АНТРОПОМОРФНА СТЕЛА И ОСТАТОЦИ ОД ЦРКВА „СВ. АТАНАС“ НА ЛОКАЛИТЕТОТ „КОРИЈА“ КАЈ СЕЛОТО ЛОПАТИЦА, ПРИЛЕПСКО

На околу 200 м јужно од селото Лопатица, Прилепско, на понизок рид, се наоѓаат остатоци од култен објект, кој пред извесно време е во положба на обновување. Поширокиот локалитет е познат како „Корија“, а самиот култен објект е познат како место и објект посвцетен на светецот св. Атанас. На локалитетот, познат како „Корија“, денес се наоѓа импровизиран параклис, а во неговата околина се среќаваат повеќе археолошки остатоци, кои упатуваат на стар култен објект. Меѓу остатоците и една антропоморфна стела од домороден камен, која е поставена во исправена положба со приближна насока на широките страни исток – запад. Во горниот дел стелата била оформена како човечка глава, а од источната страна, која е и со помазна површина, се наоѓа поголем издлабен крст. Од јужната страна добро е зачуван и делот од вратот и рамото, додека од северната страна, овој надгробен споменик е оштетен, односно, откршен е делот од главата и рамото. На делот од локалитетот на кој се наоѓа антропоморфната стела и новиот параклис се забележуваат остатоци и од стара градба, односно, делови од ѕидови, обработени камени блокови со помали и поголеми димензии, како и градежен камен.  

Марија, Александра и Миле од семејството Петкоски во Лопатица на местото на параклисот

Според раскажувањето на Благоја Петкоски – Сунгерот, пред неколку дестици години, стелата била падната и неговиот татко се обидел сам да ја постави во исправена состојба. Обидувајќи се со голем напор, тој извикал: – „Каде си сега ти св. Атанасе да ми помогнеш“! Во тој момент од некаде се појавил неговиот сосед и заедно го исправиле каменот и го поставиле во исправена положба. Денес стелата е цврсто поставена во основа од цемент.

Марија и Миле со исправената стела

Освен стелата од камен, на местото и во неговата околина се среќаваат разновидни археолошки остатоци, кои укажуваат на остатоци од култура од римскиот период и доцната антика, но присуството на споменик како што е камената стела со антропоморфна естетика и форма упатува и на постара традиција и култура. Според археолозите, обележувањето на гробови со антропоморфни стели потекнува од праисториските периоди а, особено, е карактеристичен за архајскиот период (6-5 век п.н.е.). Традицијата на ваквото обележување на гробовите се зачувала и во поновите периоди, особено, во периферните делови на Пелагонија и мариово, каде се среќават бројни слични споменици, меѓу кои и со натписи од првите векови на новата ера.

На површината на теренот, во обработливите површини во близина се среќаваат рачки од керамички садови, тегови со пирамидална форма, остатоци од питоси, фрагменти од тегули и имбрекси и сл.  

ПРЕДАНИЕ

Според Благоја Петкоски, местото со денешниот параклис посветен на св. Атанас се сметало за место со црква посветена на овој светец. Благоја раскажува доживување со следната содржина:

            „Кога бев мал, на околу 13-14 години и ме испратија да ги соберам селските говеда во месотот ’Корија‘ во местото ’Батакот‘ ненадејно сретнав еден ќовек во поска облека, со антерија и петрафил. Му се обратив со зборовите ’од каде си дошол‘, а тој ми рече: ’Ќе разбереш‘. Отидов да ги соберам говедата и на враќање повторно го здогледав попот како заминува пред говедата кон групата постари луѓе од селото, кои ги пречекуваа говедата пред последните куќи. Попот помина на маестото на кое седеа луѓето, а потоа се упати кон ридот ’Цуцул‘ и замина. Кога дојдов кај групата соселани од постара возраст ги прашав дали го видоа попот и кој беше, но тие се зачудија на прашањето и ми рекоа дека не виделе никаков поп. Јас им реков дека попот замина токму меѓу нив и не е можно да не го виделе, но еден од постарите луѓе ми рече дека тој не бил обичен поп, дека тоа бил св. Атанас и дека само јас сум го видел, а тие не можеле да го видат и не го виделе.“

Параклисот посветен на св. Атанас

            Местото на кое денес е изграден мал параклис посветен на св. Атанас, порано, пред неколку десетици години и се прикажувало на сон на извесна Петкана, од долниот дел на селото. Таа тврдела дека на сон ѝ доаѓал св. Атанас и ѝ велел дека треба да се изгради негова црква на тоа место. Таа разговарала со некои жители од селото, но не успеала да ја започне изградбата. Петкана починала на сам ден Св. Атанас, на 15 мај. Тоа било своевидно чудо, претскажување и предупредување, па подоцна се започнало со иницијатива за изградба на објектот.

ОД АМБИЕНТОТ

АРХЕОЛОШКИ МАТЕРИЈАЛ – КЕРАМИКА