КАКВА НАЦИОНАЛНА ОПРЕДЕЛБА ИМАЛ ЛЕГЕНДАРНИОТ ВОЈВОДА ОД СЕЛОТО КРУШЕВИЦА, МАРИОВО, СТОЈАН КУЛИЌОВ, ПОЗНАТ КАКО ТОЛЕ ПАША
(По повод поставувањето на спомен-обележје на местото на поранешниот гроб на војводата Толе Паша и неговиот син Велјан кај селото Гудјаково, Прилепско)
Денес, кога човештвото се смета себе си за многу напредно, кога наголемо се пропагира демократија, слобода на изразување, слобода на личен став и слободна мисла, кога зад себе има еден куп декларации, резолуции и многу други документи за заштита на личните права и слободи, за заштита на националната определба и идентитет, политиката која се спроведува во однос на Македонија, особено во однос на Македонците, е бизарна. Просто да се замили човек, како е воопшто можно да се води ваква политика, да се употребува ваква реторика, да се негира чувството, мислата и личната определба, да се негираат елементарните идентитетски, национални и човечки права, елементарните вредности на кои опстојува човештвото и светот!!! Зарем толкава моќ има во еден народ како што е македонскиот, па добар дел од светот, речиси се здружил да го убеди да се откаже од себе и од своите вековни вредности, од вредностите кои макотрпно ги создавал низ вековите и милениумите и им ги подарил на човештвото?!! Заслужува ли, било кој народ во светот такво понижување?
Пред извесно време беше проблем „загрозената“ положба на Грција, денес „хистеричниот“ страв од „кражба“ на „основните“ вредности на Бугарија, од нас, од Македонците, па за да се „спасат“ овие две, денес, европски држави, со „европски“ стандарди и „европски“ културни вредности и самата Европа, односно, нејзините највиоски тела, „мораат“ да учествуваат со совет, сугестија или авторитет во ваквата бизарна политика. Како, ние, Македонците да сме сосема изгубени суштества и не знаеме кој ни е татко, кој ни бил дедо и баба, како се викаме, како се чувствуваме, па сѐ што мислиме, сѐ што ќе кажеме е само наша залудна желба, па мора да ни кажат извесни соседи, извесни моќни европски или светски сили, и сето тоа „добронамерно“ со желба да ни „помогнат“ да се „пронајдеме“ себе си?!!
Колку за потврда дека сосема е поинаку и сосема добро сме знаеле што сме и кои сме и дека немаме дилема за нашиот идентитет, овде ќе го споменеме примерот со еден самороден, во ропство роден и пораснат војвода, кој израснал до легенда на отпорот и борбата за слобода, па успеал и да се произнесе дека знаел за кого и за што се бори, за која земја и за кој народ. Па, така, кога дошол во допир со истакнати лица на Македонската револуционерна организација, односно со Околискиот војвода Петре Ацев, кој требало да го ликвидира овој „самоволник“ по налог на Орагнизацијата, се случил еден трогателен настан, полн со чувства – искрени, човечки. Кога легендарниот војвода му се обратил на Петре Ацев со зборовите, „Еве ти ја пушката војводо, тебе ти ја давам, па ако сум за отепување, отепајте ме, јас како што знам се борам за Македонија“, Ацев, речиси низ солзи, му ја вратил пушката потврдувајќи му дека само тој, легендарниот Толе Паша е достоен да ја носи и Толе Паша бил назначен за војвода во областа Мариово.
Повеќе години пред овој настан, кој се случил пролетта 1903 година, Толе Паша престојувал и во Бугарија, во Софија и на други места, но од причини, кои за нас не се доволно јасни, тој вторпат не сакал да оди во таа земја, па по Илинденското востание, кога со четата бил изложен на голем број потери и, речиси, знаел дека му се ближи крајот, овој легендарен тврдокорник не сакал да бега и да се заштити во Бугарија. Така и било, како што, всушност, и претчувствувал,само неколку месеци по востанието, опкружен од триилјаден аскер со неговата чета во селото Гудјаково, Прилепско, загинал заедно со своите комити од кои еден бил неговиот син Велјан. Што го спречило овој самороден борец за слобода да остане во Македонија и во услови кога знаел дека ќе загине? Зошто не заминал во Бугарија, па да се спаси? Знаел ли тој нешто што ние не знаеме?
Многу подоцна, во 1999 година, со стручна логистика и законска подршка од Заводот и Музеј од Прилеп, како и стручно лице за антропологија од Музејот на Македонија (д-р Фаница Велјановска – антрополог) останките на војводата Толе Паша ги пронајдовме во гроб покрај Кленски Дол, кој од превојот Клен се спушта кон селото Гудјаково, во близина на едно огромно стебло – бука кое, веројатно, било сведок на тој трагичен настан, зашто некои од современиците и местото на кое биле погребани таткото и синот го нарекуваат Сама Бука.
И тогаш, 1999 година, се соочивме со несекојдневна торгателност, со трогателна слика во гробната јама на војводата, односно,ги пронајдовме прегрнати во гробот, синот во прегратката на таткото, редок, па можеби и единствен пример, но и доказ за вистинска жртва за слободата, за борбата против ропскиот однос и непокорноста во желбата за ослободување на Македонија, за чие негирање и бришење како идентитет, денес, се употребува толку енергија, сила, авторитет и политичка моќ.
Подоцна, таткото и синот, односно, нивните останки ги пренесовме и положивме во гроб во рамките на семејните гробишта на нивното семејство во селото Крушевица.
Денес на местото на битката и на местото каде се наоѓа останките на војводата и неговиот син крај Кленски Дол, во местото Сама Бука, има посебно обележје за да не се заборави настанот и личностите, кои паднаа како жртви за најскапоценото на еден народ и еден човек – слободата и правото на слободен живот со сите негови вредности и аспекти. Последното обележје, кое беше поставено само пред неколку дена на ова место еплоча с натпис посветен на војводата Толе Паша и на големата битка од 3 февруари 1904 година. Плочата пред повеќе години беше подготвена од страна на Планинарското друштво „Јане Сандански“ од Прилеп и до скоро чекаше да биде поставена на планираното место. Во реализацијата на спомен-обележјето, односно, транспортот и монтирањето, кое беше во организација на ПД „Јане Сандански“ помогнаа Димче Цветкоски од Битола, Никола Митковски од Прилеп и Стојан Митрески, сточар кој и денес се наоѓа во атарот на своето испустено село Гудјаково.