МАЧЕНИШТВО, МАЧЕНИЦИ – МАРТИРИ И МАРТИРИУМИ ВО МАКЕДОНИЈА ОД ПРВИТЕ ВЕКОВИ НА ХРИСТИЈАНСТВОТО

Македонија зафаќа стратешка географска положба меѓу истокот и западот. Преку неа се движеле племињата при преселбите од исток кон запад и обратно во старите периоди. Се движат луѓе, трговски стоки, идеи и култура во двата правци. Фактот што во неа многу рано се развила и силна култура ја прави уште позначајна за размена на културните вредности и ширење на напредните идеи меѓу човештвото. Тоа се случило уште во времето на големите движења на племињата од истокот кон Балканот и Европа и обратно – од западот и северот, кон истокот, преку Мала Азија до Индија. Тоа македонскиот простор го прави особено значаен во светски рамки. Како врска меѓу два дела од светот. Како раскрсница на движење на народите, културите и идеите. Како јазол во кој се испреплетени патеките на развојот на човештвото од самиот негов почеток – од длабокото предисториско и митолошко време, до денес.

Распетието Христово

Христијанската вера и Христовото учење е само уште еден пример кој го потврдува гореизнесеното. Оваа нова и спасителна идеја и вера, исто така, го зацврстува „јазолот“ на културниот и идеолошкиот развој на човештвото. Патот на христијанството е истиот по кој се одвивале физичките, културните и духовните движења во претходните периоди. Доаѓа од исток со апостолите, чија задача е ширење на спасителната христијанска идеја.1

Фактот на доаѓањето на Апостол Павле на европска почва преку Македонија, како и тоа дека неговиот прв контакт во Европа бил со Македонец, по што следуваат низа настани поврзани со развојот на христијанското учење на македонска почва, ќе биде предмет на разгледување, на анализа и проучување додека постои човештвото. И тоа, од повеќе аспекти: историски, теолошки, социолошки, културолошки, антрополошки. За нас, овде, е интересен фактот што Апостолот во Македонија дошол од земја, која долго време била во рамките на кралство раководено од македонски кралеви, па оттука и заклучокот дека тој имал контакти со Македонци уште во својата родна земја. Имено, логично е да се заклучи дека по завладувањето на блискиот исток од страна на Македонците со кралот Александар Македонски, како и формирањето на голем број градови во тие места, кои станале големи градски центри, во нив да се насели и добар дела од тогашната македонска аристократија, особено семејствата на генералите и другите високи воени лица кои учествувале во самото завладување на териториите. Просторот од кој потекнува Апостол Павле по смртта на Александар Македонски припаднал во кралството кое го формирал еден од генералите на Филип и Александар, Селеук I Никатор (Победникот).2 Овој факт предизвикува на размислување и анализа на тоа време, односно времето на Апостол Павле и демографскиот состав на населението во просторот во кој живеел. Тоа, е веќе времето на Римската империја и империјата Селеукија, која ја формирал Селевк I Победникот, кој потекнувал од Горна Македонија, веќе не постои, но нејзиното долговековно опстојување сигурно извршило значително влијание на демографијата на тој простор. Тргнувајќи од овој факт можеме да претпоставиме дека Апостол Павле, сосема веројатно, имал контакт со Македонци уште во својот роден крај, а секако бил запознат со владењето на македонската лоза Селевкиди и нивната империја, која владеела со поголем дел од империјата формирана од Александар Македонски и опстанала неколку века, односно, од 312 до 64 година пред нашата ера. Значи, видението на Апостол Павле во кое кај него дошол човек Македонец и побарал тој да дојде во Македонија има своја предисторија за која треба посебно истражување. Од тој аспект и видението на Апостол Павле, односно, неговиот контакт со „човек Македонец“ може и поинаку да се толкува и истражува.3

Неколку светители – маченици од црквата во манастирот кај селото Сливница, Ресенско

Друг момент во врска со христијанизацијата на Македонија во почетокот на христијанството и неговото ширење во останатиот дел од Европа и светот, за нас, има и едно друго објаснување. Тоа е фактот на долговековното опстојување на Македонската империја и Македонското кралство и долговековниот развој на културата во просторот со кој владееле Македонците. Тоа значи дека таквиот културен развој довел до соодветно интелектуално ниво, кое било основа за прифаќање на новата религиска идеја, која била напредна и била решение за духовната криза, која го зафатила просторот со кој владеела Римската империја. Значи ли тоа дека Македонците во времето на појавата на христијанството биле на соодветно културно и духовно ниво за да ја прифатат христијанската мисла во чија основа е љубовта, моралот и верувањето во единствениот Бог?

