БИЗАРНА ПОЛИТИКА И БИЗАРНИ ПОЛИТИЧАРИ – ЗА СРАМОТ И ДОСТОИНСТВОТО
Недостоинствена е бугарската политика кон Македонија! Срамна е македонската политика со Бугарија и Грција! – Бизарна е политиката на соседните држави и на Европа во однос на Македонија.
Да стоиш пред некого и да го убедуваш дека не постои – ете тоа е односот на бугарската политика кон Македонија и Македонците. Ако си слеп, а слушаш, сепак ќе разбереш дека првенците на бугарската политика се „тврдокорни“ борци за „непостоењето“ на македонско потекло, македонска нација, македонски идентитет, македонски јазик, македонска историја и македонска култура. Толку јасно и толку дрско, речиси, хистерично го повторуваат повеќе политички грла од бугарската политика, историја и култура. Тоа, онака, лежерно, смешно-површно го пренесуваат и „мудри“ бугарски политичари и „врли“ бугарски историчари, секогаш штедри во давањето совети како, ние, Македонците да го надминеме „седумдесетгодишниот комунистички сон“ и да се вратиме за толку години назад – замислете, нѐ убедуваат да се вратиме седумдесет години назад во нашата свест (можеби 79!), да го избришеме од нашите глави периодот на комунизмот, кој бил голема заблуда за нас Македонците, зашто бил само македонски сон, и да се вратиме во тоа време, на забрефтаната фашистичка идеја за чисти раси (1941 – 1945), за уништување на нечистите раси, за канц-логори и крематориуми – тоа ли е она што треба да го прифатиме како основа за нашето постоење, како идеологија на нашиот опстој? Каква бизарност, бизарна политика и бизарна свест – од бизарни политичари и бизарни квази-научници!!!
ОМРАЗА
Наводно, целата наша заблуда се засновала на омразата која ние, Македонците, сме ја имале во себе кон Бугарите!!!?? Ова, сметам, е најголема бизарна мисла искажана од било кого во Бугарија или, каде било на Балканот, во Европа или во светот. Каква омраза, бре, какви црни мисли!!? Ниту имало, ниту ќе има омраза на Македонците кон Бугарите. Од каде ви е тој заклучок, со кој ум и со какви аргументи изнесувате вакви заблуди? Па, добар дел од нашите роднини се ваши државјани и сограѓани, ние и денес контактираме со нив, соработуваме како што сме го правеле тоа години, децении и векови наназад. Сакате ли да создадете омраза, која никогаш ја немало? Е, тоа не ќе можете, сигурен сум дека толку не се луди, ниту Македонците, ниту Бугарите. Бизарната политика, која ја водите, Вие, бугарските политичари и бизарната политика на македонските политичари – е, тоа е Ваша работа, како и работа на Вашите македонски колеги, кои не ги признавате за Македонци, а самите се однесуваат како да се глуви и слепи на Вашите „добронамерни“ совети како да се произнесуваат, па тврдат дека сте биле пријатели и сл. Каква бизарност! Пријатели се, секако, Македонците и Бугарите уште од далечни времиња и тоа тие добро го знаат, знаат да го почитуваат и практикуваат, па сосема е банално и патетично Вашето тврдење за постоење на некаква омраза и сл. Полемики постоеле и ќе постојат, но во минатото тие, навистина, биле многу повистински, пообјективни и подостоинствени, изнесување на различни ставови, укажување на меѓусебните заблуди и на различните интереси – ваква бизарност, сметам, немало до денес. Да убедуваш некого дека самиот тој не знае кој е, не знае што е, не знае од каде е – едноставно е празнина, без содржина и суштина. Е, тоа, сметам дека ќе остане разговор меѓу „глуви и слепи“ -меѓу вас бизарните политичари од Бугарија и Македонија.
ЗА ИДЕНТИТЕТИТЕ
Иако станува банално да се расправа за било чиј идентитет, сепак ќе Ви препорачам да ги отворите старите автори и старите книги, па малку попродлабочено да прочитате и, верувам дека ќе бидете просветлени.
