ЃАВОЛО РОДЕН ОД СЕНКАТА НА ГОСПО

(Од книгата, „Народни умотворби од Пелагонија и Мариово“

Автор: Томе Велјаноски

Подготвил: Тренчо Димитриоски)

          Откако Госпо ги створил сите небески тела, меѓу кој, и земјата, во­дата и тн., една вечер, излегол покрај реката да се прошета на светлината од месечината. Некаква сенка забележал, како човек во мирната вода, во виро во реката и Господ викнал:

          – Кој си ти во мирната вода како сенка?

          Сенката одговорила:

          – Јас сум твојот брат!

          Госпо одговорил:

          – Јас сум сам, немам брат.

          Сенката одговорила:      

          – Да. До сега немаше брат, од сега, наваму, јас сум твој брат и дел барам од тебе! – рекла сенката.

          Кога дошла сенката до Господ, ‘е црна, Господ прашал:

          – Кога си мој брат, зошто си црн?

          – Сум црн затова што се родив, во ноќно време, од твојата сенка.

          Сенката му рекла на Господ:

          – Јас се викам ѓавол. Ноќе се родив и ноќе сакам, повеќе, да рабо­там. Работата ќе ми оди поубаво.

          Господ го прашал:

          – Каков дел ти бараш од мене?

          ѓаволо рекол:

          – Јас сакам да работам со сите грешни работи, лаги, убиства, ара­ми­­лак, неверства, мрза, завид и тн. Исто, ќе барам од тебе да ми ги да­деш, мој да бидат, грешните души на луѓето! – рекол ѓаволо.

          И, така, со делбата меѓу Госпо и ѓаволо, свето го поделиле на два дела. Со осветлената земја преку дено и правдата да управува Господ, до­де­ка со ноќната темнина и сите неправди, лаги, мрза, завид, неверство, да упра­вува ѓаволо. ѓаволо го посакал за да работи ноќе што се родил ноќе, во темно време. Преку дено ќе биди бркан за своите дела, а вака, кога сите спијат, тој ги работи сите неправедни работи и затова сите не­пра­ведни работи се извр­шуват, повеќе, во ноќно време. Денес ѓавол­ски­те работи веќе се извршуват и преку дено. Страмо и страво се преј­дени на ѓаволска страна.

Приказнава ми ‘е кажуваше Котески Илија (1876 – 1972), с. Марул