РАЗВОЈОТ НА ХРИСТИЈАНСТВОТО ВО МАКЕДОНИЈА И ПРОГОНОТ НА ХРИСТИЈАНИТЕ

По формирањето на првите христијански заедници во Филипи, Солун (Тесалоника), Бероја и другите градови и места во Македонија христијанството забрзано почнало да се шири и да се развива во широко прифатена вера со организирана и институционализирана форма.  Тоа, сепак, не одело лесно зашто имало голем отпор кај актуелната власт и биле вршени немилосрдни прогонувања на верниците. Тие, особено се засилиле по 64 година, по големиот пожар во Рим, кога изгорел голем дел од стариот град на просторот на Палатин и Авентин со мали и трошни куќи во кои живееле сиромашните.4 За пожарот биле обвинети христијаните и против нив започнале сурови и крвави прогони. Прогоните траеле сè до 313 година, кога е донесен едиктот во Милано од страна на царот Константин Велики, а продолжиле и до 381 година до соборот во Константинопол. Меѓу првите жртви биле и апостолите св. Петар и св. Павле, кои загинале со маченичка смрт. Св. Петар бил закопан во Ватикан, а св. Павле на Остискиот пат, надвор од ѕидините на Рим.5 Всушност, според текстовите од евангелијата, проповедниците на христијанството, особено споменатите апостоли, трпеле бројни тортури и за време на своите мисии за ширење на Христовото учење. Тие често биле обвинувани, затворани и тепани од страна на властите, особено, поради кодошење од нивните противници.6 Во неколкуте векови на прогон настрадале голем број христијански сподвижници, кои биле особено почитувани од страна на христијанските верници. Поради нивната маченичка смрт и непоколебливоста во ширењето на верата, овие христијански сподвижници биле посебно славени. Биле погребувани на видни места, често во центарот на тогашните пагански гробишта, а околу нивните гробови се појавувале и дополнителни градби, кои служеле за христијанските обреди во чест на покојниците – маченици.7

МАЧЕНИШТВОТО И МАЧЕНИЦИТЕ – ТЕМЕЛ НА ХРИСТИЈАНСКАТА ВЕРА

Со оглед на фактот што Македонија е првата земја во која се развило христијанството во Европа, која била посетувана од мисионерите – апостоли, како што е Апостол Павле, како и евангелистите Матеј и Лука, културните траги од прогоните на христијаните се присутни на многу места, не само во големите градови како што се Солун (Тесалоника), Филипи, Стоби, Скупи, Хераклеја, Тивериопол, туку и во помали градови и населени места. Овде, најпрво ќе наведеме дека со археолошките истражувања на една од некрополите во Стоби – западната, констатирано е дека таа била користена континуирано во подолг период, почнувајќи од паганството (II-Iвек пред н. е.), продолжувајќи и во раното христијанство. Имено, овде се констатирани првите христијански погребувања, како и првите надградби – мемории. На гробовите од првите маченици започнале и првите христијански градби како капели, мемории или крипти реликвијари. Всушност, ваквите објекти се претходници на христијанските храмови, наречени ecclesia,8 кои ќе се појават наскоро, и тоа, токму на места каде што биле погребани христијански маченици.

Аристарх од Солун

Во Стоби се констатирани и други места со погребување или мошти на маченици. Особено треба да се споменат двете поголеми цркви

Може да се каже дека низ целата македонска почва се наоѓаат такви „корени“ на христијанската вера. Тие се „Корени“, од мошти или делови од мошти на маченици за христијанството или „темел“ на христијанската религија. Почитувањето на настраданите за верата е во самата основа на христијанството на овој простор. Всушност, таа е традиција, која се развила на поширокиот простор во кој стигнала христијанската вера, особено, во  Африка, Азија, Европа и била востановена институција мачеништво.7 Всушност, се развил култ кон мачениците (мартирите) – христијани настрадани за христијанската вера – такви кои, ни под страшни измачувања поради својата вера, не потклекнале и, со тоа, уште повеќе ја зајакнале верата и придонесле за нејзиното ширење. Тие се вистинскиот „темел“ на идните христијански храмови, а таа традиција е жива до денес. Мошти на такви маченици и денес се наоѓаат и се поставуваат во темелите или во олтарите на христијанските храмови.

