ЗА БУДНОСТА И НЕЛОГИЧНИОТ МЕНТАЛЕН СВЕТ

(Или „на кое дереџе сме?“)

Некои „умници“ остро реагираа на изјавите и предупредувањата на претседателот на МАНУ (Македонска академија на науките и уметностите) Љупчо Коцарев дека последниот удар во нападите на македонистиката се насочени кон Блаже Конески и катедрите по македонски јазик и македонска книжевност. Укажувањата на претседателот на МАНУ треба сериозно да се разберат, зашто нападите на македонизмот, како и на Блаже Конески се сериозни и континуирани за цело време на активната бугарска пропаганда. Омаловажувачки, негаторски, бескрупулозни, без пардон!!! Од типот „се е б’лгарско“ њама македонско“. Тоа го потврдуваат сите изјави и ставови на бугарските политичари, особено последниве години, но и на голем број научници од областа на историјата, политикологијата, етнологијата, етимологијата, лингвистиката, филологијата. Врв на тоа негирање и пропагандистички атак врз македонизмот, Македонците и македонскиот јазик и идентитет се ставовите искажани на седница на бугарскиот пандан на МАНУ, на врвната научна институција во Бугарија, БАН (Бугарска академија на науките) дека македонскиот јазик не постои и оти тој е „писмено-регионална норма“ на б’лгарскиот јазик и дека „македонската позиција е лажна и неприфатлива и ги нарушува односите меѓу двете соседни држави“!!? Ваквите ставови се јавно и јасно изнесени од членовите на БАН како реакција на Повелбата на МАНУ од 3-ти декември 2019 година, која се однесува на македонскиот јазик, односно на неговата заштита, истражување и афирмација.

КАКОВ МЕНАТЕЛЕН СВЕТ

Може ли да биде појасно и кому не му е јасно? Особено во контекст на активностите за менување на учебниците по историја, јазик и другите во кои има квалификации поврзани со македонската историја, јазик, култура и идентитет. Што би станало ако тоа го бараат и другите соседни држави, како и некои малцинства во Македонија, кои слично се произнесуваат кон основните македонски вредности? Ќе има ли крај ваквиот однос кон толку сериозни вредности, воопшто? Јасно е кон што води тој недостоен однос за сериозни политичари, научници, интелектуалци, па и за обичниот човек!  Што претставуваат во тој однос Европа, Европска заедница, демократијата, личните права и слободи? Во кој ментален свет ги вклопуваат своите активности за интеграција и своите ставови во однос на бескрупулозните притисоци врз Македонците за откажување од македонскиот идентитет, јазикот, историјата и културата и во кој и каков ментален свет живеат некои истакнати Македонци, кои се вклопуваат во тоа бескрупулозно негирање и притисок за прифаќање на „новата нормалност“? Уште повеќе, сакаат да нè воведат сите во тој свет на нелогика, на прифаќање на нелогиката како начин на размислување и однесување! Сакаат да нè убедат дека негирањето и непочитувањето на туѓото постоење и на правото на самоидентификување, правото на лично име и правото на мисла и на слобода е новата вредност со револуционерна сила!!? Таква што ќе не воведе во светот на „повисоките вредности“!!?

ДВЕ „МУВИ“ СО ЕДЕН УДАР

Фактот дека Блаже Конески, како македонист, околу 80 години е трн во окото на бугарската негаторска политика (а политиката која ја води Бугарија кон Македонија не може никако поинаку да се нарече, освен пропаганда насочена за асимилација на македонскиот народ започната пред повеќе од 1,5 века), како што е трн во окото и Филолошкиот факулетет во Скопје, кој го носи неговото име. Особено катедрата за македонски јазик и катедрата за македонска книжевност. Јасни се пораките дека проблемот ќе биде решен кога „ќе сфатиме дека „сме един народ во две држави“ и дека македонски јазик „њама“.

Б. Конески
Филолошки факултет

Се разбира дека им веруваме на раководството и професорскиот кадар на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ дека во нивната образовна институција „никогаш немало идеја за укинување“ на споменатите катедри, но многу нешта и вредности во нашата понова историја, кои ги сметавме за неменливи веќе се изменија!!! Од друга страна, со реформирање на Филолошкиот факултет и на споменатите катедри, особено со преименување, антимакедонистите би постигнале голем успех – би убиле две „муви“ со еден удар. Ќе се ослободат од афирмацијата на името на еден од најголемите научници и еден од создавачите на современиот македонски јазик, Блаже Конески и од афирмацијата на македонскиот јазик преку дејноста на двете споменати катедри. Чудно е само тоа што некои „високосвесни“ кадри од споменатите институции се почувствуваа „високонавредени“ од изнесеното мислење на претседателот на МАНУ за нападите врз македонизмот, па експресно брзо и, би се рекло, фрустрирано реагираа истакнувајќи дека се работи за „невистини и манипулации“. Дали се само тоа? Можеа ли тоа да го прифатат само како предупредување на еден искрен добронамерник, кој логично размислува и има храброст да го изнесе своето размислување. Предупредување за „недајбоже“ од такво нешто, односно, предупредување дека може да се случи она што се „крои“ во умовите на оние, кои се спротиставуваат дури и на придавката „македонски“. Оние, кои водат битка и против една обична придавка, а каков е нивниот став за институции со научен и вредносен габарит со македонски идентитет и да не говориме. Секако не е, особено, пријатен и добронамерен (за жал!). Ете, виновен е човек и да се произнесе за вакви нешта, за политиката на ништавилото, особено за своите и особено, за оние, кои се обидува да ги поттикне да бидат будни, заедно со нивните институции на кои, како што се прознесуваат, се особено горди!!? Обидот за предупредување и будност го доживеаја како крајно опасен напад на нивниот интегритет, а особено на нивната гордост!!?

Универзитет„Св. Кирил и Методиј“
БАН

            Реагираа ли истите на цврсто изнесените ставови од страна на БАН дека „њама македонски јазик“ и дека „македонската позиција“ им штети на односите меѓу двете соседни земји? Мислам дека не. Можеби и не забележаа дека една врвна научна институција на соседна земја го негира постоењето на нивниот основен предмет поради кој се формирани и поради кој постојат!!! Чуден е тој свет кој не реагира на најекстремните напади и негирање, а реагира на изнесено мислење, став и предупредување. Зашто кој и да е, како припадник на еден идентитет, ако е негиран и омаловажуван на најбескрупулозен начин, дека „не постои“, дека е лажен („лажна позиција“) и дека како таков „ги нарушува односите меѓу двете соседни држави“, па дури и од врвна научна институција во една држава (БАН), не може да не се почувствува понижено и предизвикано и револтирано. Згора на тоа, дури и ако искаже обично мислење, како најобична реплика на екстремно искажаното да биде прогласен за негативец, радикален елемент.