ВИНАРНИЦИ ВО КАРПА НА ЛОКАЛИТЕТОТ „ЈАДИЛЕБ“ КАЈ ГОРНО СЕЛО, ОПШТИНА ДОЛНЕНИ
Атарот на Горно Село, денес во општина Долнени, кое се наоѓа во длабоката долина од северозападната страна на култниот Златоврв на планината Бабуна, е преполн со разновидни културни содржини, кои неминовно го привлекуваат вниманието со своите културни вредности. Речиси нема место во овој атар на кое нема такви содржини. Меѓу најистакнатите се големиот број аристократски гробници од македонски (пелагонски) тип издлабени во карпа, кои ги има десетина,1 но особено впечатливи се и големиот број двојни корита издлабени, исто така, во карпа, кои се расположени во падините на Златоврв, Голем и Мал Сурун, како и во други делови од Горноселскиот простор,2 кои служеле за гмечење на грозјето и цедење на гроздовиот сок од кој се правело вино. Големиот број вакви винарници во камен упатува на развиена култура во одгледувањето на винова лоза и производство на вино во овој простор во постарите периоди. Ова, особено, важи за римскиот период во кој археолозите ги датираат ваквите објекти во камен.

Некои од винарниците во камен во Горноселско располагаат и со придружни објекти во разни форми и симболика врежана на површината на карпите во близина на објектите, кои упатуваат на ритуалниот пристап при обработката на грозјето и обраќање до богот Дионис, заштитник на лозјарството и виното. Овде ќе ги опишеме двата винарници кои се среќаваат на локалитетот „Јадилеб“ во близина на патот за Горно Село, кој минува преку Горноселска Преслап. Првиот винарник се наоѓа на пониско ниво, на ниска карпа од вулканско потекло, која е со нагласена цврстина, која му овозможила на овој објект да опстане во комплетна форма. Се работи за две правоаголни корита разделени со посебен ѕид и поврзани со отвор на дното. Објектот е расположен со приближна насока исток – запад, при што поголемото корито се наоѓа на источната, а помалото на западната страна, кон која целата површина на карпата паѓа со блага косина. Првото корито е на повисоко ниво и со блага косина на дното кон второто. Тоа е долго околу 2,5 m, широко околу 0,90 m и има длабочина до 0,30 m. Ѕидот кој ги разделува двете корита е дебел од 0,20 до 0,25 m, а помалото корито, кое се наоѓа на пониско ниво, е долго 1,2 m, широко 1 m, а од страната на ѕидот има стеснување кое е со ширина од 0,50 m и должина од 0,20 m. Веројатно е дека на дното на помалото корито има издлабено уште еден помал сад за собирање на талогот од исцедениот сок од грозјето, но бидејќи ова корито е исполнето со земја и трева, тоа не може да се потврди додека не се испразни од таквата содржина. Двата дела на винарникот заедно имаат должина од околу 4 m.

На источната страна на винарникот, во близина на коритото се наоѓа издлабен сад со кружна форма, со пречник од 0,30 m сразмерно поставен на страната на коритото, а помала кружна јама е издлабена и од страната на помалото корито, но поставена несразмерно на неговата страна, односно, се наоѓа поблизу до јужниот агол на малото корито. Овие два елементи во близина на главниот објект за гмечење грозје моежеби имале конструктивна намена, но за кружната јама од источната страна може да се размислува и поинаку. Имено, таа е со поголеми димензии и оформена во вистински сад, кој би можел да служи и за извесна религиска намена. Фактот што лозјарството и виното имале и свој бог – заштитник не наведува на помисла дека се работи за своевиден реципиент за жртви леаници, како вино, масло и сл. Сосема е веројатно дека пред да се започне со работа се правеле извесни ритуали за да се смилува богот Дионис за добар квалитет на виното од сокот кој ќе биде исцеден од грозјето, токму на местото на винарникот, а ваквиот реципиент можел да послужи за принесување жртви леанки. Култот на Дионис во Македонија бил развиен многу рано и празнувањата и ритуалите кои му се посветувале биле многу живи, проследени со многу чувства и енергија. За ова пишуваат уште најстарите познати антички автори.3 на овој култ била посветена и мајката на македонскиот крал Александар III – Македонски, Олимпија, која токму на едно такво празнување на Самотрака го запознала и својот маж, кралот Филип II – Македонски, таткото на Александар.4

Карпата на која е изработен овој објект за гмечење на грозје е со поголема површина, а објектот се наоѓа на најнискиот дел од карпестата површина, на еден дел од карпата, кој е разделен со тесен природен процеп од другиот од неа.
Вториот објект за гмечење грозје на локалитетот „Јадилеб“ се наоѓа на околу 30 m југоисточно од првиот и е, исто така, добро сочуван. Овој објект е со слични димензии, што се однесува до должината на елементите и целокупната должина, како и ширината и длабочината. Но е со поедноставни форми и нема особени белези на површината на карпата околу него. Двата дела од него – подолгото и покусото корито зафаќаат правоагола форма, со малку поедноставна обработка од првиот објект. Неговата ориентација е, приближно, север – југ, при што на јужната страна е подолгото, ана северната покусото корито.