ПОКОЈНИЦИ ОД ПРВИТЕ ВЕКОВИ НА ХРИСТИЈАНСТВОТО НА ГРОБНИ МЕСТА ОД ПРАИСТОРИЈАТА

На почетоците на христијанството во Македонија, но и на милениумскиот културен континуитет, упатуваат и некои археолошки објекти од погребен карактер, кои се археолошки истражени. Според нас интересни се извесни податоци добиени со археолошко истражување во областа Мариово. Имено, според сознанијата, во првите векови на развој и ширење на христијанството, покојниците христијани, особено оние кои починале во маченички услови или со насилна смрт, биле погребувани во центарот на старите пагански гробишта. Такви пагански гробишта, особено, претставуваат посебните могили познати како тумули, чие потекло се поврзува со железното, па и пораното бронзено време. Токму, на такви тумули од селата Крушевица и Вепрчани во Мариово, Прилепско се констатирани и погребувања во првите векови на новата ера, односно во времето на почетното ширење на христијанството. Особено е интересен еден тумул од атарот на селото Крушевица на локалитетот „Страгата“ во кој се констатирани археолошки остатоци од подлабоката праисторија, погребувања во гробови од типот циста од железното време, но и од неколку следни периоди, како и христијански погребувања, сè до средниот век.9 Во близина на локалитетот има и остатоци од населба со културни остатоци од раното христијанство и средниот век и, речиси, е сигурно дека погребувањата во периодот на христијанството потекнуваат токму од неа. Малку подалеку е манастирот „Св. Недела“ каде се констатирани остатоци од црква од раното христијанство.10 Сите овие содржини упатуваат на тоа дека на овој простор имало нагласено присуство на христијанска култура и на можноста од извесен локален христијански сподвижник или, христијански маченик, чие име не се зачувало. Од друга страна, фактот на постоење на гробни места и објекти со погребување од праисторија, а се користеле и во многу подоцнежниот христијански период упатува на однос на почитување на претците, односно, на континуирана култура со милениумски континуитет.

Маченикот Акила –
Грачаница, Косово

Слична културна слика се покажа и во тумулот на локалитетот „Сламите“ кај селото Вепрчани, Прилепско. Во непосредната околина на тумулот се покажаа погребувања од бронзеното време, а во внатрешниот дел – просторот на тумулот заграден со кружен камен ѕид, освен праисториски гробови, пронајдени се и гробови со покојници од рисмкиот период и доцната антика. Во негова близина, на локалитетот „Селиште“, има и остатоци од населба со датирање во римскиот период и доцната антика, што значи дека и покојниците од тој период на споменатиот тумул биле нејзини жители.

МАКЕДОНИЈА, ЗЕМЈА НА МАЧЕНИЦИ ЗА ХРИСТИЈАНСТВОТО

Македонија е преполна со места, разновидни христијански објекти и цркви во чија основа се вградени мошти на христијански сподвижници – маченици, кои настрадале пропагирајќи ја христијанската вера. За некои од нив имаме записи и документи, за други дознаваме од археолошките остатоци и археолошките истражувања. Посебни се сознанијата за поголемите градови од првите векови на новата ера во кои се развиле силни христијански заедници и христијански објекти и храмови кои, главно, биле изградени на места на кои биле погребани истакнати христијански сподвижници и маченици, кои пострадале во својата истрајност и непоколебливост во христијанската вера. Тие се и идните центри на христијанската религија – викаријати (Тесалоника – Солун), епископати (Скупи – Скопје, Стоби, Хераклеја – Битола, Тивериопол – Струмица и др.) или архиепископии (Лихнид – Охрид). Сите тие се развиле на местата на погребувањето на маченици, кои се познати како мартири, на чии гробни места се развиле посебни христијански објекти, мартириуми. Тие постепено биле надградувани и доградувани и прераснале во помали или поголеми цркви со мартириуми, како архиепископски или епископски седишта или слични христијански центри.

