„ШЕСТАЛАТА“ – РУДНИКОТ ОД КОЈ СЕ ВАДЕЛ И НОСЕЛ КАМЕН ЗА КРАЛСКАТА ГРОБНИЦА НА ПЕЛАГОНЦИТЕ МЕЃУ СЕЛАТА БОНЧЕ И ПОДМОЛ, ПРИЛЕПСКО

Повеќе пати сме пишувале за кралската гробница од локалитетот „Павла Чука“ меѓу селата Бонче и Подмол, но таа крие уште многу тајни и науката до денес не успеала да направи соодветна идентификација на овој исклучителен споменик од културата на Пелагонците. Со најновите археолошки истражувања последниве неколку години на површина излегоа повеќе нови елементи од градбата и нејзината околина, но тие не се доволни за покомплетно и посоодветно карактеризирање на овој објект. Всушност, не сме ни блиску до една од главните информации поврзана со гробницата, односно, можеме само да претпоставуваме за покојникот кој бил погребан во неа. Едно е, речиси, сигурно дека таа била изградена за врвен претставник на античкото општество, веројатно крал.1 Ценејќи дека гробницата се наоѓа во областа Пелагонија, односно, областа која ја населуваат Пелагонците, еден од најстарите етникуми на Балканот можеме да констатираме дека овој објект е културен споменик и културно обележје од највисока вредност на културата на Пелагонците. Всушност, тој е објект од пелагонската култура кој не упатува на постоењето на старото Пелагонско кралство, како и на центарот од кој се раководело, односно, на неговата престолнина. Гробницата  е ретка градба изградена од старите Пелагонци за некој свој врвен член, веројатно крал.

Кралската гробница од локалитетот „Павла Чука“

            Едно од сознанијата кое излезе на видело со ископувањето од последниве години е кружниот прстен од големи камени блокови со кој била обиколена погребната градба, како и големиот број погребувања околу гробницата од подоцнежните периоди. Всушност, овој кралски погребен објект долго време имал особено значење, како своевиден култен објект за кој подоцнежните жители од овој дел на Пелагонија сметале дека е предност доколку ги положат телата на своите покојници во негова близина. Гробовите кои ги откриваат археолозите последниве години се од типот циста и, знаејќи го фактот дека при секое ново ископување околу гробницата, особено од нејзината источна и југоисточна страна, на површина се појавуваат се нови и нови такви погребни објекти, може да се претпостави дека околу кралската гробница има цела некропола, резултат од погребување во текот на повеќе векови по нејзината изградба.

ПОТЕКЛОТО НА КАМЕНОТ ЗА ГРАДБА НА КРАЛСКАТА ГРОБНИЦА

            Со најновите истражувања на гробницата се добија и сознанија за самата погребна просторија на кралската гробница, односно комората која, за разлика од другиот дел на градбата, била изградена од големи камени блокови од бигорен камен. Од каде бил донесен бигорниот камен може само да се претпоставува. Би можел да биде по потекло од областа Мариово, некаде од околината на селото Манастир или од областа Прекурид, одо околината на селото Тројаци или некое друго село во оваа област. Исто така, со ископувањата е констатирано и присуство на голем број тегули, кои упатуваат на нивно учество во првобитната форма на градбата. На некои од тегулите или на керамички фрагменти со слична дебелина констатиравме и траги од своевидно украсување што не наведе на оправданото размислување дека при истражувањето треба да се има предвид евентуалното украсување на внатрешните ѕидови или таванските површини на гробницата.2

Еден од постарите копови

            Кога се работи за каменот за градба на кралската гробница меѓу селата Бонче и Подмол може да се каже дека тој бил носен од извесно подалечно место од околината на селото Бонче. Со оглед на фактот дека се работи за камени блокови тешки и по неколку тона мора да се констатира дека нивниот транспорт не бил лесен и бил особено комплициран. Од каде бил донесен каменот за градба на гробницата?

