УБАВО СОЧУВАН ВИНАРНИК ВО КАРПА ОД АНТИЧКИОТ ПЕРИОД НА ЛОКАЛИТЕТОТ „ПАДАРНИЦА“ КАЈ СЕЛОТО ДАБНИЦА, ПРИЛЕПСКО

Долината која се протега од селото Дабница, кон градот Прилеп е расположена помеѓу два поголеми рида од планината Бабуна, зштитена од сите страни освен од југ, од каде е отворена кон Пелагонија. Можеби, токму природната погодност била еден од главните услови од двете страни на Дабничка Река (Дабничица) многу рано да се развие одгледувањето на винова лоза. Дури и денес, кога оваа земјоделска гранка во Прилепско е значително запоставена, во оваа долина се среќаваат повеќе добро зачувани лозја. Од друга страна, на многу места се гледаат површини со стари и напуштени лозја, за кои не се знае од кога потекнуваат. За нивното старо потекло, особено, сведочат големиот број објекти изработени во камен, кои служеле за гмечење на зрелото грозје и за цедење на гроздовиот сок, кој потоа се собирал во земјени или метални садови и се правело вино. Токму големиот број објекти во камен – винарници говори за тоа дека лозјарството во определени периоди било главна земјоделска гранка, а со тоа и производството на вино. За жал, малку знаеме за тоа производство во овој крај во постарите периоди а, особено, малку знаеме за производството на вино, за сортите грозје, за начинот на подготовката на вино, за мешавината на сортите за производство на вино и другите активности и производи од грозје. Од друга страна, големото присуство на камени винарници, токму во споменатата долина, упатува на развиено одгледување на винова лоза во тој дел од Прилепско уште во античкиот, а можеби и во постарите периоди. Иако, ваквите објекти за археолозите се споменици од римскиот период, можеме слободно да истакнеме дека одгледувањето на винова лоза е многу постаро од тој период, што значи таа била присутна и во македонскиот период, односно во раната антика и постарите периоди. За објектите во камен, кои се идентификувани како објекти за гмечење грозје, односно, за цедење гроздов сок, како почетна активност при подготовката на вино, нема соодветна аргументација дека за првпат почнале да се изработуваат во римскиот период, односно дека потекнуваат од тој период. Тие, секако се карактеристични за простори во кои има карпести предели, особено, предели со карпи од вулканско потекло во кои најчесто биле изработувани. Токму таков предел е поголем дел од прилепскиот регион и во него има стотици такви објекти.

Винарникот од локалитетот „Падарница“ од исток

Овде, преку фотографија и краток текст ќе претставиме еден таков објект, кој се наоѓа на десната страна од патот за селото Дабница, на локалитетот познат како „Падарница“. Тој посебно се издвојува со добрата зачуваност на двата дела. Првото корито е со димензии од околу 1,8 m должина, 0,80 ширина и до 0,40 m длабочина, а второто, кое е одделено со ѕид со дебелина од околу 0,25 m има димензии од околу 0,80 должина и слична ширина, како и длабочина до 0,40 m и, при дното, е поврзано со првото со отвор со кружна форма со пречник од 0,10 m.

Винарникот од локалитетот „Падарница“ од север

Објектот се наоѓа на помала ниска карпа, која делумно била обработена и е со закосена површина од големото кон малото корито. Насоката на објектот е зависна од насоката на карпата, која има издолжена форма, односно, приближно запад – исток. Во околината на овој винарник во карпа и денес има повеќе зачувани, како и стари напуштени лозја, кои се своевидна потврда за неговата намена. Винарникот за кој станува збор зазема, извесна, централна положба во долината, на слично растојание од неколку локалитети со култура од повеќе периоди. Од неговата источна страна се наоѓа локалитетот „Баба“, со култура од праисторијата, антиката и средниот век, на северната страна се наоѓа врвот „Единак“, со остатоци од тврдина од доцната антика, а во непосредна близина на винарникот, од неговата северозападна страна има локалитет со остатоци од култура од праисторијата, македонско-римскиот период и средниот век. Високо, на запад винарникот „комуницира“ и со врвот Златоврв, во чие подножје, на локалитетот „Трескавец“, има остатоци од бронзеното и железното време, како и од раната и доцната антика и средниот век, а денес егзистира познатиот и стар манастир, „Успение на Пресвета Богородица“.

Винарникот од локалитетот „Падарница“ од исток 4

Сите овие нафрлени информации упатуваат на значењето на долината во која се наоѓа овој винарник во сите споменати периоди, а објектот кој, овде, го претставуваме е само еден културен споменик, од еден од тие периоди.