КАКО СЕ УНИШТУВА БОГАТОТО КУЛТУРНО И ПРИРОДНО НАСЛЕДСТВО НА ЛОКАЛИТЕТОТ МАРКОВИ КУЛИ КАЈ ПРИЛЕП
Звучи, речиси, депласирано, па и банално да се следат негативните појави поврзани со културното наследство во Македонија. Цели археолошки локалитети се уништуваат без око да им трепне на повиканите за заштита на културното наследство. Особено преку експлоатација на минерали и други природни суровини. Се уништуваат значајни споменици на културата, кои успеале да „преживеат“ илјадници години без да бидат, барем, документирани со еден обичен увид и извештај за состојбата!!!1
Тоа е речиси секојдневие, а се случува и тука блиску, пред нашите очи, покрај градовите, во самите градови и населените места. Тоа се случува и на најзначајните споменици на културата, како што е локалитетот Маркови Кули кај Прилеп. Полека исчезнуваат значајни културни, па и природни вредности од овој, особено, значаен локалитет со единствени културни и природни вредности. Тоа се случувало во минатото,2 а се случува и денес. Може да се каже дека интензитетот на бришењето од лицето на земјата на културни објекти од локалитетот, особено, е интензивно последниве години. Овде ќе наведеме само неколку примери на уништување и оштетување на делови од локалитетот и споменици од особено значење.
Порано, веќе пишувавме и изнесовме фотографска документација за уништена бања од римскиот период на локалитетот „Ташачица“, на јужното подножје на Маркови Кули.3 Овде ќе ја споменеме жалната состојба во која се наоѓаат гробниците од македонски тип на локалитетот „Крклари“ на североисточното подножје на Маркови Кули.4 Објавивме материјал за еден голем одрон на источната страна на Маркови Кули кога една голема карпа се поместила стотина метри тркалајќи се по ридот и, за среќа, застанала на безбедно место од последните куќи на градот на таа страна.5 Објавивме материјал за состојбата на делот од локалитетот на кој се наоѓа светски познатиот објект, познат како Камениот Слон,6 како и за уништувањето на значаен дел од популацијата на бадемот7 и слични други штетни појави, кои се случуваат континуирано последниве неколку години. За деструктивниот однос во изминатите децении и да не зборуваме, зашто тие се во голем број. Фактот што голем број места на локалитетот Маркови Кули со значајни културни објекти се наоѓаат во вистински депонии, исто така, не треба да се занемари.
Најнов настан е интервенцијата на непознати лица на гробницата од македонски тип позната како „Мечкина Дупка“ на јужната страна на Маркови Кули. Овој објект бил нападнат со извесни машини за дупчење и друг алат и се направени значајни оштетувања на овој инетересен културен споменик од македонскиот период. Веќе објавивме дека една од гробниците од овој тип, веќе била уништена пред неколку децении.8
До каде ќе стигнеме со ова темпо? Дали придонесуваме за усвојување на толку фалениот Предлог за прогласување на Маркови Кули споменик на природата под заштита на УНЕСКО? Ќе остане ли нешто значајно од културата за идните генерации одо вој простор? Се надеваме дека нашите согледби за состојбата на споменикот на културата Маркови Кули нема да бидат сфатени како „злобни забелешки“, зашто во основа е само нашата вистинска загриженост поради уништувањето на културно и природно богатство од непроценливо значање.
1 (https://www.pelagon.mk/2018/08/22/. https://www.pelagon.mk/2019/04/16/. https://www.pelagon.mk/2018/06/30/)
2 (https://www.pelagon.mk/2018/09/06/)
3 (https://www.pelagon.mk/2018/09/23/)
4 (https://www.pelagon.mk/2018/09/08/)
5 При тркалањето на голема карпа од ридот, уништени се културни слоеви на патот на нејзиното движење.
6 (https://www.pelagon.mk/2020/06/24/. https://www.pelagon.mk/2019/11/08/)
7 Тренчо Димитриоски, Аларма за бадемот на Маркови Кули кај Прилеп!!!. Pelagon.mk, 16.05.2018.
8 (https://www.pelagon.mk/2018/06/09/)