Мартири (маченици) се споменуваат во повеќе извори, а најмногу информации добиваме од авторите кои пишувале за христијанството и неговиот развој, како и за христијанските маченици и востановената институција мачеништво, во првите векови од неговото појавување, како Евсевиј (Евзебиј), Тертулијан, Јустин и Ориген.11 Голем број маченици-поединци и групи маченици се прифатени како култови во целото христијанство и се почитуваат до денес меѓу христијаните од целиот свет, а од записите кај определени автори ги знаеме нивните имиња и животниот пат. За прв маченик во христијанската вера е прогласен архиѓакон Стефан, еден од седумте ѓакони кои биле избрани по формирањето на христијанската заедница во Ерусалим. Тој прв настрадал за верата и затоа е наречен првомаченик. Наговиот живот завршил со каменување откако бил наклеветен од неговите противници дека хули на Бога и на Мојсеевиот закон. Всушност и самата христијанска вера започнува со мачеништвото на самиот Бог Исус Христос, кој бил распнат на крст. Оттогаш, сите кои во својата непоколебливост во ширењето на Христовото учење завршиле со маченичка смрт, всушност, се поистоветуваат со чинот на божјиот син, односно, нивното дело значи единство со бог.

МАРТИРИ И МАРТИРИУМИ ВО МАКЕДОНИЈА

            Култот на мачеништвото, односно, култот кон мачениците во Македонија е присутен, речиси, од самиот почеток на христијанството, преку доаѓањето на Апостол Павле во Македонија и проповедањето на христијанската вера од самиот апостол и од неговите соработници. Маченички завршиле и голем број од соработниците на Апостол Павле, а меѓу нив имало и Македонци по потекло. Еден од нив бил и Аристарх од Солун, кој станал дел од мисијата на Апостол Павле, бил голем проповедник на христијанската вера и епископ на Апамеја.12 Всушност, Аристарх е сметан за еден од седумдесетте апостоли на христијанството, кој бил затворен во Рим заедно со Апостол Павле и настрадал по смртта на апостолот, заедно со уште двајца други маченици, Пуд и Трофим.13 Тоа се случило за време на императорот Нерон. Од тоа време, односно од времето на првите векови на христијанството потекнуваат голем број маченици кон кои се развиле силни култови. Во Македонија нагласено се почитувале и во нивно име се изградиле христијански храмови за св. Еразмо, Четириесет маченици од Севастија, 15 Тивериополски или Струмички маченици и голем број други, познати и непознати сподвижници во христијанската вера. На тоа укажуваат старите цркви низ Македонија кои биле изградени на мошти од маченици, со посебни објекти во нив во кои се чувале моштите, наречени мартириуми. Такви цркви се среќаваат во поголемите антички градови, како Филипи, Солун, Стоби, Скупи, Хераклеја, Тивериопол (Струмица), Бероја и други градови низ Македонија.14

Основа со вдлабен крст од „Чебрен“ – депо за реликвии или крипта

            Од археологијата и пронајдените археолошки објекти и други археолошки остатоци дознаваме за раниот развој на христијанството, односно на христијанската вера, христијанската култура, архитектура и сликарство на голем број места. Христијанските објекти од почетните векови, речиси, секогаш биле подигнувани на места на кои биле погребани или места каде настрадале христијански маченици, па затоа во таквите храмови се среќаваат и мартириуми, па и мошти од маченици. Поради тоа може да се смета дека повеќето ранохристијански цркви имале такви „корени“ на христијанско сподвижништво, односно поседувале мошти или делови од мошти на маченици. Извесни објекти во камен со христијанска симболика јасно упатуваат на присуството на маченици со потекло од самото место или донесени од дргуги делови од светот.

            На некои места, археолошки локалитети со значајни остатоци од стари населби, особено оние кои поседуваат и култура од доцната антика, има видливи остатоци од христијански објекти, кои упатуваат на времето на маченичкиот период, односно на првите векови на христијанството и на локални маченици за Христовото учење и Христовата вера. Во Прилепско и Битолско знаеме најмалку за три места со објекти кои упатуваат на тоа време и на мачеништвото. За жал, немаме податоци за имиња, односно за имињата на лицата чии мошти биле „корен“ на овие христијански објекти и темел на иднината на христијанството во македонскиот простор.

Правоаголна основа во карпа со вдлабен крст – крипта – „Баба – Кукул“, Дабница, Прилепско

