ИНТЕРЕСЕН ЛОКАЛИТЕТ СО УТВРДУВАЊЕ КРАЈ ПАТОТ ПРИЛЕП – ВЕЛЕС ПРЕКУ ПРЕВОЈОТ ДЕРВЕН
Некои делови од околината на Прилеп се преполни со остатоци од материјална култура од различни периоди. Ова, особено, важи за делот од северната страна на градот тргнувајќи од периферијата на која се наоѓа прилепската касарна во правец на север. Интересни остатоци од стара култура се констатирани и на просторот на касарната. Таму, е констатиран гроб од железното време. Тој бил пронајден во непосредната близина на касарните, од јужната страна и бил граден од камени плочи. Во гробот се пронајдени еден керамички сад и два висулци со форма на очила.1 Во продолжение кон север, само на неколку стотици метри, се наоѓа локалитетот „Каменица“ со остатоци од населба од праисторијата, поточно, од енеолитот.2 На самиот локалитет „Каменица“, како и во непосредната околина од западната, како и од северната страна се среќаваат остатоци од култура од поновите периоди, како гробови во камен, керамички фрагменти и сл.3
На североисточната страна на „Каменица“, на околу 300 до 400 m, на локалитетот „Чаир“ се наоѓа една тумба со форма на купола со зарамнето плато на врвот, опкружено со помали и поголеми карпи, исто така, со остатоци од стара култура. Токму на ова плато, како и на падините на ридот се среќаваат фрагменти од керамички садови, тегули и друг археолошки материјал, кој упатува на македонско-римскиот период. На оваа тумба се среќаваат и остатоци од извесно обѕидие, како и поголем број зарежани форми по карпите, особено на оние поблиску до работ на платото. Некои од карпите биле обработувани и прилагодувани за конструктивна намена, односно, вклопувани во извесни градби од малото утврдување. Присуството на бројни фрагменти од керамички садови, тегули, керамички тегови со пирамидална форма и слични остатоци упатуваат на постојан престој на луѓе на овој локалитет, односно во утврдувањето, кое може да биде и мала акропола од соодветна населба од македонско-римскиот период, која имала посебна улога покрај стариот пат кој, минувајќи го превојот „Дервен“ води преку планината Бабуна. Всушност, можеби ова мало утврдување бил пункт за заштита на патот или некоја друга улога поврзана со оваа значајна комуникација.
ФРАГМЕНТИРАН ВИНАРНИК И ГРОБОВИ ВО КАРПА ВО ПОДНОЖЈЕТО НА ЛОКАЛИТЕТОТ
На подножјето од јужната страна на споменатата тумба со остатоци од мало утврдување, на околу 300 m лево од патот кој води кон Прилепското Езеро, во јужното подножје на тумбата на локалитетот „Чаир“ се наоѓа винарник од типот – двојно корито изработен на ниска карпа. За жал, објектот е во голема мерка уништен од двете страни и сочувани се само дел од големото и дел од малото корито, со тоа што денес се забележува форма како бројот 4. Винарникот е расположен во правецот, север – југ, со тоа што големото корито е од северната, а малото од јужната страна. Во околината има и други обработени форми по карпите но, исто така, уништени или оштетени со експлоатација на гранит. Некои од нив се остатоци од гробови издлабени во карпа. На тумбата од северната страна се среќаваат остатоци од тврдина и други градби, како и фрагменти од тегули, керамички садови и сличен археолошки материјал, кој упатува на македоснко-римскиот период.
Одејќи кон север и северозапад, околината изобилува со културни остатоци, како од праисторијата, така и од периодите, кои следат потоа. Особено е интересен локалитетот „Баба – Кукул“, кој е вистинска природна атракција со разновидност од природни форми од вулканско потекло и е преполн со разновидни археолошки содржини.4 Од двете страна на овој рид со голема камена форма поради која е наречен „Баба“ и голем број искуклени форми од карпи од кои еден дел од ридот бил наречен „Кукул“, се среќаваат културни остатоци од разновидно потекло, меѓу кои и две аристократски гробници издлабени во камен.
На крајот, мораме да изнесеме една констатација поврзана со остатоците на културата од поширокиот простор на локалитетот со тумбата на „Чаир“. Ценејќи дека се работи за помало утврдување, кое било во рамките на помала населба, може да се каже дека било во извесна културна и општествена и стратешка врска со населбата со тврдина на блискиот локалитет „Баба“, кој се наоѓа на неполн километар северно. На „Баба“ има остатоци од многу поголема населба со силно утврдување, која има културни остатоци уште во праисторијата и егзистирала и во македонско-римскиот период, доцната антика и средниот век,5 па може да се каже дека утврдувањето од „Чаир“ служело како своевидна претстража и заштита на позначајната населба. Аргумент за ова може да биде и неговата природна доминантна положба и близината до овој патен правец.
1 Археолошка карта на Република Македонија, 309.
2 Исто. Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација I – археологија, митологија, преданија, Прилепско, ЦПРТВ – Прилеп, Прилеп 2000, 136 – 138.
3 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација I…, 137.
4 Исто, 138 – 144.
5 Исто.
ОД АМБИЕНТОТ НА ЛОКАЛИТЕТОТ И ОКОЛИНАТА
АРХЕОЛОШКИ МАТЕРИЈАЛ
Керамички тег со пирамидална форма со врежан крст Фрагменти од керамички садови Фрагмент од тегула Керамички тег во форма на пирамида Керамички тег во форма на пирамида 2 Дно од керамички сад Устинка од керамички сад Парче од железна згура Тег со кружен пресек – фрагмент Керамика на самиот терен Повеќе парчина од железна згура Две рачки од помали керамички садови Устинка од помал керамички сад Фрагмент од керамички сад со боени делови Група фрагменти од керамички садови Поголем фрагмент од керамички сад Поголем фрагмент од керамички предмет Рачка од керамички сад од ребрест тип Устинка од керамички сад со подебели ѕидови Рачка со кружен пресек Дно од керамички сад со поквалитетна изработка Рачка од помал керамички сад Устинка од керамички сад – чинија