ФАСЦИНАНТНО КАЛЕ ОД ПРАИСТОРИЈАТА НА ПОВИСОКИОТ ВРВ „ТУМБА“ ВО БЛИЗИНА НА ЛОКАЛИТЕТОТ „МЕЧКА“, КАЈ СЕЛОТО СЕЛЦЕ, ПРИЛЕПСКО
Може да се каже дека локалитетот „Мечка“ кај селото Селце, Прилепско, со својата блиска околина претставува вистинки културен феномен. Додека „Мечка“ е фасцинантен локалитет со исклучителна природна естетика од искуклени камени форми, кои прикажуваат разновидни зооморфни или антропоморфни ликови, како и завидни остатоци од култура од енеолитот, бронзеното и железното време, со тврдина на највисокиот дел, во неговата блиска околина се наоѓаат уште неколку локалитети со интересна култура. Овде ќе се осврнеме на еден локалитет, кој се наоѓа на само 200 m источно од „Мечка“, кој претставува тумба со рамно плато обградено со голем број карпи. На ова плато, како и на падините на тумбата се среќаваат интересни археолошки остатоци, главно од праисториските времиња, како фрагменти од керамички садови, камени орудија, но и видливи остатоци од ѕидишта кои го заштитувале просторот на највисокиот дел на тумбата. Самата комуникација меѓу двата локалитети е со поблага падина, што упатува на помисла дека биле во заемна културна врска во определено време од праисторијата. Интересен е фактот што и двата располагаат со заштитен ѕид, односно претставувале две засебни калиња кои, веројатно, биле во извесна заемност и биле користени од жителите на овој простор за особена намена – односно, служеле за живеење, за заштита или култно-религиски активности.
Локалитетот „Тумба“ доминира над пошироката околина, како и над неговиот близок локалитет „Мечка“, кој е на пониско ниво. Од северната и јужната страна „Тумба“ се одликува со стрмни падини, кои тешко се освојуваат, додека од западната (од страната на „Мечка“) и од источната има поблаг пристап. Особено благ е пристапот од источната страна, по сртот на планината, кој на исток води кон повисоки врвови. Видливи остатоци од заштитениот ѕид се зачувани на југоисточниот дел на тумбата, во понискиот дел, под рамното плато. Ѕидот бил „вклештен“ меѓу грамадните карпи, кои често го привлекуваат вниманието со своите искуклени и разиграни форми. Мали остатоци од ѕидот можат да се забележат и од северната, како и од западната страна. На некои делови се среќаваат остатоци од сувоѕид со големи камени блокови, необработени или делумно обработени. Една партија од цврст ѕид се забележува пониско од рамното плато на источната страна каде ѕидот бил „вклештен“ меѓу големи карпи, а потоа продолжувал кон север, заобиколувајќи го земниот дел од површината на врвот. На некои од карпите можата да се забележат и помали или поголеми издлабени форми, главно со кружен отвор. Ѕидот заградувал површина од околу 300 до 400 m2, но со прецизно мерење оваа површина може да биде помала или поголема. Од јужната страна на „Тумба“ има неколку тераси меѓу карпите на кои, исто така, се среќаваат археолошки остатоци, главно, фрагменти од керамички садови, кои биле со разновидна големина. Токму на таа страна, на карпите блиски до платото, се среќаваат и поголеми површини, прилагодени за извесна конструктивна намена, односно, биле дел од старите градби во времето на активното користење на локалитетот.
На горното плато, можат да се сретнат голем број керамички фрагменти но, главно, помали форми и без особени белези. Неколкуте фрагменти со обележја, кои ги сретнавме на овој терен, асоцираат на праисторијата, особено на бронзеното и железното време, но за попрецизно датирање потребно е мпосериозно истражување од соодветни стручњаци од областа на археологијата. Тој дел од локалитетот, во средишниот дел, располага со една помала исправена карпа, природна форма, која изгледа како своевиден споменик, а на источната страна се среќава и една мала карпа, која била столбесто оформена.
Во пошироката околина, надвор од утврдениот дел, во очи паѓа една огромна карпа од источната страна со столбести форми, но и со профили, кои особено го привлекуваат вниманието и претставува вистински природен споменик. На некои делови надвор од утврдувањето, повторно, се среќаваат извесни археолошки наоди, особено фрагменти керамички садови, но од подоцнежно време. На источната страна, површината на ридот е посебно привлечна, со рамни зелени површини и простори заштитени со карпи со профили со голема површина, кои местото го прават пријатно за престој, со нагласена топлина.
ОД АМБИЕНТОТ НА КАЛЕТО И БЛИСКАТА ОКОЛИНА
АРХЕОЛОШКИ ПРЕДМЕТИ
Керамички фрагменти од околината од поновите периоди Праисаториска керамика од „Тумба“ – фрагменти од поголем сад Праисаториска керамика од „Тумба“ – фрагменти од поголем сад 2 Керамика – фрагменти од садови Фрагмент од керамички сад од понов период Фрагмент од керамички сад од праисторијата Два фрагменти од керамички садови од праисторијата Фрагмент од керамички сад Фрагменти од керамички садоови со погруба форма Фрагмент од керамички сад – устинка со брановидна форма Фрагмент од камено орудие Фрагмент од камено орудие 2 Фрагмент од керамички сад – устинка со брановидна форма 2 Фрагмент од керамички сад – устинка со брановидна форма 2