спомен и здравје, ја поправија — (нечитлив ред) Ив. — (нечитливо), К. Ацев, септември …“. На овој натпис е тешко да се прочита годината на обновување.
Освен чешмите, крај патот можат да се забележат и траги од други градби, како и објекти со култни обележја кои, секој за себе, заслужуваат посебно внимание. Овде само ќе ги наброиме со краток опис, како објекти кои го обележуваат светиот простор, односно просторот кој и припаѓа на светата планина со врвот Златоврв. Тие објекти расолагаат со симболика од различни периоди, како од христијанскиот, така и од периодот пред христијанството.
Уште на почетокот, на местото каде патот зафаќа по блага стрмнина, односно на местото на кое патот кон Трескавец се доближува до патот за Дабница, на неколку пониски карпи, меѓу двата, се среќаваат разновидни симболи оформени со мали кружни јами и вдлабени рецки (каналести форми). На простор од околу 100 m се среќаваат најмалку три карпи со определена симболика, од кои една од карпи
те со зооморфна форма привлекува посебно внимание.11
При искачувањето по стрмнината, на едно заветно место каде патот прави полукружна кривина, од неговата десна страна се среќава карпа со природна ниша во која е насликана св. Богородица, како заштитничка на патот и на патниците – верници, но и заштитник на светиот простор. Тука просторот се раширува со блага падина, која може да послужи за одмор и оддавање чест на светицата со поклонение, молитва и подароци.
После чешмата „Пазоица“ каде патот продолжува по рамен дел, односно по хоризонтална траса, подѕидан од левата страна, на една карпа од десната страна на патот со рамна површина се среќаваат извесни поголеми издлабени правоаголни и надолжни форми, кои би можеле да бидат и извесни конструктивни форми, но и определена симболика. На околу 200 метри погоре од чешмите кај стариот овоштарник, од левата страна на патот, на една голема карпа со топчеста форма, на дел со форма на тераса се среќава вистинска симболика направена со мали кружни јами, како и со каналести форми (рецки), која, сосема веројатно, имала култни намени во некој од постарите периоди. Случајно или не, во близина на карпата со симболика, од нејзината западна страна се издига една карпа со природна зооморфна форма, која наликува на своевидна сфинга. Од десната страна на патот, високо горе, доминираат две мистични форми, кои наликуваат на желка и лав, кои поради нивната грамадност се забележуваат од голема далечина. Погоре од карпата со симболика, повторно од левата страна, патот минува крај големата некропола „Гумно“ или „Гумење“ која била користена од 4 век п.н.е. до 4 на новата ера.12 Од десната страна, наспроти некрополата, како своевиден чувар на покојниците се издига висок карпест врв со куполеста, дури пирамидална форма. На површината на карпите од овој врв се среќаваат безброј обработени правоаголни и кружни форми како и извесни столбести делови во форма на своевидни жртвеници. Патот пред манастирот минува во амбиент од голем број гробови издлабени во карпа, кои се среќаваат од двете негови страни, од десната страна повторно го красат двете огромни форми на „желката“ и „лавот“, а сосема близу до манастирот, од левата страна, оддалеку се забележува една поголема карпа со ниша во која била изработена фреска посветена на св. Богородица Застапничка, која ја подава левата рака кон небото, а оттаму се појавува надолу подадена рака, која ја симболизира милоста господова и прифатената молитва за благослов на манастирот и на верниците кои доаѓаат во манастирот. За жал, не толку одамна, извесен самоповикан „зограф“ во обид да ја „освежи“ фреската ја уништил со некоја виолетова хемиска боја. Патот продолжува и со остра кривина десно, на педесетина метри, безбедно, низ големата порта на манастирот, ве води во манастирскиот двор. На самата кривина, која поминува на место на кое, веројатно, се наоѓала голема порта за влез во старата тврдина на античката култно-религиска населба Колобаиса, од десната страна, на работ од карпата биле изработени и неколку форми на седишта со широк поглед кон запад и југозапад.
На самиот крај, мораме да констатираме дека овој главен пат на свето одочастие за поклонение пред големата светица – Пресвета Богородица заслужува многу поголемо внимание од науката и институциите за заштита на културното наследство, како и посебно внимание за негово враќање во автентична форма и оспособување за неговата света намена.
1 Светлана Смочиќ Макуљевиќ, Сакрална топографија манастира Трескавца, УДК 7.033.046.3(497.7):271.2-522.7.033, 285 – 287. Alice Mary Talbot, Les saintes Montagnes à Byzance, Le sacré et son inscription dans l’ espace à Byzance et en Occident, sous la direction de Michel Kaplan, Paris, 2001, 263–275.
2 Светлана Смочиќ Макуљевиќ, Сакрална топографија манастира Трескавца, 285 – 287.
3 Бошко Бабиќ, Манастирот Трескавец со црквата Св. Успение Богородичино, ИСК, Прилеп – Склопје 1981. Светлана Смолчиќ – Макуљевиќ, Сакрална топографија манастира Трескавца, 285 – 287.
4 А. Миткоски, Објекти издлабени во карпа од Прилепско, МАА бр. 14, 1996, 137 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација I – археологија, митологија, преданија, Прилепско, ЦПРТВ – Прилеп, Прилеп 2000,
5 Б. Бабиќ, Манастирот Трескавец со црквата Св. Успение Богородичино, ИСК, Прилеп – Скопје, 1981. Сашо Цветкоски, Портрети византијских и српских владара у манастиру Трескавцу (UDK: 75.033.2.045.1:929.731 (497.7 Treskavac). https://www.pelagon.mk/2018/10/20
6 Светлана Смочиќ Макуљевиќ, Сакрална топографија манастира Трескавца.
7 Виктор Лилчиќ, Александар Миткоски, “Баба”– Прилеп, Зборник бр. 1, 1995 г., Музеј на Македонија, Скопје. Јован Ковачевиќ, Бабас, Зборник посветен на Бошко Бабиќ, Прилеп 1986. Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација I – археологија, митологија, преданија, Прилепско, ЦПРТВ – Прилеп, Прилеп 2000.