Некои од винарниците во камен од пошироката околина, особено од областите Пелагонија и Мариово, располагаат со голем број издлабени форми по површината на карпите околу нив, кои упатуваат на некогашното постоење на своевидни надградби над самите винарници што значи дека тие биле заштитени од надворешните влијанија и сместени во специјални простории во кои се гмечело грозјето за вино. Веројатно е дека таква надградба поседувале и двата винарници од локалитетот „Јадилеб“.
Гмечењето на грозјето се правело со газење со нозе, но се употребувале и посебни направи за побрзо и поефикасно гмечење. Тоа се т.н. направи торкулари, кои служеле за гмечење грозје и друго овошје, како и маслинки.5
За ваквите направи и за обработката на грозјето и правењето вино пишувале поголем број автори од антиката, како Плиниј Постариот, Ксенофон. Хорациј, Вергилиј, Сенека, Демокрит и др.6

Кога сме кај винарниците во камен интересна е нивната врска со делканите гробници во камен од македонски (пелагонски) тип кои, исто така се во исклучиво голем број во атарот на ова село. Иако е тешко да се утврди датирањето на објектите работени во камен, пред се заради специфичноста на каменот, самиот факт на голем број мајсторски обработени објекти во камен заедно со гробниците упатува на некакво заедништво и заедничко потекло. Оттаму, имајќи го предвид датирањето на гробниците, според сличните наоди на други места и археолошкиот материјал во нив во III и II век пр. н.е. не наведува на помислата дека и голем број на винарниците во камен можат слично да се датираат. Се разбира нивната традиција веројатно е подолга и постои можност многу од нив да водат потекло од пораниот или подоцнежниот период.

Винарниците од „Јадилеб“ се опкружени со локалитети од нивната блиска околина, кои располагаат со завидна култура од различни периоди на антиката. Од неговата јужна страна, на растојание од неполн километар се наоѓаат локалитетите „Грамаѓе“ и „Асаница“, кои располагаат со култура од македонскиот период,7 а од североисточната страна, на локалитетот „Грло“ се наоѓа и една од аристократските гробници од македонски тип. Од северната страна, во долината и на падините на Златоврв, на локалитетот „Чардак“ се сречаваат остатоци од интересна населба, повторно од антиката, веројатно од македонско-римскиот период. Ваквата положба и опкружување наведуваат на размисла и анализа на културата поширокиот простор околу „Јадилеб“, како и за идентификување на населбата чии жители ги користеле овие два објекта за правење вино.
1 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација I – археологија, митологија, преданија, Прилепско“, ЦПРТВ – Прилеп, Прилеп 2000, 121 – 126.
2 Исто, 130, 131.
3 Особено е интересен описот на празнувањето на празнкот посветен на Дионис во трагедијата „Бакхи“ од Еврипид (Аврипид, Хиполит, Ифигенија во Авлида, Бакхи, превод од англиски Даница Чадиковска, ЗУМПРЕС, Скопје 1905).
4 Плутарх, Александар Македонски, Славните ликови од антиката, избор од Споредбени животописи, превод, увод и белешки – Милош Ѓуриќ, Матица српска, Нови Сад, 1978 (за Олимпија на стр.102).
5 Александар Миткоски, Стари винарници од прилепскиот крај, Македонско наследство, бр. 6, Скопје 1998, 38, 39.
6 Исто, 38.
7 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација I …, 126 – 128.
ВИНАРНИК 1
Винарник 1-2 Винарник 1-4 Винарник 1 – мало корито Винарник 1 – мало корито – 2 Винарник 1 -со реципиент од источната страна Винарник 1 – 5 Винарник 1 – 6 Винарник 1 – 7 Винарник 1 – 8 Винарник 1 – со реципиентот и двете корита Винарник 1 – со реципиентот и двете корита од запад
ВИНАРНИК 2
Винарник 2-7 Винарник 2-6 Ѕидот кои ги разделува двете корита на винарник 2 Малото корито на винарник 2 Винарник 2-4 Винарник 2-2 Винарник 2 -1