ЛОКАЛИТЕТОТ „УМЕЦ“ ПРЕД СЕЛОТО МАЛО МРАМОРАНИ И ПРЕДАНИЕТО ЗА НЕГО

Едно ритче кое се наоѓа на југоисточната страна на селото Мра­мо­рани, Прилепско, вниманието го привлекува со една правоаголна конструкција од неколку камени блокови и едно осамено зимзелено дрво на неговиот највисок дел. Правоаголната камена форма потсетува на некоја стара осамена гробна конструкција, која одамна е за­бо­равена од жителите на селото. На извесно значење на ритчето укажува инспира­тив­ното име „Умец“, кое го носи денес ова место. Дека споменатата камена конструкција не е случајно тука потврдуваат и, главно, ситните фрагменти од керамички садови, кои се сре­ќаваат на горната површина на ритчето, како и извесни кружни јами по ретките и ма­ли кар­пи. Керамиката е атипична, односно, без особени белези, и поради тоа тешко е да се ка­же од кој период потекнува. Ако се оценува според квалитетот на изработката, на­гла­се­ната црвена боја и танките парчиња, може да се претпостави дека културните оста­тоци на овој локалитет потекнуваат од раната антика. Сепак, тешкот да се потврди без соод­вет­но археолошко истражување. Под должината на ритчето, во правецот север – југ се про­те­га една издолжена форма за која претпоставуваме дека е остаток од некој стар ѕид.1

Локалитетот „Умец“ од исток

Според преданието кое се зачувало меѓу жителите на селото Мраморани, на овој локалитет имало извесни стари гробови, за кои раскажувале уште постарите претци. Тие раскажувале и едно предание, кое гласи:

– Во старо време, некои луѓе се опкладиле. Еден од нив рекол дека ќе пој­де на ритчето ноќно време и дека на него ќе закачи еден нож. Човекот носел некоја долга наметка или слична облека и кога отишол на ритчето, закачувајќи го ножот го потфатил долниот дел од долгата облека. Човекот помислил дека го дофатил духот на некој од погребаните во гробовите на ритчето, многу се исплашил и испуштил душа на самото место.2

Правоаголна конструкција од големи камени блокови на л. „Умец“

Можеби токму преданието укажува на настанокот на името на овој локалитет „Умец“, односно тоа е пример дека кога нешто се прави треба да се прави разумно, со ум, а не брзоплето и необмислено.

Карпа со симболика со врежување источно од „Умец“

Во близина на „Умец“, од неговата источна страна има карпи на кои се среќава и извесна симболика направена со врежување. тешко е да се утврди за каква симболика се работи, но фактот што карпите се на само 50 до100 метри оддалкечени од локалитетот упатува на извесна корелација со културните содржини од „Умец“. Исто така, локалитетот „Умец“ се наоѓа на околу 300 до 400 m растојание, западно од локалитетот „Самовилец“, кој располага со остатоци од богата култура од енеолитот и бронзеното време, односно остатоци од праисториска населба од тие периоди, која била расположена околу една култна карпа. Тој се наоѓа во атарот на напуштеното село Големо Мраморани. Сосема е веројатно дека „Умец“ е во извесна корелација со него, како и со остатоците на материјалната култура во самото село Мало Мраморани. Во централниот дел на ова мало село денес се среќаваат остатоци од стара градба, кои археолозите ги идентификуваат како остатоци од римскиот период и стара црква.3

1 Тренчо Димитриоски, Древна Пелагонија I, Ризница – Прилеп, Прилеп 2009, 131, 132.

2 Исто.

3Археолошка карта на Република Македонија, 303.