Разновидни бои на профилите по засечените карпи

            На ридот од северната страна на селото Бонче, на локалитетот познат како „Шесталата“ се наоѓа камен со слична структура како оној што е вграден во гробницата и, речиси, е сигурно дека се работи за рудник на камен од кој се изработени и камените блокови за гробницата. На теренот на овој локалитет можат да се констатираат десетици помали и поголеми копови од кој во поновите векови, сѐ до првата половина на дваесеттиот век се вадел камен за израбока на воденички камења. Споредувајќи ја структурата и бојата на каменот од рудникот од локалитетот „Шесталата“ и на блковите од кралската гробница од локалитетот „Павла Чука“, речиси со сигурност може да се констатира дека се работи за ист материјал. Растојанието меѓу двата локалитети е од 4 до 5 километри, што значи дека толку требало да се помине при транспортот на големите камени блокови од рудникот до местото на изградба на гробницата во четвртиот век пред нашата ера. Како ги пренесувале повеќетонските камени блокови старите жители на овој простор, односно градителите на гробницата тешко е да се каже, но може да се претпостави дека тоа било правено со запреги кои ги влечел добиток, веројатно биволи или волови. Со оглед на специфичниот материјал и неговата тежина, зпрегите морале да бидат од цврста конструкција за да го издржат товарот. Се разбира, извесна техника била користена и во самата изградба, односно, при монтирањето на камените блокови во градбата и оформувањето на специфичните полукружни форми. До денес не е познато, односно, не е утврдено дали и покривот на комората, кој веројатно бил во форма на купола, бил оформен од камени блокови или имал конструкција од друг материјал. При откривањето на градбата, односно, барем од времето кога таа е позната за нас, овој дел од градбата отсуствува. Извесни информации за овој дел од гробницата ќе можат да се добијат од нејзиното целосно откривање, односно, отстранување на дебелиот земјен насип со кој била „маскирана“ целата градба.

Сводестиот дромос на гробницата

РУДНИКОТ „ШЕСТАЛАТА“ СОДРЖИ КАМЕН СО ОСОБЕН КАВАЛИТЕТ И БИЛ ЕКСПЛОАТИРАН ИСКЛУЧИТЕЛНО ДОЛГО ВРЕМЕ

            Локалитетот „Шесталата“ е во непосредна близина на селото Бонче и коповите на камен започнувале уште од нискиот дел, во близина на манастирот „Св. Јован“, па продолжувале нагоре по ридот, по неговиот срт и на западните и источнита падини. Најголема експлоатација се забележува, токму од коповите по неговиот срт, а експлоатација имало и на повеќе од еден километар одејќи по ридот, северзападно од селото. Во централниот дел на локалитетот, оној со најголеми копови се забележуваат и остатоци од извесни градби, веројатно за престој на мајсторите и работниците во некој период од експлоатацијата. Тоа покажува дека овој рудник за камен бил активно и интезнзивно експлоатиран и од  него биле изнесени големи количества камен. И според преданието кај жителите на селото Бонче, каменоломот потекнува од старите периоди, „римско време“. Според нив, воденички камења од рудниците во селото Бонче биле продавани низ целиот Балкан, дури до Босна. На локалитетот на кој е расположен рудникот се среќаваат и остатоци од керамички садови, кои можат да бидат своевиден документ за времето во кое се случувала експлоатацијата. Денешните жители на селото Бонче, речиси, не се сеќаваат кога прекинала експлоатацијата на рудникот, односно изработката на воденички камења, што упатува на тоа дека со развојот на технологијата во мелничката индустрија каменот од овој рудник излегол од употреба во малку подалечно време од еден човечки век, иако до пред седумдесетина години, веројатно, имало изработка на вакви објекти.

Коп со профил од засечена карпа

            Доколку се проследи теренот на локалитетот од рудникот, може да се констатира дека изработените објекти биле транспортирани по пат кој минувал под самиот рид, кој продолжувал во правецот на исток и минувал низ долниот дел од селото вртејќи кон југозапад. Веројатно едека по сличен пат биле транспортирани и камените блокови за гробницата од локалитетот „Павла Чука“, кој е расположен на 4-5 km јужно од Бонче. Дел од патот на самиот локалитет со рудникот може да се забележи и денес во пониските делови на ридот, каде се среќаваат партии од неговата траса подѕидани со ѕид од камен. Анализата на коповите во рудникот, начинот на експлоатација, како и орудијата кои биле користени притоа, може да доведе до голем број сознанија, како за рудникот, така и за периодот во кој бил активен. Освен традицијата на експлоатација, особено внимание заслужува и вештината при нејзината изведба, како и вештината на обработка на камените блокови и изградбата на кралската гробница. Сето ова упатува на малите сознанија со кои располагаме до денес за се што е поврзано со материјалната култура на овој простор, особено со кралската гробница од „Павла Чука“.

 

1 Тренчо Димитриоски, Траги од пелагонски кралеви, https://www.pelagon.mk/2018/05/06/

2 Тренчо Димитриоски, Траги од украсување во кралската гробница меѓу селата Бонче и Подмол, Прилепско?, https://www.pelagon.mk/2018/05/06/