КАРПА СО КУЛТНА СИМБОЛИКА ВО ПРОСТОР СО БОГАТСТВО ОД ПЕЛАГОНСКА КУЛТУРА КАЈ СЕЛОТО ЛОПАТИЦА, ПРИЛЕПСКО
Атарот на селото Лопатица, Прилепско, кое се наоѓа на околу 30 км југоисточно од Прилеп, во подножјето на Селечка Планина, е преполн со културни остатоци од повеќе периоди. Особено е интересен просторот во самото подножје на планината, кој располага со голем број грамадни карпи со фасцинантен изглед околу кои се среќаваат разновидни остатоци на материјална култура. Самите карпести тумби и посебни карпи со необичен изглед го привлекле вниманието на луѓето уште во подлабоката праисторија, особено во енеолитот и бронзеното време. Такви остатоци, од интересна населба се среќаваат на локалитетот „Голем Камен“,1 кој се наоѓа во близина на селото и кој, за жал, беше нападнат од фирма за експлоатација на гранит при што дел од него беше девастиран, односно, трајно оштетен и уништен, особено, дел од природниот амбиент во кој егзистирала старата населба.
Токму во околината на споменатиот локалитет се среќаваат голем број други културни остатоци, исто така, од различни периоди, како од праисторијата и антиката, така и од средниот век. Една карпа со исправена форма, со столбест долен дел и горен дел во форма на глава била култно третирана во извесни периоди. Карпата е висока околу 2,5 m и е со привелечно внимание од сите нејзини страни. На нејзиниот северен профил, во широки ниши со неправилна природна форма се среќаваат два вида симболика. На десната ниша се среќава издлабен крст со постамент со димензии на краците 0,25Х0,15 m, а во широката лева ниша на северниот профил, на мало растојание од претходниот симбол, се среќава извесна симболика со мали кружни јами, најмалку 4, а во погорниот дел има и една помала ниша со малку закосено дно кон десно. Двете површини со симболика се во заштитен дел, наткрилен со проширениот дел од карпата во горниот дел. Сето тоа на карпата и и дава интересен изглед на менхир со потесен и столбест долен дел и раширен топчест дел во горниот дел. При дното од западната страна карпата била обработувана и на тој дел се појавува мала форма на тераса, а на околу 1 m над неа една помала, грубо оформена ниша.
Во поблиската околина се наоѓаат поголеми карпи на кои се среќаваат и некои погрубо обработени делови, кружни садови, правоаголно оформени делови и сл. Во поширокиот простор, освен погореспоменатиот локалитет со населба, се среќава и локалитетот „Кукулајца“,2 кој претставува голема карпа со антропоидна форма, малку подалеку е локалитетот „Црвеница“, повторно голема карпа со куполеста форма, која располага со цртежи во ниша и култна патека, која води до нив, како и разновидни археолошки остатоци во нејзината близина.3 Сите три локалитети, „Голем Камен“, „Кукулајца“ и „Црвеница“ се наоѓаат во една редица во подножјето на планината, а на нив се надоврзува уште еден локалитет со мала пештера, која располага со симболика од мали кружни јами.4
Археолошки остатоци има и на другите простори, во близина, а на околу 300 m од карпата со култна симболика се наоѓаат и остатоци од стара црква, која според жителите на селото била посветена на „Св. Никола“.5 Мора да се истакне и тоа дека во поширокиот простор, со блиска визуелна комуникација се наоѓа и врвот Висока на Селечка Планина, каде се наоѓаат остатоците на монументална градба од големи камени блокови, како и стара тврдина.6 Има претпоставки дека на Висока се наоѓал центарот на старото кралство на Пелагонците, кое прекинало да постои во времето на македонскиот крал Филип II Македонски, како и претпоставки дека се работи за остатоци на стариот град Пелагонија.7 Ако на ова се надоврзе и фактот дека во самото подножје на Висока, односно, на локалитетот “Павла Чука“ меѓу селата Подмол и Бонче, се наоѓаат и остатоци од монументална гробница, која секако му припаѓала на некој крал од четвртиот век пред нашата ера,8 овој дел од Пелагонија, на самиот нејзин раб, добива слика на простор со исклучително богатство од стара култура. Токму во таков простор се наоѓа и објектот во карпа со култна симболика во близина на селото Лопатица. Тој, во најновите времиња се нашол во рамките на приватен имот, односно, трло и гумно на семејство од селото. Дека се работи за културен споменик од посебен вид немаме сомневање, но и како споменик од старата пелагонска култура. Сосема веројатно е дека со својата форма карпата предизвикала внимание уште во подлабоката праисторија, од кога, веројатно, потекнува симболиката со мали кружни јами, а традицијата на култно третирање продолжила и во христијанскиот период, од кога потекнува формата на крст издлабена на нејзиниот северен профил. Посебните обработени делови на карпата, особено од подножјето на западниот профил упатуваат на дополнителни конструкции поврзани со овој култен објект, кои денес се изгубиле.
1 Александар Миткоски, Извештај од извршен увид на локалитетите „Големи Камен“ и „Ѓупска Пештера“ кај с. Лопатица, Завод и Музеј – Прилеп, 1. Тренчо Димитриоски, Древна Пелагонија I, Ризница – Прилеп, Прилеп 2009, 48 – 52.
2 Тренчо Димитриоски, Древна Пелагонија I, …, 51.
3 Исто, 52 – 57.
4 Исто, 57, 58.
5 На ова место има остатоци од градба со малтер, како и еден фрагмент од поголем мермерен столб и фрагменти од тегули, керамички садови и сличен археолошки материјал.
6 Тренчо Димитриоски, Древна Пелагонија I, …, 15 – 20.
7 Виктор Лилчиќ – Дејан Кебакоски, Скопје, Историјат на истражувањето и убицирањето на античкиот и средновековен град Пелагонија, Македонско наследство, списание за археологија, историја на уметноста и етнологија, година X, бр. 27, „македонска цивилизација“, Скопје 2006, 23 – 28.
8 Тренчо Димитриоски, Древна Пелагонија I, …, 21 – 22. Ivan Mikulčić, Pelagonija u svetlosti arheolo[kih nalaza, Arheološko društvo Jugoslavije, Arheološki muzej – Skopje, 1966, 62, 63.