Најпрво ќе го споменеме објектот во близина на олтарот во остатоците на една ранохристијанска црква на локалитетот „Чебрен“ кај селото Зовиќ, денес во општина Новаци. Се работи за оформена основа со правоаголна форма во камен во чија средина се наоѓа вдлабен крст со краци на повеќе нивоа кој, всушност, претставува крстовиден сад за чување на мошти на мартир (маченик).15 Таков објект, речиси, со исти димензии и исти елементи среќаваме и на локалитетот „Баба – Кукул“ кај Прилеп, во близина на селото Дабница каде, исто така, има остатоци од стара градба и, веројатно е дека споменатиот објект зафаќал позиција во градбата слична на онаа од локалитетот „Чебрен“. Во близина на објектот во „Чебрен“ се наоѓа и камена плоча украсена со детелина со четири листа на правоаголната површина, како и неколку помали по рабовите на плочата.16 Таа, веројатно, е плоча од мартириум, позната под името mensae martyrum (менза). Такви плочи, со правоаголна или кружна форма се наоѓаат на повеќе места, особено во Северна Африка, како и во Далмација, а една таква се споменува и во Рим, за која се вели дека била од гробот на св. Павле. Таа била откриена надвор од ѕидините на Рим, а денес се наоѓа на гробот на апостолот. Ваквите плочи служеле за обредите што се правеле на гробот на мартирите. Тие имале разновидни украси и писмени знаци од христијански карактер и биле дел од самиот гроб на мартирот.17

Блок со вдлабен крст – крипта вградена во ѕидот десно од апсидата на црквата во селото Манастир, Прилепско

            Еден објект, сличен на правоаголните основи со вдлабени крстови од локалитетите „Чебрен“ и „Баба – Кукул“ се наоаѓа вграден на базиликалната црква од селото Манастир, Прилепско, која претставува помал блок со крстовиден сад во средината.18 Дали овој објект е дел од објект кој претставувал мартириум во постара црква на ова место, до денес никој не истражувал. Слични објекти и појави во Македонија има и на голем број други места, особено на локалитетите со значајни антички градови или во нивната околина. Пример, со мартириум располагала и ранохристијанската базилика кај селото Паликура, во близина на Стоби, како и пронајдените ранохристијански цркви во Стоби, Хераклеја и на други места. Големиот број на такви ранохристијански објекти укажува на силниот развој на христијанската вера во Македонија и покрај силните прогони и страдања со кои се соочувале тогашните верници, особено во времето на императорите, Тибериј, Нерон, Трајан, Максимијан, Дециј и Валеријан, а посебно Диоклецијан,19 кој владееле пред веремето на Константин, кој во 313 година во Милано, Италија, издава едикт за легализирање на христијанската вера. Прогоните продолжиле и потоа, сè до времето на Теодосиј, кој во 381 година го прогласува христијанството за единствена вера во империјата. 

Плоча со детелина со четири листа од „Чебрен“

      

1 Библија, Делата… . Драган Зајковски, Христијанството во Македонија – седум слова за почетоците и за етаблирањето, Институт за национална историја, Скопје 2017.

2 Селеукија претставувала империја, која владеела со поголем дел од империјата што ја создал Александар Македонски, која од Римјаните била освоена дури во 64 година пред нашата ера. Тоа значи дека таа била владеена од Македонците околу 2,5 века.

3 Во официјалната наука, главно, се манипулира и калкулира со „Грци“ и „грчка култура“ иако е сосема јасно дека тоа не е соодветно на демографската слика на овие простори во времето на владењето на македонските кралски лози, кога Македонците, како владеачка класа биле присутни во тој простор и станале важен фактор од политичкиот и културниот развој во него.

4 Блага Алексова, Култ на мартирите во Македонија од IV до IX век, Loca sanctorum Macedoniae, Книгоиздателство Матица македонска, Скопје 1995, 4.

5 Исто.

6 Делата на апостолите…

7 Блага Алексова, Култ на мартирите во Македонија …, 5.

8 Исто.

9 Александар Миткоски, Извештај од археолошко ископување на тумул од железното време на локалитетот „Страгата“ село Крушевица, Мариово, Завод и Музеј – Прилеп, 2001 година. Тренчо Димитриоски, Локалитетот „Страгата“ кај селото Крушевица, Прилепско со остатоци од населба и тумул со културен континуитет од неколку илјади години, https://www.pelagon.mk/2019/05/23/

10 Археолошка карта на Република Македонија.

11 Исто.

12 Дела, 19: 29, Послание до Колосјаните, 4: 10, Послание до Филипинците 23.

13 https://denovi.mk/april/28-040.html

14 Блага Алексова, Драган Зајковски, Ели Луческа и др.

15 Тренчо Димитриоски, Редок ранохристијански објект – мартириум на локалитетот „Чебрен“, кај селото Зовиќ, општина Новаци, https://www.pelagon.mk/2020/05/22.

                16 Исто.

17 Блага Алексова, Мартирите …, 9.

18 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово, РАСТЕР-КОМ, Прилеп 2002.

19 Блага Алексова, Мартирите …, 4.