Мекедонци се споменуваат во делата нај најстарите автори од Балканот. Бугари се споменуваат од седмиот век на нашата ера. Тоа е! Македонци споменува Херодот, Тукидит, Диодор, Теопомп, Паусанија, Плутарх, Аријан, Апијан, Полибиј, Ливиј, Руф, Јустин, многу автори после нив, се споменуваат во многу меѓудржавни документи. Бугари на Балканот, за име на вистината, се споменуваат најмалки 1500 години подоцна од првото споменување на Македонци – тоа е факт и за историчарите, и за политичарите, иако во денешните ријателски разговори тоа, како да не важи ниту за едните, ниту за другите. Се расправа за нешто што е сосема јасно, јасно како денот при чисто небо, како ден со сонце по дожд. Па, еве, дури и во едно календарче за христијанските празници од 19 век ќе забележите дека во тоа време се знаело кој се Бугари, а кои други. Еве, овде само тоа ќе го цитирам. Во едно календарче за 1884 година, во делот насловен како Хронологија е запишано:
Од создавањето на светот …………….. 7392 (год,)
Од раѓањето на спасителот …………… 1884 (год.)
Од покрстувањето на тракиските и македонските словени …. 1577 (год.)
Од покрстувањето на Бугарите…………………………………………… 1023 (год.) и тн.
Сега, што да кажеме? Да зборуваме ли за нашата „заблуда“ и за враќањето на нашата вистина од времето на фашизмот? Верувам дека бизарноста во која не завлекувате, Вие бугарските политичари и нашите македонски (!!???) политичари ќе заврши еден ден како своевиден лош сон. И за нас, Македонците, но и за нашите пријатели, Бугарите. Тоа ќе биде лошиот сон и фијаското на бизарните политичари и бизарната политика – бугарската, македонската, европската и светската. Зашто во оваа бизарност од непризнавање, непочитување и понижување на оној од спротива дебело се замешани и моќни полтичари од „демократска“ Европа и поширокиот свет. За жал на општото човештво, кое се надева на слобода, демократија, слобода на мисла и слободно произнесување, на лични права и слободи, на слобода на самоизјаснување и самоидентификување.
ЗА ДОСТОИНСТВОТО, ПОНИЖУВАЊЕТО И СРАМОТ
Срамота е непочитувањето на другиот, на оној спроти тебе, недостоинствено е да го убедуваш другиот спроти тебе дека е она за што го сметаш ти, самиот. Недостоинствено е да водиш разговор на таа основа, особено да водиш таков политички разговор, пред целата светска јавност. Освен тоа, особено е понижувачки да негираш име, идентитет, лични вредности на сопствен пријател. Уште поголемо понижување е да негираш идентитет и национални вреднсоти на цел еден народ, како што тоа му се случува денес на македонскиот народ пред очите на целата балканска, европска и светска „демократстка“ јавност. Згора на тоа да го убедуваш дека тоа го правиш од пријателски побуди, „добронамерно“. Тоа не може да се нарече ниту ароганција, зашто носи поинаква суштина.
НЕДОСТОИНСТВЕНА И ПОНИЖУВАЧКА Е ПОЛИТИКАТА НА БУГАРСКИТЕ ПОЛИТИЧАРИ КОН МАКЕДОНИЈА И МАКЕДОНЦИТЕ!
Голема срамота е да прифатиш таков разговор и таква политика за себе. Некои македонски политичари изгледа го прифатија тоа, но тоа не значи дека го прифатил македонскиот народ. Секако дека никогаш и нема да го прифати. Верувам дека срамот е чувар на моралот и дека не се изгубил сосема. Ниту, овде, на Балканот, ниту во Европа, ниту во светот. Зашто тоа ќе значи дека и моралот на човештвото отишол во неповрат. Иако во некои јавни настапи, особено, во политичката јавност, неговото присуство е незабележливо. Сосема го нема. Ова, особено, важи за некои македонски политичари, кои водат самопонижувачки но и понижувачки разговори за народот во чие име настапуваат.
НЕДОСТОИНСТВЕНА И СРАМНА Е МАКЕДОНСКАТА ПОЛИТИКА СО ГРЦИЈА И БУГАРИЈА!