УНИШТЕН ИСКЛУЧИТЕЛЕН СПОМЕНИК КАЈ СЕЛОТО БУДИМИРЦИ, ОПШТИНА НОВАЦИ
Просто е невозможно човек да не биде револтиран кога ќе се соочи со ваква безумност. Безумноста се случува овде, меѓу нас, во помалите и поголемите градови, но и во недопрената природа. Онаму, каде ретко кој навраќа, каде нема никакви културни активности, каде најчести жители се дивите ѕверови и дивите животни!!!? Тешко е да се разбере некаква логика на постапката, тешко тоа да го прифати здравиот разум, зашто тоа е, речиси, трагично, апокалиптично, дотука, што се израмнува со лудилото. Кому му е во интерес да уништува вредности кои никогаш нема да се повторат? Кому му е во интерес да ги брише културните остатоци од лицето на земјата, а притоа да употребува алати и огромна деструктивна енергија за да уништи, да искрши, да здроби нешто кое некој во минатото со уште поголема енергија, вештина, дарба, знаење, чувство, љубов и дух го создавал? Не, тоа не е размислување за здрав разум, зашто не допира до никаква логика, нема логично објаснување и е навистина болно!!! Можеме ли да веруваме дека тоа го правел некој сосема свесно за да не лиши од вредност, која ја сметал „опасна“ за себе?
Во атарот на селото Будимирци, во општина Новаци е уништен редок споменик, архитектонска форма во профил на карпа со фрапантна естетика, која асоцира на архитектонските форми од античкиот град Петра во Јордан. Во недостаток на соодветен увид од наша страна, тешко е да кажеме нешто поконкретно, но добивајќи ја информацијата, не можеме, а да не се појавиме со една првична реакција, со неодминливо жалење за ваквиот, крајно, безумен чин кој, за жал, не е прв, ниту единствен, но уништувањето на објект, со ваква естетика и содржина, предизвикува на краен револт и разочарување до каде може да оди човечката безумност. Според информации од лаици се работи за некаков споменик од Првата светска војна, но соочувајќи се со естетиката, архитектонската складност и прецизност, како и со архитектонските форми и елементи, кои ги поседува овој споменик сметаме дека е потребно посебно истражување на самиот објект и неговата околина за да се идентификува времето во кое е создаден и за неговата намена. Она што може да се види од фотографија асоцира на античката уметност и архитектура, како капители и столбови со дорски и јонски стил, но и определени форми, кои упатуваат на периодот на христијанството, како една форма на Распетието Христово, изработено во релјеф на централниот простор меѓу два столба оформени на профил на поголема карпа. Целата форма, на највисокиот дел, завршува со тимпанон во чија внатрешност има и натпис, со писмо, кое не можеме да го идентификуваме од фотографијата што ни ја испрати, Игор Петровски од Битола, еден од ретките ентузијасти и истражувачи на историјата и спомениците од Првата светска војна, особено на просторите на општина Битола и општина Новаци. (На ова место, на И. Петровски мораме да му изразиме посебна благодарност за несебичноста и соработката).
Во недостаток на соодветно датрирање на објектот, дури и да се работи за споменик од Првата светска војна, фрапантна е естетиката и формита кои ги употребил непознатиот мајстор за да направи спомен обележје на извесен настан, личност или значаен датум од тоа време.
На крај, на ова површно реагирање, само ќе се запрашаме, какви сè личности постојат во нашата средина и со какви идеи (ако, воопшто, се работи за идеи) извршуваат вакви грозни дела, уништувајќи вредности, кои самите не можат ниту да ги појмат?
Фрагменти од искршените столбови и капители Изгледот на споменикот по последната деструкција Симбол во централниот дел од споменикот – десно од натписот Симбол во централниот дел од споменикот – лево од натписот Симбол и натпис во централниот дел од споменикот Распетието Христово Пред последниот напад 2